Со традиционалното читање на антологиската „Т’га за југ“ на Константин Миладинов пред Домот на поезијата во Струга, вечерва свечено ќе биде отворено 55. издание на Струшките вечери на поезијата.
Од 24 – 29 август, Струга ќе биде домаќин на 32 поети од 30 држави во светот кои ќе ја слават поезијата и нејзиното значење и влијание во светот.

По официјалното отворање, следува и меѓународно поетско читање, како и претставување на портретот на Виолета Танчева – Златева, добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“. Поетски портет ќе добие и Руна Светликова, која е добитник на наградата „Мостови на Струга“ која се доделува на најдобрата дебитантска збирка поезија.
Како што веќе ни е познато, овогодинешна добитничка на „Златниот венец“ е канадската поетеса и писателка, Маргарет Атвуд. Нејзините песни ќе бидат објавени во посебна антологија, а традиционалното садење дрво и поетско читање кое секоја година се прави во чест на добитникот на „Златниот венец“ ќе се одржи во сабота (27 август).
Нејзиниот поетски потрет ќе биде направен пред цркавата „св. Софија“ во Охрид. Имено, најавено е дека на настанот ќе присуствуваат и новинари од неколку шпански весници кои ќе направат репортажа за Маргарет Атвуд и за СВП. Се очекува таа да пристигне на 26 август и да остане до 1 септември.
Она што се истакнува како новина е активноста „Поетско кафе“ на кое ќе се отвораат скокотливи и интересни прашања од областа на поезијата и книжевноста. Дополнително, поетските портрети ќе имаат малку поинаков концепт од вообичаеното, со цел повеќе да се допре до публиката. Мите Стефоски од Управниот одбор на СВП им пренесе на медиумите дека годинава ќе им се обрне внимание и на малцинските јазици или јазици кои не се во официјална употреба, а ќе биде презентирана и антологија на современата австралиска поезија.
Секако, тука е и поетското читање низ градовите, а оваа година за активноста „Поезија на пат“ беа избрани градовите Охрид, Скопје, Ресен и Битола. По поетското матине на Матка, манифестацијата и официјално ќе се затвори со поетската средба која ќе се случи на Камениот мост во Скопје.
Македонија навистина има со што да се гордее. Струшките вечери на поезијата се најголем показател дека поезијата во Македонија живее и се слави!
Во продолжение погледнете ја најавата за претставувањето на поетскиот портрет на Маргарет Атвуд, кое ќе се одржи на 27 август во „Св Софија“ со почеток во 21 часот, а тука можете да ја погледнете целосната и детална програма за сите денови.
