Една од најдрагите приказни поврзани со Божиќ е „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс. Приказната за тоа зошто е Божиќ значаен и зошто ги грее срцата на луѓето не престанува да не’ инспирира и мотивира. Но, повеќе од се, „Божиќна приказна“ е многу повеќе од обична приказна. Нејзиниот автор се надевал дека лекциите и поуките кои таа ги носи со себе ќе се паметат и низ текот на целта година.
Објавувањето на „Божиќна приказна“ во 1843 година прави името на Чарлс Дикенс вечно да биде поврзано со божиќните празници. На некој начин, ова е права викторијанска приказна за урбаните околности: екстремни разлики помеѓу богатството и сиромаштијата, индустријата и неможноста. Но, историчарката Кетрин Голден за блогот „Нешнл Постал Мјузеум“ вели дека токму тоа помогнало да се промени викторијанското општество. И затоа Дикенс ја напишал.
Покрај кревање на свесноста кај луѓето за состојбата на сиромшните во викторијанска Англија, Дикенс имал и друга потреба поради која ја напишал книгата: пари. Тој потрошил премногу пари на неговата американска турнеја во 1842 година и морал да обезбеди пари за неговото големо семејство. Голден вели: „Размислувајќи креативно, тој преку пишување се извлекол од неговата дилема.“
(Првото издание на „Божиќна приказна“)
Решението на Дикенс, кој веќе бил познат писател, се покажало исплатливо, барем до одреден степен. Уште во првата недела од продажбата тој ги распродал сите 6000 примероци од книгата, а до крајот на наредната година, книгата се продала во повеќе од 15.000 примероци.
Но, поради раскошното издание на книгата и релативно ниската цена по која Дикенс одлучил да ја продава книгата, голем дел од таа заработка не стигнала до нејзиниот писател, кој се надевал дека ќе заработи барем 1000 фунти од книгата. Тој подоцна напишал: „Колку прекрасна работа е тоа што толку голем успех ми донесе толку нетолерантна нервоза и разочарување!“
Сепак, книгата сепак го имала културното влијание кое Дикенс го посакувал. Писателот бил од сиромашна фамилија и бил запаметен како пријател на сиромашните во текот на целиот негов живот. Брендон Амброзино, кој пишува за „Вокс“, вели дека таа есен, писателот посетил училиште во коешто учеле сиромашни деца. „Дикенс лесно сочувствувал со деца коишто живееле во сиромаштија, особено затоа што и самиот имал сиромашно детство, а тоа е факт кој го разликува од многу други англиски писатели.“
Амбозино продолжува: „Дури и ако парите го мотивирале Дикенс да ја напише „Божиќна приказна“, неговата приказна поттикнала хуманитарност и давање. Ликовите како семејството на Боб Кратчит, изгубената љубов на Скруџ и секако самиот Скруџ создаваат јасна слика за едно време и место каде што потребата била насекаде, особено во Лондон. И искупувањето на Скруџ е многу важен глас за потенцијални давачи од среднат класа. Иако на почетокот не дава ни денар од своите пари и иако не сочувствува со оние коишто немале толку среќа како него, Дикенс јасно става до знаење дека тој не е криминалец. Тој секој ден напорно работи за своите пари.“
На крајот, Скруџ станува сочувствителен лик. И неговото уверување дека затворите и работните кампови се доволна социјална помош за сиромашните, мислење коешто било многу широко распространето во викторијанските времиња, сосема се менува кога ќе сфати дека на градот му е потребно нешто повеќе: емпатија, во форма на давање.
Исто како и Скруџ на крајот од приказната, кога станува „најдобар пријател, господар, човек што добриот стар град го знаел“, Чарлс Дикенс самиот бил дарежлив човек. Тој заработувал добро и го користел неговото богатство и влијание за да им помогне на помалку среќните.
Тој можеби не се збогатил од објавувањето на „Божиќна приказна“, но тој навистина го направил светот малку побогат.
