Некои знаат, но некои можеби се прашуваат што е тоа Прустов прашалник? Кога би требала да го објаснам наједноставно, тогаш би ве вратила во времето на нашето детство кога речиси секое дете (особено тинејџерките) имаше лексикон. Сигурно ќе се сетите, во големи тефтери или тетратки, поставувавме листа на прашања и потоа им ги дававме на нашите другари, другарки и соученици да ги пополнат и одговорат. Е па нешто слично е во суштина и Прустовиот прашалник.
Именуван е по големиот книжевен ум Марсел Пруст, кој некаде при крајот на 19-тиот век, многу пред да го добие статусот на книжевна легенда, одговорил на еден ваков прашалник кој му го дала неговата другарка Антонета. Тој прашалник бил дел од нејзиниот „албум за исповеди“ кој бил создаден за преку едноставни и кратки прашања да ги открие вкусовите, желбите и амбициите на оној кој ги одговара прашањата.

Оригиналниот ракопис на Пруст, насловен како „Од Марсел Пруст, лично“, не бил откриен се до 1924 година, две години по неговата смрт. Неколку декади подоцна, францускиот водител Бернард Пивот, во овој прашалник видел одлична инспирација за прашања за неговите гости и во текот на 70-тите и 80-тите години на 20 век ги поставувал овие прашања на своите гости.
Во 1993 година, списанието „Венити Фер“ ја обновило оваа традиција и редакцијата започнала да ги објавува одговорите на различни славни и јавни личности токму на Прустовиот прашалник. Во 2009 година тие го издаваат изданието: „Прустовиот прашалник на „Венити Фер“: 101 просветители размислуваат за љубовта, смртта и смислата на животот“ – симпатична збирка која ги вклучува одговорите на неколку популарни феномени како: Џејн Гудал, Ален Гинсберг, Гор Видал, Џулија Чајлд и Џоан Дидион. Помеѓу останатите, таму се вклучени и одговорите на легендарниот Дејвид Боуви, објавени во списанието во август, 1998 година.
Со оглед на тоа дека денес се одбележува една година од смртта на овој музички и културен великан, а и самиот тој бил голем обожавател на книжевноста, денес на блогот можете да ги прочитате одговорите на овој прекрасен и голем човек кој никогаш нема да биде заборавен.

Која е твојата идеја за совршена среќа?
Читањето.
Која е твојата најзабележителна карактеристика?
Добивањето на збор со аголот напред.
Што сметаш дека е твое најголемо достигнување?
Откривање на утрото.
Кој е твојот најголем страв?
Претворањето на километри во милји.
Со која историска личност највеќе се идентификуваш?
Дедо Мраз.
На која жива личност највеќе и се восхитуваш?
Елвис.
Кои се твоите херои во вистинскиот живот?
Потрошувачите.
Која карактеристика најмалку ја сакаш кај себеси?
Додека сум во Њујорк – толеранцијата.
Кога сум надвор од Њујорк – нетолеранцијата.
Која карактеристика најмалку ја сакаш кај другите?
Талент.
Кое ти е омиленото патување?
Патот кон уметничкиот вишок.
Која доблест сметаш дека е преценета?
Сочувството и оригиналноста.
Кои зборови премногу ги употребуваш?
„Хтонско“, „миазма“.
За што највеќе се каеш?
Тоа што никогаш не носев ѕвонарки.
Која е твојата моментална состојба на ум?
Бремена.
Ако можеш да смениш една работа во врска со твоето семејство, која би била таа?
Мојот страв од нив. (со исклучок на мојата сопруга и син)
Што е највредното нешто што го поседуваш?
Фотографија од „Малиот Ричард“ која ја купив во 1958 година и која е залепена со целофан и цедена и сува хризантема којашто ја собрав на мојот меден месец во Кијото.
Што мислиш дека најниската длабочина на мизеријата?
Живеењето во страв.
Каде би живеел?
Северноисточен Бали или јужна Јава.
Кој е квалитетот кој највеќе го сакаш кај еден маж?
Способноста да врати книги.
Кој е квалитетот кој навеќе го сакаш кај една жена?
Способноста да подригне на наредба.
Кои се твоите омилени имиња?
Сирс и Робак
Кое е твоето мото?
„Кое“ Е моето мото.
Како што можете да видите и по прашањата, Дејвид Боуви е легенда со причина. Мој личен фаворит е „Кој е квалитетот кој највеќе го сакаш кај еден маж? Способноста да врати книги.“ Мислам дека сите љубители на книги тука највеќе ќе се согласат!
Во секој случај, нам ни останува да се радуваме што овој човек остави такво музичко и културно наследство зад себе и да жалиме што повеќе не е меѓу нас.
Слава му!
