Дојде септември, а со него полека почнува да се чувствува и доаѓањето на есента. Нема да помине уште долго пред да започнеме да носиме есенска облека и да почнеме да ги читаме книгите замотани во топло ќебе со кафе (а можеби и чај или топло чоколадо), додека дождот тропа на нашите прозорци.

Како и секој месец, во продолжение можете да ги прочитате книгите кои ги читав во месецот кој замина.
Еве кои книги ги прочитав во август:
1 . „Парфем“ – Патрик Зискинд

Оцена: 3/5
Осврт: Оваа книга се наоѓа на секоја листа која содржи книги за кои се вели дека морате да ги прочитате. И навистина, оваа книга е феноменално напишана. Толку се реално опишани мирисите и целиот процес на создавање на парфем, што ќе помислите дека навистина можете да ги помирисате и дека парфемите се пред вас.
Дејството се движи околу Жан-Батист Гренуј, антагонистот во оваа книга. Тој истовремено е една од најодвратните личности кои некогаш постоеле во Франција, но и една од најмистериозните и најгенијалните. Читателот го следи животот на Жан-Батист од неговото раѓање, до неговата младост, се до моментот кога тој полека почнува да станува монструм со човечки лик.
Надарен со неверојатен талент да може да препознае секаков мирис, дури и на работите кои не знае да ги именува, тој решава да го направи парфемот над парфемите – човечки парфем. Но, за тоа се потребни и човечки жртви.
Интересна книга која ги фасцинира речиси сите луѓе кои ќе дојдат во контакт со неа. Јас некако не успеав да се поврзам со целата приказна, но сметам дека треба да и дадете шанса, бидејќи се работи за квалитетна книга со уметничка вредност.
2. „Океан на крајот од патот“ – Нил Гејман

Оцена: 3/5
Осврт: Оваа книга е одлична за сите луѓе кои обожаваат магични и натприродни приказни и за луѓе кои ги обожаваат приказните за детството. Нил Гејман е фантастичен писател, кој навистина одлично пишува.
Оваа приказна не води во еден рурален дел во Англија, кога еден средновечен човек се враќа назад во местото коешто поминал голем дел од своето детство. Тој се враќа назад и ја гледа својата поранешна куќа, поранешниот имот и целото соседство кое го враќа назад во детството.
Тогаш оди и во куќата на крајот од патот, која му донела толку магија и воодушевување, а му донело и вистинска пријателка. Тој многу добро се сеќава на необичната Лети Хемпсток, а зарем некој може да не се сеќава на неа?
И додека се враќа во градината и го гледа мочуриштето кое Лети го нарекувала „океанот“, тој потонува во сеќавањата на еден многу голем и важен дел од неговото детство, кое тој го поттиснал длабоко во своите сеќавања.
Иако мислам дека Нил Гејман има пријатен и одличен стил на пишување, додека ја читав книгата имав чувство дека некаде по половината малку се губи смислата и структурата на приказната.
Во оваа книга се вдлабнати меланхолијата и носталгијата кои ни ги носат со себе сеќавањата од детството, нежната и чувствителна природа на децата, но и многу фантастични и натприродни случувања кои делуваат како да се реални.
Издавачка куќа: ТРИ
3. „Бриџит Џонс: Луда по него“ – Хелен Филдинг

Оцена: 5/5
Осврт: Бев решена да не ја сакам книгава. Како голем обожавател на книгите, но и на филмовите (особено првиот дел) за Бриџит Џонс, ужасно се разочарав кога дознав дека дејството ќе се движи околу Бриџит Џонс како вдовица и дека Марк Дарси е мртов.
Ја земав прилично неволно и решив дека сепак ќе ги истерам сите три делови до крај. И голема среќа што го сторив тоа. На крајот од книгата плачев и се смеев во исто време. Толку топла книга, полна со хумор, тага, среќни чувства, тажни чувства и Бриџит која е неповторлива во секој смисол. Се смеев на глас, нешто што навистина ретко се случува додека читам книга, но и ронев солзи одвреме-навреме.
Дејството ја следи Бриџит, која мора да се снајде во улогата на самохрана мајка на две деца, додека се обидува да застане на нозе и да си го врати животот. Во меѓувреме се појавуваат нејзините пријатели, кои и даваат помош и совети како да си го врати животот, како да почне повторно да излегува со мажи и како да се приклучи на Твитер. Бриџит и Твитер, тоа е комбинација која ветува добра забава.
Доколку ја сакате Бриџит Џонс и сакате книга која ќе ве насмее, опушти и ќе направи да заборавите на секојдневието и обврските, ова е совршена книга за вас.
Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
4. „Најдобрата работа што никогаш не ја доживеав“ – Лора Тејт и Џими Рајс

Оцена: 2/5
Осврт: Ова е книга која е одлично четиво за на плажа. Не ве тера да размислувате, опуштена е, има навистина интересен хумор, но не барајте некоја неверојатна длабочина.
Приказната се врти околу Холи и Алекс, кои цел живот биле најдобри другари, иако Алекс секогаш потајно бил заљубен во Холи, која била весела, млада и популарна. Сепак, тој постојано ја слушал за нејзините љубовни проблеми и никако не можел да собере храброст да и каже што чувствува за неа.
Тој воопшто немал поим дека и Холи била заљубена во него и дека пред крајот на средното училиште, таа се решава да му ги признае своите чувства. Сепак, кога доаѓа кај него дома, тој се однесува сурово и незаинтересирано и таа решава да премолчи и едноставно си заминува од градот без никогаш да му каже „збогум“.
Минуваат години, секој од нив си има посебен живот, но тогаш судбината прави (и малку мешање прсти од страна) тие двајца повторно да се сретнат и да го обноват своето пријателство. Книга која зборува за пропуштените шанси, премолчувањата, недоразбирањата и како тие можат да влијаат врз целиот наш живот.
Издавачка куќа: ПОЛИЦА
5. „Снежана мора да умре“ – Неле Нојхаус

Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга е идеална за сите оние страствени љубители на трилери, мистерии и детективски убиства. Книгата започнува кога Тобијас, по 10 години поминати во затвор, конечно излегува на слобода. Тој бил обвинет и осуден за убиството на две млади девојки, чии тела никогаш не биле пронајдени. Единствените две личности кои го чекаат и остануваат покрај него се неговиот татко и неговата пријателка од детството, Натали. Тој тврди дека е невин и дека не се сеќава на голем дел од таа кобна вечер.
Тој се враќа назад, но целата заедница не го прифаќа и луѓето се обидуваат да му го загорчат животот. Сите, освен младата Амелија, која е заинтригирана од целиот случај и сака да го запознае Тобијас. Во меѓувреме, со излегувањето на Тобијас, излегуваат на површина и многу нерасчистени сметки, односи и мистерии, кои водат кон тоа полицијата повторно да се заинтересира за случајот.
Се работи за навистина заплеткана приказна, со многу ликови чии животи се испреплетени и поврзани. Приказната е напишана на таков начин кој ќе ве навлече на книгата и нема да можете да престанете да ја читате. Иако, според мене, книгата паѓа со квалитетот некаде при крајот, но сепак се работи за интересна приказна, која лесно ќе ве заинтригира.
Издавачка куќа: МАТИЦА
