Харуки Мураками се смета за Леонардо ДиКаприо кога станува збор за Нобеловата награда за книжевност. Исто како што луѓето со години чекаа Лео да добие Оскар и гледаа како наградата му се измолкнува од раце, истото се случува и со Мукарами во светот на книжевноста Оваа година многмина очекуваа тој да ја добие Нобеловата награда, но наместо тоа, наградата отиде во рацете на Боб Дилан.
Но, без оглед на тоа, Мукарами продолжува да пишува и се чини дека нема одмор за него. Издавачката куќа „Шинчоша Паблишинг“ пред извесно време на својата интернет страница објави дека во февруари 2017 година ќе биде издадена новата книга на Харуки Мураками. Многу малку детали се познати во врска со книгата, освен тоа дека ќе биде издадена во Јапонија. Сè уште не е потврдено кога ќе биде издадена во другите држави или континенти.

На интернет страницата на издавачката куќа стои само објавата: „Новата книга на Харуки Мураками доаѓа наскоро, февруари 2017“, а објавата е придружена со слика од две празни книги.
Мураками кратко коментираше во врска со книгата и кажа дека се работи за „чудна приказна“. Но, освен тоа, ни тој не дава други детали.
Инаку, некаде пред крајот на годината, тој во Данска ја доби книжевната награда „Ханс Кристијан Андерсен“. Неговите дела имаат постигнато огромни успеси и тој е еден од најуспешните живи писатели.
Верувам дека и следната книга ќе биде успех, а што се однесува до Нобеловата награда за книжевност, секогаш постои можноста за оваа година.
