Љубителите на книги го обожаваат мирисот на книгите. Една од најмагичните работи на овој свет се книгите. Магијата кога за прв пат ќе ја фатите книгата во рака, ќе ја отворите и ќе ја помирисате. Речиси и нема задоволство кое може да ја надмине таа среќа.
Истиот мирис го чувствуваме и кога ќе влеземе во некоја постара библиотека. Илјадници стари книги кои чекаат да ги земеме во рака. Често на шега, сме слушале предлози од типот: „Ах, да можев овој мирис да си го ставам во шишенце.“ Е па сега, благодарејќи на „Свит ти апотекари“, можете и да мирисате како стара книга. Во продажба излезе парфемот „Дед врајтерс“ („Мртви писатели“, м.з), парфем инспириран од мирисот на стари книги.

Овој парфем е создаден со цел дека само едно вдишување ќе може да го врати чувството на оние денови кога човек седел во библиотека барајќи ја совршената книга. Можеби се прашувате од што всушност е направен овој парфем? Одговорот е комбинација на мирис од црн чај, ванила, каранфил, мошус и тутутн. Парфемот може да се купи онлајн и е достапен по цена од 30 долари.
Мислите дека ова не е ваш тип на парфем и повеќе претпочитате мирис на нови книги? И за ова има решение, бидејќи во продажба е парфемот „Хартија“ (за жени) и „Книга“ од „Комодити оф Гудс“, а постои и парфемот „Страст за хартија“, парфем создаден од Геза Шоен и Герхард Стејдл, а за него Карл Лагерфилд рекол дека е „тивкиот мирис на хартија“.

Што мислите за оваа идеја?
