Есента дојде, а со неа се најавуваат и многу убави можности за читање. Како и секој месец, на блогот можете да прочитате кои книги ги читаше Кафе и книги изминатиот месец. Да не должам многу, еве ја целосната листа:
„Кум“ – Марио Пузо

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ARROW (може да се најде и во Академска книга)
Оцена: 5/5
Осврт: Нема човек кој нема слушнато за легендарниот филм „Кум“ со Марлон Брандо и Ал Пачино. Речиси нема човек што го нема гледано овој култен филм. Доколку сте обожавател на овој филм, задолжително мора да ја прочитате книгата. Приказната за семејството Корлеоне и за мафијата е една од најмоќните приказни некогаш раскажани.
Оваа книга ја препорачувам со цело срце и е една од книгите кои редовно ги препрочитувам и со секое ново читање едноставно откривам нови работи и верувам дека и вам ќе ве маѓепса исто колку мене. Стилот на пишување на Марио Пузо ќе ве навлече и едноставно нема да сакате да ја оставите книгата додека не ја прочитате до крај.
„Американски авангардни поети“ – Ален Гинзберг, Вилијам Бароуз, Чарлс Буковски
ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАГОР
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа збирка на поезија на Гинзбег и Бароуз, уште попопуларни и како дел од дружината на бит-генерацијата (заедно со Џек Керуак) плус зачинето со меланхоличната, но длабока поезија на Буковски е одличен избор за сите оние кои сакаат поезија.
Иако има делови кои се малку контроверзни и кои можеби ќе бидат невкусни за некои луѓе, сепак убаво е да се прочита нивната поезија и човек да се изложи на малку поинаков светоглед.
„Хроника на една најавена смрт“ – Габриел Гарсија Маркес

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3/5
Осврт: Во оваа прилично кратка книга, Маркес ни ја раскажува приказната за убиството на Сантјаго Насар. Еден новинар кој живеел во истото место, по 27 години одлучува да го разјасни целиот случај.
Близнаците Пабло и Педро Викарио биле решени да го убијат Сантјаго Насар затоа што ја обесчестил нивната сестра Анхела Викарио. По свадбата со Бајардо Сан Роман, таа насилно е вратена дома, затоа што тој открива дека таа не е невина. На тој начин таа е приморана да ја каже вистината, а тоа е дека нејзината невиност ѝ ја одзел Сантјаго Насар.
Нараторот на приказната собира сведоштва од сите преостанати живи сведоци, со цел да објасни како дошло до убиството и зошто никој не се обидел да го спречи, иако повеќето претчувствувале или знаеле дека ќе се случи. Можеби не е најдоброто дело на Маркес, бидејќи има премногу ликови и информации за толку мала книга, но сепак ја препорачувам чисто за да направите споредба и со останатите негови дела.
„Огледи за љубовта“ – Алан де Ботон
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
Оцена: 3/5
Осврт: Ова е интересна книга за секој што сака филозофија, особено кога станува збор за љубовта и врските. Преку личниот однос на двајца возрасни луѓе, писателот ни ги доловува своите размислувања за љубовта. Од нејзиното зачнување, до нејзиното распаѓање, Алан де Ботон на многу интересен начин ќе ве поттикне да размислувате и да ги преиспитувате сопствените ставови во врска со оваа тема.
Дури и да не сте многу заинтересирани за филозофија, оваа тема обработува интересна, секогаш актуелна тема, која на моменти ќе ве насмее, на моменти ќе ве замисли, а на моменти ќе ве натера да кажете: „Баш така!“
„Домот за необични деца на госпоѓица Перегрин“ – Ренсом Ригс

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТОПЕР
Оцена: 2/5
Осврт: Ова е книга наменета за сите оние кои сакаат фантазија и кои сакаат да читаат приказни за натприродното, необичното, далечното. Џејкоб е навидум само обичен тинејџер, со обичен живот. Тој е многу поврзан со неговиот дедо кој цел живот му раскажува необични приказни во кои никој, па ни самиот Џејкоб не верува.
Откако дедо му умира од чудна смрт и тоа пред негови очи, Џејкоб доживува шок и не може да се справи со загубата. Затоа решава да оди во Велс и да се обиде да ја најде госпоѓица Перегрин и куќата за која неговиот дедо зборувал толку многу. Кога ќе отиде таму, многу чудни работи почнуваат да се случуваат и Џејкоб открива еден нов, волшебен и чудесен свет за кој никогаш не верувал дека може да го искуси.
Ова е интересна книга, иако според мене, започнува одлично, приказната добро се гради, но на крај губи на квалитет и целата приказна некако чудно се отплеткува. Но, е добра книга за читање доколку сакате да го пуштите мозокот да фантазира.

