Преслатко писмо во кое таткото ја воведува својата ќеркичка во светот на книгите!

Една од најдобрите работи кои родителите можат да ги направат  за своите деца е да им ја всадат љубовта кон читањето. Љубовта кон книгите се гради уште од мали нозе, а во тоа најголема улога имаат родителите.

На блогот веќе имам пишувано за тоа како да израснете деца кои ќе се заљубат во читањето и како да му помогнете на детето да стекне навика да чита, а денес можете да го прочитате ова прекрасно, преслатко и премотивно писмо на еден татко во кое тој за прв пат и ги претставува книгите на својата новородена ќерка. Писмото со сигурност ќе ве разнежни и насмее, а и сигурно ќе се пронајдете во него како љубител на книгите.

apaolvas

Драга Матилда,

Овде твојот татко. Оној без млекото.

Те молам прости ми за овој старомоден начин на комуницирање. Писмата се тотално немодерни во денешно време. Не се сомневам дека додека пораснеш доволно за да можеш да го прочиташ ова, веќе ќе комуницираме преку холограмски смајлиња со мачиња разменувани директно помеѓу мозочните импланти.

Сакам да бидам искрен со тебе. Досега во оваа наша тримесечна врска, се уште се немам почувствувано како родител. Секогаш мислев дека да се биде родител значи да ти се пренесе мудрост, како Атикус на Скоут. Досега се што имам пренесено се свежи пелени и цврсто потчукнување по грбот во 3 часот наутро.

Со се ова на ум, би сакал сега да го започнам моето воспитување. И нема подобар начин за тоа од тоа да те запознаам со книгите.

Прво, да започнеме со основата. Што е книгата? За жал, и покрај сличното пишување (book, м.з), не се работи за града (boob, м.з), нешто што го знаеш и многу го сакаш.

Книгите се оние рамни, дебели работи кои се насекаде во нашиот дом. Книгите се она што го потпира твоето креветче на агол кој спречува да повраќаш, тие се она што твојата мајка го држи во нејзината слободна рака додека те храни и тие се подароци кои не можеш да ги носиш.

И сите овие неподвижни, безживотни парчиња се едни од најважните и најсериозните работи на овој свет. Некои се прекрасни, некои обични, но сите книги се вредни.

Следно: Како да употребуваш книга? Џвакање или лигавење врз нив не е дозволено. Но, ќе ти го извиниме тоа во првите неколку години. Мислам дека и ти купивме неколку книги отпорни на лигавења. Сепак, мислам дека ќе ти биде драго да чуеш дека мирисањето е сосема дозволено дури и кога ќе станеш возрасна.

Најдобриот начин да добиеш нешто од книгата е да ја прочиташ. Читањето е тешко, но кога еднаш ќе ги принудиш тие танцувачки букви да се смират и да станат зборови, ти ќе ги имаш клучевите од сите царства во твојот мозок.

Сега, знам што мислиш: „Тато пак се возбудува премногу, како тогаш кога мислеше дека се насмевнувам за прв пат, но всушност тоа беше само вовед во ждригнување. Книгите звучат супер, но што прават тие навистина?“

Е па, драга моја, се надевам дека удобно седиш.

Книгите ти даваат начин како да го декодираш овок луд метеж наречен живот. Тие ќе ти дадат начин како да го опишеше светот, начин како да го најдеш својот пат низ изворедното и секојдневното. Тие се многу потребно засолниште и бегство. Постојат книги за раскинувања и за кршења, за смирувања и тажења.

Секој момент има свое ехо на страницата. Нема да можеш да гледаш дрвен пат без да помислиш на Роберт Фрост или да слушаш за ужасната работа наречена ропство без да ти падне Тони Морисон на ум или да го храниш гулабот кој ќе ти го купиме за 10-тиот роденден без да си споменеш за Маргарет Атвуд.

Книгите те учат на емпатија. Сакаш да знаеш каков е животот за некој кој е поинаков од тебе? Прочитај ги книгите на Чинуа Ачебе. Сакаш да знаеш како е да се биде роден во сиромаштија која ти (ако даде Бог) никогаш нема да ја знаеш? Прочитај ја „Позади прекрасното засекогаш“ од Кетрин Бу.

Сакаш да знаеш зошто луѓето ги прават сите тие опасни, несебични, шокантни и инспиративни работи? Прочитај ја која било книга. Книгите ти помагаат да ја видиш грешни, чудни луѓе позади сите етикети.

Книгите ќе ти раскажуваат за далечни земји и необични идеи. Тие ќе бидат она што ќе те чеша во нозете и ќе те поттикнува да отидеш на места кои јас никогаш нема да ги видам. Тие ќе бидат оганот во твоето стомаче, оган кој ќе те мотивира да сакаш да го направиш светот малку подобар.

Книгите ќе ја ослободат твојата фантазија. Ти не си ограничена од физичките ограничувања на твоите (морам да признаам, многу слатки) прсти и нозе. Магијата живее во книгите. Исто како и еднорозите. Книгите ти дозволуваат да се дружиш со магични еднорози. И кога ќе бидеш малку постара, книгите ќе ти помогнат да го одржиш во живот овој најпрекрасен дел од твоето детство. Никој не ја губи способноста да наоѓаш чудо и задоволство во работите кои досадните луѓе и возрасните без фантазија ги нарекуваат „будалести“.

Преку книгите ние учиме се што треба да знаеме. Да, луѓето можат да ни кажуваат работи. Но, најчесто и тие го читаат тоа од книга. И тие можеби грешат. Затоа држи се до книгите.

Можам да продолжам понатаму, но ти веќе си потоната во сон. Затоа, пред да одам, само уште неколку последни оперативни поенти.

Никогаш не дозволувај некој да ти каже дека не треба да читаш одредена книга. Или дека тој жанр не е вреден. Или дека стрипови се само за деца. Тоа се снобови. Не биди сноб.

Избегнувај луѓе кои гордо велат дека не читаат.

И конечно, биди љубезна. Ако сакаш нешто, сподели го. Одвај чекам да слушнам за книгите со кои ќе ме запознаеш, тие се уште ненапишани класици за деца кои ќе ги читаме и двајцата пред да заспиеме, носејќи ги тие приказни во нашите се уште неоформени соништа.

Драга Матилда, овој свет кој ти го наследуваш е многу понефер и посуров, многу покомплексен и позабавен, многу поубав и подарежлив отколку што можеш да си замислиш. Ако сакаш доказ за тоа, читај.

Те сака,

Твојот татко

Leave a comment