Иако многу пати е зборувано на оваа тема, сепак не е лошо понекогаш да се повтори. Во продолжение можете да прочитате еден интересен текст кој е направен врз основа на сознанијата и истражувањата на различни научници во однос на тоа како тоа што го читаме влијае на нас. Овој текст е интересен за сите, особено за оние коишто се занимаваат со креативно пишување или креативна работа, но е одлично четиво и за сите љубители на добра книга.

Едно истражување објавено во „Меѓународно списание за бизнис администрација“ во мај 2016 година, открило дека тоа што читаат судентите на факултет директно влијае на нивото на пишување кое го постигнуваат. Во суштина, истражувачите откриле дека содржината и зачестеноста на читањето може да имаат многу поголемо влијание на способноста за пишување отколку инструкциите за пишување и честото пишување.
Студентите кои читаат академски журнали, литературна фикција или нефикција, при пишувањето имале подобра синтактичка софистицираност (покомплексни реченици), за разлика од оние кои читаат само белетристика (мистерии, фантазија или научна фантастика) или само веб портали како Редит, Тамблр или Базфид. Најголемите бодови ги освоиле тие што читале академски журнали, а најниски тие што се потпирале само на веб-страници.
Разликата помеѓу длабоко и лесно читање
Неодамнешно истражување открило дека „длабокото читање“ кое се дефинира како читање кое е бавно, изворедно, богато со сензорни детали и има емотивна и морална комплексност, е сосема различно од лесното читање кое е малку над обично декодирање на зборовите. Длабоко читање се случува како јазикот е богат со детали, алузии и метфори и продира во истите мозочни региони кои би се активирале доколку читателот лично го искусува настанот.
Длабокото читање е одлична вежба за мозокот и е докажано дека ја зголемува емпатијата, затоа што читателот навлегува во суштински прашања и на тоа додава рефлектирање, анализа и персонален подтекст на тоа што го чита. Исто така им дава можност на писателите да ги ценат сите квалитети кои ги прават книгите фасцинантни и значајни и да навлезат во нивната способност да пишуваат на едно подлабоко ниво.
Лесното читање се изедначува со она што човек би можел да го чита на портали, трач-рубрики или „вести за забава“, особено оние кои се потпираат на листи („Топ 10 работи кои треба да ги направите“) или провокативни наслови („Нема да ви се верува што се случи!“) и кои ги употребуваат смајлињата за да комуницираат. Овој тип на лесно читање нема искрен глас, светоглед или тип на анализа која би стимулирала размислување. Ова се содржини низ кои само поминувате и ги заборавате по неколку минути.

Длабокото читање го синхронизира вашиот мозок
Длабокото читање ги активира мозочните центри за говор, вид и слушање и сите тие работат заедно за да ни помогнат да зборуваме, гледаме и пишуваме. Читањето и пишувањето ги активираат: „регионот на Брока“ кој ни помага да го согледаме ритамот и синтаксата; „регионот на Верник“ кој влијае на нашата перцепција на зборови и значење и аголните мозочни вијуги кои се клучни за перцепцијата и употребата на јазикот.
Овие региони се поврзани заедно со група на влакна и оваа интерповрзаност им помага на писателите да ги имитираат и синхронизираат јазикот и ритамите кои ги сретнуваат додека читаат. Вашиот читателски мозок чувствува такт кој придружува покомплексно пишување, а потоа вашиот мозок го бара токму тоа за да пишува.
Има два начини кои би ви помогнале да го употребувате длабокото читање за да го поттикнете вашиот мозок да пишува:
Читање поезија
Во една статија објавена во „Журнал за студии на свесноста“, истражувачите објавиле дека понашле активност во „читачкото вмрежување“ во регионите на мозокот кои биле активирани како одговор на читањето на напишан материјал. Напишаниот материјал кој содржел повеќе емотивност во себе поттикнал неколку региони во мозокот (особено во десната страна) кои обично реагираат на музика. Во една споредба помеѓу читање поезија и проза, истражувачите откриле докази дека поезијата ги активира цингулатниот кортекс и медијалниот темпорален лобус, делови од мозокот кои се поврзани со интроспекција.
Кога волонтерите ги читале своите омилени поеми, регионите во мозокот кои се поврзани со спомените биле посилно стимулирани од регионите за читање, што покажува дека читањето поеми кои ги сакате е вид на сеќавање кое буди силни чувства, а силните чувства се секогаш добри за креативното пишување.

Читајте книжевна фикција
Разбирањето на состојбата на ум на другите луѓе е многу важна вештина која ги овозможува комплексните општествени врски кои ги одликуваат човечките општества и тоа е она што ги прави писателите добри при создавањето на повеќеслојни ликови и ситуации.
Не постојат многу истражувања за теоријата на умот (нашата способност да сфатиме дека нашите умови се поразлични од умовите на другите луѓе и дека нивните чувства се различни од нашите) која ја поттикнува оваа вештина, но неодамнешни експерименти покажале дека читањето книжевна фикција води кон подобро бодување на тестови за афективна теорија на умот (разбирањето на туѓите чувства) и когнитивната теорија на умот (разбирањето на размислувањето и состојбата на умот на другите луѓе) во споредба со читањето на нефикција, популарна фикција или нечитањето книги.
Кога се разгледувало подетално, овие резултати покажале дека читањето книжевна фикција привремено ја подобрува теоријата на умот и гледано уште пошироко, сосема е можно теоријата на умот да биде подобрувана преку конзумирањето на ремек-делата на уметноста.
Со други зборови, книжевната фикција поттикнува размислување, проширување и интеграција. Читањето на книжевна фикција стимулира осознавање кое е многу над читањето списанија, интервјуа или онлајн вести.
Наместо гледање телевизија, фокусирајте се на длабоко читање
Времето поминато во гледање телевизија е речиси секогаш без поента (мозочната моќ многу брзо опаѓа), без оглед на тоа колку се трудите да го оправдате тоа и читањето на списанија и лесна литература можеби е забавно, но тоа не може да ја поттикне вашата креативност. Ако сте сериозни во вашите обиди да станете писател, поминувајте го вашето време читајќи длабока книжевна фикција и поезија и научни статии или статии поврзани со уметноста кои во себе имаат комплексен јазик и кои го поттикнуваат вашиот мозок на размислување.
