Последниот запис во дневникот на Ана Франк!

Приказната за Ана Франк е една од најпознатите приказни од Втората светска војна. Храбрата млада девојка која се криела во куќата на добри луѓе и која водела дневник за време на нејзиното криење до ден денес претставува симбол на отпорот, невиноста и чистата душа наспроти сето зло кое сеело смрт и омраза во тие ужасни години.

Семејството на Ана избегало од Германија во 1933 година и отишло во Холандија, со цел да го избегне антисемитизмот и прогонувањето на Евреите коешто започнало уште на самиот почеток на владеењето на Хитлер. По започнувањето на Втората светска војна и напредокот на Хитлер, во 1942 година, целото семејство почнало да се крие со помошта на Миеп Гиес.

Тие успешно се криеле 2 години, до 4 август 1944 година, кога во куќата и нивното скривалиште влегла тајната полиција која ги уапсила и одвела во логор. Сѐ уште не се знае кој ги предал, официјалната верзија е дека анонимен извор ја поднел пријавата.

annefranktopp1600_i002455_-1

Тие биле пренесени во логор и единствен преживеан од семејството е Ото Франк, таткото на Ана, кој по завршувањето на војната се враќа назад и го пронаоѓа дневникот и решава да го даде на некоја издавачка куќа за да го издаде. „Дневникот на Ана Франк“ излегува во продажба 1947 година, две години откако  Ана починала од тифус. Починала само неколку недели пред да пристигне ослободителната војска и распуштањето на логорот. Таа имала само 15 години.

Дневникот на Ана покрива период од 2 години, од јуни 1942 година сѐ до 1 август 1944 година, неколку дена пред целото семејство да биде откриено и во него Ана зборува за деновите кои ги поминувале во криење, но и за деновите пред да почнат да се кријат, а пишувала и за Херман, Аугусте и Петер ван Пелс и Фриц Фефер кои исто така се криеле со нив. Таа пишувала и за нејзиниот однос со нејзиното семејство и нејзиното искуство и себеоткривање како тинејџер. Дневникот бил подарок од нејзината мајка за нејзиниот 13 роденден.

Во нејзина чест, денес на блогот можете да го прочитате последниот запис во дневникот на младото, прекрасно девојче кое имало свои мисли, чувства кои не ги споделувала со никој освен со нејзината Кити (името кое му го дала на дневникот). Тој бил нејзин најдобар пријател во кого ја отворала својата млада, кревка душа.

web-frank-rex

Вторник, 1 август, 1944 година

Драга Кити,

„Куп од противречности“ беше крајот на моето претходно писмо и таков е и почетокот на ова писмо. Можеш ли да ми кажеш што точно значи „куп од противречности“? Што значи „противречност“? Како и многу други зборови, може да биде толкувано на два начини: противречност која е наметната однадвор и противречност која е наметната одвнатре.

Првото значи неприфаќање на туѓите мислења, секогаш да мислиш дека највеќе знаеш и да го имаш последниот збор, или накратко: сите тие непријатни карактеристики по кои сум позната. Второто, по кое не сум позната, е моја сопствена тајна.

Како што веќе многупати ти имам кажано, јас сум поделена на два дела. Едниот дел ја содржи мојата темпераментна ведрина, лекомисленост, моето уживање во животот и над сѐ, мојата способност да ја ценам поведрата страна на работите. Под тоа мислам на фактот дека не гледам ништо лошо во флертување, бакнеж, прегратка или неприкладна шега. Оваа страна од мене обично лежи наоколу и чека да ја нападне другата страна, која е многу почиста, подлабока и пофина. Никој не ја знае подобрата страна на Ана и затоа повеќето луѓе не можат да ме поднесат.

Ох, јас можам да бидам забавен кловн за едно попладне, но потоа на сите им е доста од мене до следниот месец. Всушност, јас сум она што е романтичниот филм за човек што длабоко размислува: едноставно одвраќање, забавно интермецо, нешто што е брзо заборавено: не е лошо, но не е баш и нешто особено добро.

Мразам што морам да ти го кажам ова, но зошто не би го признала кога знам дека е вистина? Мојата повесела, мојата поповршна страна секогаш го краде маршот на подлабоката страна и затоа секогаш победува. Не можеш ни да си замислиш колку често се обидував да ја оттурнам оваа Ана, која е само половина од онаа Ана која ја знаат сите и да ја искршам, да ја скријам. Но, тоа не фукнционира и знам и зошто е тоа така.

Се плашам дека луѓето кои ме знаат во вообичаеното издание ќе откријат дека имам друга страна, подобра и пофина страна. Се плашам дека ќе ме исмеваат, дека ќе мислат дека сум смешна и сентиментална и нема да ме сфатат сериозно. Јас сум навикната на тоа да не ме сфаќаат сериозно, но само опуштената Ана е навикната на тоа и може да го поднесе тоа. „Подлабоката Ана“ е премногу слаба. Ако ја натерам добрата Ана да биде во центарот на вниманието барем на 15 минути, таа ќе се затвори како школка уште во истиот момент кога некој ќе ѝ рече да прозбори и ќе ја остави првата Ана да зборува. Додека да сфатам, таа веќе исчезнала.

Па така, добрата Ана никогаш не може да ја видат во друштво. Таа никогаш не се појавила пред никого, иако секогаш ја зазема сцената кога сум сама. Знам точно каква сакам да бидам, каква сум… одвнатре. Но, за жал, таква сум само со себе. И можеби тоа е (всушност сигурна сум во тоа) причината поради која за себе мислам дека сум среќна одвнатре, а другите луѓе мислат дека сум среќна одвнатре. Јас одвнатре сум водена од чистата Ана, но однадвор јас не сум ништо повеќе од мала игрива коза која се тегне со нејзиното јаже.

Како што веќе ти реков, тоа што го кажувам не е исто со тоа што го чувствувам, па затоа и имам репутација дека сум луда по момчиња и дека сум кокета, малечка, попустлива и читателка на романси. Среќната Ана се смее, дава лекомислен одговор, ги крева рамената и се преправа дека не ѝ е грижа. Тивката Ана реагира на сосема спротивен начин. Ако сум целосно искрена, морам да признаам дека тоа ми е важно и се грижам и дека навистина се трудам да се променам себеси, но дека секогаш се борам против помоќен противник.

Еден глас во мене липа: „Гледаш, еве во што се претвори. Ти си опкружена со негативни мислења, разочарани погледи, исмејувачки фаци и луѓе на кои не им се допаѓаш и сѐ затоа што не го слушаш советот на твојата подобра половина.“

Верувај ми дека сакам да слушам, но не функционира, бидејќи ако сум тивка и сериозна, сите мислат дека изводам нешто и тогаш морам да се спасам себеси со шега, а да не ни зборувам за моето семејство, кое претпоставува дека сигурно сум болна, ми даваат аспирини и седативи, ми го допираат вратот и челото за да видат дали имам температура, ме прашуваат за движењето на цревата и ме караат затоа што сум во лошо расположение.

Ова трае сѐ додека не попуштам, затоа што сите почнуваат да бдеат над мене. И тогаш се лутам, потоа сум тажна и на крај завршувам со тоа што го превртувам моето срце и ја ставам лошата страна однадвор и ја враќам добрата страна внатре и продолжувам да се трудам да станам тоа што сакам и што можам да бидам… ако не постоеја други луѓе на светот.

Твоја,

Ана М. Франк

2 comments

Leave a comment