Кога имаме омилена книга, ја препрочитуваме, знаеме да цитираме делови од неа без око да ни трепне, дознаваме сè што можеме за авторот или авторката и се воодушевуваме на нивната брилијантност.
Писателите се познати како големи перфекционисти кои сакаат сè да направат совршено. Поголемиот дел од нив никогаш не се 100% задоволни од својата работа, но сепак се гордеат со своите дела, особено со оние коишто ги прославиле. Затоа е многу чудно кога ќе прочитаме за писатели кои буквално си ги мразеле своите дела. Не можеле да ги поднесат од различни причини. Голем дел од нив ги мразат токму делата кои ги вивнале помеѓу големите писателски имиња.
Ова се само некои од писателите кои си ги мразеле сопствените книги.
Франц Кафка – Сè што некогаш напишал

Франц Кафка е еден од најславните писатели на сите времиња. Луѓето ги обожаваат неговите дела и неговиот сензибилитет. Не само што неговите дела имаат светска слава, туку и неговите дневници се популарни исто како и неговите книги. Сепак, тој имал мал проблем со сопственото пишување. И не зборуваме тука за 3-4 раскази. Тој мразел 90% од тоа што го имал напишано.
Тој поминал голем дел од неговиот живот пишувајќи нешто, а потоа го горел напишаното. Дури и кога „Преобразба“ добила одлични критики, тој сè уште мразел речиси сè што има напишано. Неколку години пред да умре, тој го замолил својот добар пријател Макс Брод да ги уништи сите негови документи, листови и напишани дела, освен тие неколку кратки раскази кои Франц Кафка сметал дека не се лоши.
Брод му одговорил: „Ако сериозно мислиш дека сум способен за такво нешто, дозволи ми да ти кажам тука и сега дека нема да ги исполнам желбите.“ А ако тоа не е доволно драматично, тој на смртната постела му оставил писмо во коешто го задолжува да изгори и уништи сè што има напишано, дневниците и писмата. Брод си останал на тоа што му го кажал претходно и не уништил ништо. Напротив, со сите сили се обидувал да ги издаде книгите.
Стивен Кинг – „Бес“

За оваа книга веќе имаме зборено на блогот. Оваа книга зборува за ученик кој со себе носи пиштол во училиште, ги убива професорите и ги држи своите соученици како заложници. Оваа книга е издадена во 1977 година, под псевдонимот Ричард Бахман. Но, по серија пукања во американски средни училишта по кои се открило дека секое од децата кои ги извршиле делата имало примерок од книгата, Стивен Кинг решил да ја повлече книгата.
По нападот во 1997 година во средното училиште „Хит“, во кој ученик убил три соученици и повредил пет, Кинг го дал следното соопштение:
„Не можам со сигурност да кажам дека Мајкл Карнил, момчето од Кентаки кое уби три свои соученици додека се молеле пред училиште, ја прочитал мојата книга „Бес“, но некои од медиумите објавија дека по инцидентот, во неговото училишно ормарче била пронајдена книгата. И ми делува дека ја прочитал.
„Бес“ беше спомната и во барем уште едно друго пукање во училиште и по едно такво пукање, агент на ФБИ дојде да разговара со мене за идејата да се направи компјутерски профил кој би можел да идентификува потенцијално опасни адолесценти.
Инцидентот со Карнил беше капката што ја прели чашата. Го замолив мојот издавач да ја повлече проклетата книга. Тие се согласија. Дали сè уште има достапни изданија? Да, секако, во некои библиотеки, каде што вие, дами и господа ја правите вашата размена. Затоа што исто како што пушките, експлозивите и металните ѕвезди можат да се купат на интернет, така и овие работи си лежат оставени, чекајќи некој да ги собере.“
Ентони Бурџис – „Пеколен портокал“

Екранизацијата на „Пеколен портокал“ се смета за еден од најкултните филмови на сите времиња. Но, писателот на книгата не се согласува. Тој поради филмот ја има замразено и сопствената книга. Во предговорот на биографијата на Д.Х.Лоренс, тој има напишано:
„Сите страдаме од популарната желба да го направиме познатото озогласено. Книгата по којашто сум највеќе познат, односно книгата поради која воопшто сум познат, е книга од која сум подготвен да се одрекнам комплетно. Книга која е напишана пред четврт век, која е напишана за пари за три недели, стана позната по сировиот материјал и основа за филм кој го слави сексот и насилството. Филмот направи читателите на книгата сосема да ја промашат поентата на книгата и тоа ќе ме прогонува до крајот на животот. Не требаше да ја напишам книгата, токму заради опасноста од погрешно толкување.“
Освен тоа, тој потоа продолжил да вели дека ова книга е „незначајно дело.“
Иан Флеминг – „Шпионот којшто ме сакаше“

Оваа книга од серијалот за Бонд е навистина необична. Иан Флеминг решил да се обиде со малку поинаков пристап и истиот му се одбил од глава, со оглед на тоа што ниту критичарите, ниту читателите не биле задоволни. Во книгата, Флеминг пишува од гледната точка на Вивиен Мишел, а Бонд не се појавува до половина од книгата. Во врска со книгата, Флеминг изјавил:
„Јас бев многу изненаден кога дознав дека моите трилери, кои беа создадени за возрасна читателска публика, се читаат во училишта и дека младите луѓе гледаат херој во Џејмс Бонд. Затоа ми падна на ум да напишам претпазлива приказна за Бонд, за да им објаснам некои работи на младите читатели… но, очигледно е дека овој експеримент е тотално фијаско.“
Тој го сфатил овој неуспех и го замолил издавачот да ја повлече книгата од продажба, иако по неговата смрт, книгата е повторно достапна на полиците.
Александар А. Милн – Приказните за Вини Пу

Александар А. Милн е човекот кој го создаде Вини Пу, омиленото мече на децата ширум светот. Пу и неговата дружина беа оживеани и преку анимацијата на Дизни и тоа се цртани со кои пораснаа милиони деца, а на писателот кој ги создаде му донесоа милиони долари и слава. Па затоа, сосема е логично човек да се изненади кога ќе дознае дека Милн не можел да го поднесе Вини Пу и приказните кои самиот ги напишал.
Во суштина, тој ги напишал приказните за својот син, Кристофер Робин. Милн се инспирирал од играчките на својот син. Тој никогаш не очекувал дека тие ќе бидат издадени, особено не дека ќе доживее толкав успех. Тие биле толку успешни, што потоа Милн не можел да успее како сериозен автор за возрасни.
Вини Пу толку многу го иритирал Милн што тој се обидел да го убие ликот на Вини Пу на крајот од втората книга. Тој се жалел од него во неговата автобиографија и го поминал целиот негов живот мразејќи го мечето. Неговиот биограф напишал дека репутацијата која ја стекнал Милн до своите 50 години не била репутацијата којашто ја сакал.
Милн бил сериозен писател и драматург пред да почне да ги издава книгите за Вини Пу. Тој објавил 7 книги, 25 драми и неколку истражувачки книги. Пу требало да го забавува неговиот син и откако неговиот син пораснал, се обидел да се врати на посериозна книжевност, но тоа пропаднало.
Да биде уште полошо, Милн го употребил вистинското име на неговиот син во приказната. Кутриот Кристофер постојано бил зафркаван во училиште. Но, клетвата не запира тука. Оригиналниот илустратор на книгите, Е. Х. Шепард, исто така го мразел мечето, затоа што цел живот потоа го следела таа репутација и ја намалила неговата вредност како политички сатиричар и карикатурист.
Питер Бенчли – „Ајкула“

Питер Бенчли, авторот на „Ајкула“ не ја мразел книгата поради лошо пишување или критики, туку поради тоа што предизвикала „ајкулофобија“, која уште повеќе се раширила по објавување на легендарната екранизација на Стивен Спилберг од 1975 година. Бенчли потоа го посветил целиот негов живот на активизам за заштита на ајулите, особено загрозената бела ајкула портретирана во неговата книга. Тој дури напишал и истражувачка книга за зачувување на океаните.
