Денес е 1 септември. Голем ден за сите првачиња кои денес го започнуваат својот образовен процес. Голем ден за сите родители кои можеби се и повозбудени од своите дечиња. 1 септември е ден на насмевки, малку солзи, многу збунетост и возбуда.
Исто така е и период кој буди многу спомени за сите останати. Спомени од времињата кога бевме деца, кога најголеми грижи ни беа домашната по математика и лектирите кои треба да бидат прочитани.
Во животот на секој човек, голема улога имаат и книгите кои ги читал во детството. Без разлика дали биле лектири за во училиште или пак детски книги кои сме ги читале заедно со родителите, книгите кои сме ги читале значително влијаеле на нашето обликување како личност. Од друга страна пак, уште како деца сме знаеле кои книги ни се допаѓаат и ни се омилени. И книгите кои сме ги обожавале како деца секогаш остануваат во нас и ни будат насмевка и среќа.
Понесена од носталгијата која со себе ја носи овој ден, малку побарав низ интернетот и направив мала збирка од насловните страници на книгите кои го одбележаа нашето детство. Верувам дека ќе ви предизвикаат насмевка и ќе ви го разведрат денот. Ова се насловите кои ми паднаа на ум, а верувам дека има уште многу на кои не сум се сетила.
Уживајте и заедно со сликите за миг вратете се во вашето детство!























