Македонска поезија: „Слобода“ од Цане Андреевски!

Како за почеток на 2017 година, мислам дека најубаво е да споделиме прекрасна македонска поезија, за да може целата година да ни биде исполнета со вакви стихови и редови. Прв пост и прва песна во 2017 година е „Слобода“ од Цане Андреевски, која пристигна како предлог од еден читател на блогот. Се работи за прекрасна песна, совршена за да ја започнеме Новата година со неа! Уживајте! Среќна Нова година!

Слобода – Цане Андреевски

Не само да те споменувам.
Не само да те придружувам.
Не да те имам како сочен плод
туку како мала семка
од која секој нов ден
нов плод ќе смислува.

Не да сум сенка под твојата сенка,
не да обневидам од твојот сјај,
туку да имам сили, и машкост
да те кренам, да те исправам
пред лицето на друга вистина,
па да зазборуваш со друг јазик
непознат, и за оние
што говорот ти го дадоа.

Не да те леам од бронза
над која времето, ѕвездени
заблуди ќе кове
туку да те среќавам, мудрец на
распаќа
мудрец што лесно не се препознава.

Не само да те споменувам.
Не само да те придружувам.
Да те имам кога те немам.
Да те бранам и од оние што те бранат.

freedom-to-choose

Leave a comment