Детективските романи, мистериите и трилерите се меѓу најпознатите и најсаканите жанрови во книжевноста. Од романите на Агата Кристи, се до Шерлок Холмс и Ден Браун, луѓето уживаат во вистинска мистерија, трудејќи се заедно со ликовите од книгата да дојдат до решението на случајот.
Секако, доколку сакате детективски романи малку повеќе од вообичаеното, сигурно ќе се препознаете во некоја од следниве точки. Секако, овој пост е само за забава, за да се насмееме малку на нашата зависност од детективски романи. 😀
Мислите дека можете да го решите секое злосторство
Сте прочитале толку многу трилери и мистерии, што кога ќе прочитате за некое убиство, веднаш развивате теории и мислите дека ќе можете да го решите без око да ви трепне. И покрај тоа што немате ниту еден ден искуство како детектив, сепак имате чувство дека покрај толку детективски романи, сигурно сте научиле по некоја финта.

Пробувате да заклучите работи за луѓето кои ги среќавате врз основа на нивниот изглед и однесување
Многу важен дел од детективските романи е изгледот и однесувањето на луѓето. Па зарем Шерлок Холмс не решава цели случаи само врз основа на изгледот и говорот на телото? По 50-тина детективски романи и вие почнувате поостро да ги набљудувате луѓето и се обидете да донесете заклучоци за нивниот карактер врз основа на говорот на телото. Не знаете колку ви оди од рака, но сепак се обидувате.
Мислите дека ќе бевте супер детектив и ви е жал што не се определивте за тоа
Можеби и сте плашливи по природа, но после секој прочитан трилер или мистерија мислите дека сте родени за да бидете детектив и дека е вистинска штета што не сте тргнале по тој пат. Со секоја нова прочитана мистерија и решен случај, верувате дека имате неверојатен талент и ви е жал што сте го потрошиле залудно и не сте го искористиле вашиот потенцијал.
Уште не сте го прочитале првото поглавје, а вие веќе „знаете што ќе се случи“
После толку прочитани мистерии и трилери, вие едноставно се сметате за еден вид на експерт, па затоа и верувате дека по само едно прочитано поглавје веќе зннаете точно што ќе се случи на крајот. Е сега, не излегува секогаш баш така, ама сега тоа не е важно…
