Институтот за современа историја во јануари 2016 година повторно ја издаде „Мојата борба“ на Адолф Хитлер, за првпат по Втората светска војна. Една година по издавањето, германскиот издавач вели дека книгата се продала во 85.000 примероци и 35 недели беше на листата на бестселери областа на нефикцијата на „Шпигл“. Д-р Магнус Брехткен, заменик-директор на Институтот за современа историја, за CNN изјавил дека Институтот бил прилично изненаден од тоа колку силно била заинтересирана јавноста во Германија.
Институтот чие седиште е во Минхен и кој претходно има објавено изданија како „Говори, написи и наредби на Хитлер, 1923-1933“, „Втората книга на Хитлер“ и дневниците за рангирањето на Јозеф Гебелс и Алфред Розенберг, соопшти дека првично планирале да испечатат 4000 примероци од новото издание. Но, набрзо откако соопштиле дека ќе излезе книгата во продажба, Институтот добил 15.000 нарачки. Сега, книгата веќе го доживеа своето петто издание, со планови да се издаде и шесто издание.

(Новото критичко издание на „Мојата борба“)
Кој ја купува книгата?
Повратните информации од дистрибутерите на книгата кажуваат дека повеќето луѓе кои го купуваат изданието се академици или луѓе кои ги интересираат историски настани. Брехткен вели: „Луѓето што генерално читаат историски книги, како биографија на Хитлер или книга за Третиот Рајх, се заинтересирани за основни информации за четиво шго досега не било достапно во вакво критичко издание.“
Ова ново, критичко издание на „Мојата борба“, го проширува оригиналното четиво со критичка анализа на истото. Брехткен додал дека критичарите кои се загрижени дека новото издание може да поттикне негативни исходи од екстремните десничарски групи, воопшто не треба да се грижат. Новото, коментирано издание на „Мојата борба“ го побива оригиналниот текст на Хитлер и претставува антитеза на неговата идеологија.
Брехткен додава:
„Според мене, екстремните десничарски групи се најнесреќни со новото издание. Досега немавме ниту една реакција од екстремната десница, затоа што не им се допаѓа книгата. Тие го сакаат четивото онакво какво што е во оригиналнатаа форма, нив не им се допаѓа тоа што имаме критичко издание, а токму тоа е причината поради која имаме вакво издание. Луѓето кои можеби би сакале да прочитаат нешто од Хитлер, никогаш не би можеле да ги следат неговите мисли додека ја читаат нашата книга, затоа што Хитлер е комплетно деконструиран во нашето издание.“
Во изјавата што беше поставена на веб-страницата на Централниот совет на Евреите во Германија пред изданието да излезе во продажба, претседателот на Советот, д-р Јозеф Шустер, изјавил дека Централниот совет на Евреите во Германија е убеден дека „Мојата борба“, ужасната пропаганда на Хитлер, мора да остане забранета, но дека тие не би се противеле на критичко издание кое со научни аргументи ги побива расистичките теории на Хитлер, издание што би било на располагање за истражување и учење.
Како дошло до тоа книгата повторно да излезе на пазарот?
Кога завршила Втората светска војна, Сојузниците ги предале авторските права на германската сојузна држава Баварија, под услов повторното издание на книгата да биде забрането. Кога авторските права истекле на 31 декември 2015 година, Институтот за современа историја решил повторно да ја издаде книгата со цел да ги открие „лагите, полувистините и злобните тиради“ на нацистичкиот режим, кој завршил со смртта на милиони луѓе во текот на Втората светска војна.

(Оригиналното издание на „Мојата борба“)
Брехткен вели дека по 70 години откако завршила Втората светска војна, новата верзија која вклучува ново истражување за растот на национал-социјализмот додава важна академска рамка со цел да се проучи контроверзното четиво во малку поширок контекст. Оригиналната верзија на „Мојата борба“ имала околу 600 страници и вклучувала стилизирана слика на Хитлер на која на црвен банер пишувало „Мојата борба“. Критичкото издание на книгата има дополнителни 1300 страници и оригиналниот дизајн е сосема отфрлен.
Повторното издавање на книгата сè уште е нелегално
Хитлер ја издал „Мојата борба“ во два тома и тоа во периодот од 1924 до 1926 година. Првиот том кој во голем дел е автобиографски, го напишал во затворска ќелија откако Нацистичката партија била забранета по нивниот неуспешен обид за државен удар во 1923 година. Вториот том, кој детално ги опишува политичките амбиции на нацистите, бил напишан додека бил на одмор. Оригинално биле издадени 12 милиони примероци од манифестот на озогласениот нацистички лидер, но повеќето биле изгорени по војната. Според Институтот, неколку стотини илјадници примероци преживеале и сè уште можат да се најдат во антикварници и исторски книжарници.
Правниот систем на Германија ветува дека секое повторно издавање или дистрибуција на оригиналното издание без соодветни коментари е нелегално, но пред извесно време се соочија со проблеми во врска со ова.
