Што читаше „Кафе и книги“ во октомври и ноември?

Блогот „Кафе и книги“ беше малку неактивен во изминатиот период од оправдани причини. Поради преголем број на обврски не успеав да ги објавам прочитаните книги за октомври, па затоа ги објавам прочитаните книги и за октомври и ноември кои се во помал број отколку вообичаено. Се извинувам за неактивноста, но Кафе и книги во изминатиов период ќе продолжи со полна пареа. Во продолжение можете да ја прочитате листата на прочитани книги за овие два месеци и се надевам ќе ве инспирираат за претстојните новогодишни празници. 🙂

Илјада неверојатни сонца“ – Халед Хосеини

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Халед Хосеини дефинитивно е мајстор да ви го скрши срцето со своето пишување. Неговите приказни поседуваат неверојатна топлина, чувства, но истовремено и ви помагаат подобро да разберете што се случувало во Авганистан и колку трагични судбини постојат во држава која некогаш била развиена и полна со среќни луѓе, се додека не се случи комплетен хаос и комплетна деструкција.

Ако сте ја прочитале „Ловец на змејови“, оваа книга ќе ви биде мелем за срцето. Но, подеднакво, ако не и повеќе, ќе ви го скрши срцето и нема да можете да престанете да плачете. Приказна за две жени од две различни генерации, приказна за тоа како мали моменти кои ни се чинат неважни можат да ни го променат животот и приказна за тоа дека животот може да нè бутне сто пати, но ако имаме доволно силна мотивација, можеме да надминеме сè.

Момчето во пижами на риги“ – Џон Бојн

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Постојат многу книги за Втора светска војна. Оваа тематика е непресушен извор на инспирација. Но, оваа книга има една топлина којашто ќе ве обземе. Приказната е за деветодишниот Бруно, син на германски офицер кој е прераспореден во Аушвиц и тоа значи дека и неговото семејство треба да се пресели со него. За Бруно ова е голем шок, тој не сака да го напушти своето место на живеење и другари и навистина е многу лут. Но, полека се навикнува на своето место на живеење, иако таму сè му е чудно. Гледа луѓе во „чудни пижами“, а неговиот татко му кажува дека не смее да оди од  другата страна на оградата.

Еден ден, на многу чуден начин тој ќе најде пријател со кого ќе ги споделува своите интересни моменти. Но, во ова пријателство ништо не е обично и едноставно. Крајот на книгата многу ќе ве погоди и верувам дека ова е одлична книга за претстојните празници.

Делириум“ – Лорен Оливер

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е првиот дел од истоимената трилогија („Делириум“). Се работи за дистописка книга, во која ни е претставено едно тоталитарно општество во кое љубовта е прогласена за болест и секој член на општеството подлежи на терапија кога ќе наполни 18 години за да се излечи од таа болест.

Главнат хероина во приказната е Лена која чека да наполни 18 години за да ја прими терапијата и да биде излечена. Таа живее со болката од губењето на својата мајка која се самоубила кога таа била многу мала, а се самоубила затоа што била „заразена од љубовта“ и одбивала да се излечи. Но, како што тоа секогаш бидува, се случуваат одредени работи што прават таа да почне да се сомнева во општеството во кое живее. Интересна приказна која ќе ја прочитате многу бргу и ќе посакате да ги прочитете и останатите два дела.

„Празникот на безначајноста“ – Милан Кундера

Издавачка куќа: ТАБЕРНАКУЛ
Оцена: 3/5
Осврт: Кога Милан Кундера објави дека ќе издаде нова книга, целиот свет со нетрпение очекуваше да види што овојпат подготвил чешкиот магионичар со зборови. И не беа разочарани.

Последното објавено дело на Кундера е многу покусо од претходните негови дела, има околу 130 страници. Сепак, стилот и препознатливоста на стилот на Кундера се тука. Неколку интересни, на моменти и шеговити описи што во себе носат длабоки филозофски пораки.

Иако според мене ова можеби не е најдоброто дело на Кундера, сепак со задоволство го препорачувам на оние што сакаат книги со подлабока и пофилозофска тематика и се разбира на сите обожаватели на зборовите на Кундера!

Исповедта на Лусио“ – Марио де Са-Карнеиро

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 2/5
Осврт: Оваа кратка книга е напишана од гледна точка на Лусио кој лежи во затвор поради убиството на својот пријател Рикардо и неговата жена Марта. Тој решава да ја сподели својата приказна и да каже што всушност се случувало во тој период. Ова е книга за страста, пријателството, неверството.

Покрај тоа имате можност и да нурнете во уметничкиот свет и да искусите дел од нивниот боемски живот. Интересна книга, со тоа што треба да имате предвид дека дејството се развива малку бавно, па затоа јас на моменти и ја губев концентрацијата.

 

Leave a comment