Почна новата година, но остана старата навика да ги пишувам и оценувам книгите коишто сум ги читала претходниот месец. Зима е, ладно е, така што идеални се времињата за читање книги, па можеби оваа листа ќе ви даде идеја што да читате овој месец.
1 . „Казна за гревот: Молитва за прошка“ – Јелена Бачиќ Алимпиќ

Оцена: 2/5
Осврт: Конечно го прочитав и третиот дел од толку најавуваната трилогија. За првите два дела веќе имам напишано мое согледување (тука и тука) и за жал и за третиот дел мислењето не ми се разликува многу. Според моето доживување на книгата, третиот дел е најверојатно и најслабиот.
Третиот дел продолжува да ги следи животите на Емилија и Михајло, кои не можат да ја преболат љубовта којашто имаат еден за друг иако целиот свет и животот е против нив. Паралелно го гледаме животот на двајцата. Ема, којашто станува се поуспешна во Виена, станува професорка и се мачи со болеста на нејзиниот сопруг и Михајло кој од ден на ден е се понесреќен на својот имот.
Сепак, книгата е заборавлива. И не е проблем што се работи за тажни судбини, бидејќи од нив може многу да се научи, проблемот е што книгата не нуди поука, едноставно ме фрла во депресија и едвај чекате да заврши. И на крај, ако воопшто ја дочитате, едноставно сте пресреќни што завршила книгата.
Жал ми е што ова го кажувам, бидејќи исклучително ја почитувам госпоѓата Алимпиќ, но ова книжевно остварување и е најслабо од сите претходни.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
2. „Кланица 5“ – Курт Вонегат

Оцена: 5/5
Осврт: Заедно со „Сто години самотија“ од Маркес, „Источно од рајот“ од Штајнбек и „Атлас на облаците“ од Мичел, ова е најдобрата книга која ја прочитав во 2016 година. Се чита во еден здив.
Освен што ќе сведочите на еден прекрасен и необичен стил на пишување, поради кој Вонегат е заслужено легенда во книжевниот свет, уште еднаш ќе се потсетите на апсурдноста на војната и што таа им прави на луѓето. Ова е книгата за раните кои ги предизвикува војната, рани кои не можат да се залечат и со децении отккао ќе заврши. Сликите на запалени градови, мртви луѓе не можат да исчезнат туку така.
Оваа книга има и автобиографски моменти (бомбардирањето на Дрезден, чиј сведок бил Вонегат), но е испреплетена и со многу сатира и научна фантастика. Романот го следи животот на Били Пилгрим, неговиот живот пред војната, за време на војната и по војната. Романот нема правилен тек, туку гледаме како Били всушност патува низ времето и успеваме да видиме голем дел од неговиот живот преку „флешбек“ и сеќавања. Истовемено и ги гледаме неговото „заробување од страна на вонзејмани“ и неговите дискусии со тамошните челници.
Книгата остана со мене и во мојот ум со недели откако ја прочитав и топло ја препорачувам!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛИБРИС
3. „Ја проколнувам реката на времето“ – Пер Петешон

Оцена: 3/5
Осврт: Оваа книга е одлична за сите оние коишто сакаат бавни приказни, посветени на поединецот и неговата врска со луѓето околу него. Напишана е во прво лице и го следи животот на Арвид, 37-годишен маж, кој целиот негов живот го мачи неговиот чуден однос со мајка му.
Кога дознава дека таа боледува од рак на желудникот и дека отишла назад во своето родно место на некое време, тој решава да и се придружи, иако не знае точно што би и кажал, ниту зошто оди таму. Па кога ќе стигне таму, тој наместо да и понуди поддршка, тој и соопштува дека ќе се разведе.
Понатаму Арвид полека ни дава еден меланхоличен преглед на неговиот живот, бавен, обичен и релативно досаден. Но, во суштина тој ни дава јасен преглед за неговата потреба да биде близок со мајка му и да создаде вистински, топол однос каков што треба да биде односот помеѓу мајка и син, но за жал, никогаш не успева во тоа и низ текот на книгата го гледаме нивниот чуден, ладен, но во суштина чувствителен однос.
Интересна приказна за оние коишто сакаат побавни, меланхолични книги и кои сакаат малку подлабоко да навлезат во човековиот ум и филозофија.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ИЛИ-ИЛИ
4. „За љубовта“ – Чарлс Буковски

Оцена: 4/5
Осврт: Буковски предизвикува огромни дебати и поделени мислења, но сите се согласуваат дека е писател кој го одбележал времето во коешто живеел, особено од гледна точка на поединецот. Тој се карактеризира со многу емоции, најчесто конфликтни и иако многумина не го сакаат поради директниот и честопати вулгарен јазик, не може да се оспорува дека знае да направи секој да се пронајде во неговите дела, а особено поезија.
„За љубовта“ е верна репродукција на ракописите и првичните изданија на песните кои Буковски ги праќал на издавачките куќи. Оние коишто го познаваат творештвото на Буковски ќе забележат одредени промени во песните коишто ги знаеле, односно голем дел од песните претрпеле измени пред да бидат пуштени во оптек, а во оваа книга задржани се голем дел од оригиналните стихови.
Во секој случај, одлична збирка за љубителите на поезијата!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: HARPERCOLLINS (Може да се најде во АКАДЕМСКА КНИГА)
