Исак Асимов напишал 500 книги за време на својот живот: Како му успеало тоа?

Исак Асимов е еден од најпознатите писатели на научна фантастика. Едно од неговите најпопуларни дела е: „Јас, робот“, кое и ден денес е огромна инспирација за сите надежни, млади писатели кои ја сакаат научната фантастика, а Холивуд направи и филм според неговата книга.

Тој во својот живот напишал 500 книги и еден од најпродуктивните писатели на сите времиња. Во негова чест, Чарлс Чу од порталот „Кварц“, извадил неколку интересни поенти од неговата автобиографска книга „Беше добар живот“, кои можат да им помогнат многу на младите автори и сите кои сакаат да пишуваат.

Во продолжение прочитајте ја статијата на македонски јазик, а на крајот од текстот имате линк кој ве води до оригиналната статија.

isaac-asimov

Ако има еден збор за да се опише Исак Асимов, тоа е „продуктивен“.

За да можете да парирате на бројот на романи, писма, есеи и други шкртаници кои Асимов ги создал во неговиот живот, во наредните 25 години вие ќе треба да пишувате целосен роман на секои две недели.

Зошто Асимов бил во можност да има толку многу добри идеи кога се чини дека ние останатите имаме само една или две добри идеи во животот? За да дознаам, ѕирнав во автобиографијата на Асимов, „Беше добар живот“.

Асимов не се родил пишувајќи 8 часа дневно, седум дена неделно. Тој кинел страници, се фрустрирал и паѓал одново и одново. Во неговата биографија, Асимов ги споделува тактиките и стратегиите кои тој ги развил за никогаш повторно да не остане без идеи.

Ајде да преземеме нешто од него.

1. Никогаш не престанувај да учиш

Асимов не бил само автор на научна фантастика. Тој се стекнал со титулата доктор по хемија од Универзитетот Колумбија. Тој пишувал за физиката. Тој пишувал за античката историја. Има напишано дури и книга за Библијата.

Како успевал да пишува толку опширно и да опфаќа толку многу теми во време на кратковидна специјализација?

За разлика од многу модерни „професионалци“, учењето на Асимов не завршило со неговите титиули и образование:

„Никогаш немаше да можам да ја напишам целата таа палета од книги кои ги напишав само со образованието коешто го добив од училиштето. Морав да одржувам програма за само-образование. Мојата библиотека со референтни книги растеше и сфатив дека морам да се потам над нив со мојот постојан страв дека нема да можам да разберам одредена поента која за некој кој ја познава тематиката би била смешно едноставна.“

За да имаме добри идеи, мораме да конзумираме добри идеи. Дипломата не е крајот. Ако ништо друго, таа е почетокот.

Додека растел, Асимов читал сѐ:

„Целото тоа неверојатно разновидно читање, како резултат на недостаток на водство, остави неизбришлива трага. Мојот интерес беше поттикнат од дваесет различни правци и сите тие интереси останаа. Имам напишано книги за митологија, за Библијата, за Шекспир, за историјата, за науката, и така натаму.“

Читајте многу. Следете ја вашата љубопитност. Никогаш не престанувајте да инвестирате во себеси.

mte5ndg0mdu0odg0mzuzntux

2. Не се борете со заглавувањето

Освежувачки е да се знае дека и Асимов често знаел да заглави:

„Многу често, кога работам на научно-фантастична книга, се фаќам себеси како ми е смачено и не можам да напишам ниту збор повеќе.“

Заглавувањето е нормално. Она што се случува следно, нашата реакција е она што го одделува професионалецот од аматерот.

Асимов не дозволил да биде спречен од тоа што заглавил. Низ годините, тој развил стратегија:

„Не зјапам во празни листови. Не поминувам денови и ноќи чукајќи си ја главата која е празна и без идеи. Наместо тоа, едноставно ја оставам книгата и се префрлам на дузината други проекти кои се започнати. Ќе напишам некој едиторијал, есеј, кратка приказна или ќе работам на некоја од моите нефиктивни книги. Кога ќе стигне времето да се уморам од овие работи, мојот ум е повторно способен да работи и да се полни. Се враќам на мојата книга и сфаќам дека повторно сум способен лесно да пишувам.“

Кога ја пишував оваа статија, толку се исфрустрирав, што ја оставив и две недели работев на други проекти. Сега кога создадов простор, сѐ изгледа многу, ама многу полесно.

Мозокот работи на мистериозни начини. Со тоа што ќе се повлечеме, наоѓајќи други проекти и активно игнорирајќи нешто, нашата потсвест создава простор за нашите идеи да растат.

3. Чувајте се од отпорот

Сите креативци, без разлика на тоа дали се претприемачи, писатели или уметници, го знаат стравот од давање форма на своите идеи. Откако еднаш ќе донесеме нешто на светот, тоа вечно ќе стои голо и ранливо пред одбивањето и критиката од страна на милиони лути очи.

Понекогаш, откако ќе објавам статија, толку многу се плашам дека активно ќе ги избегнувам сите коментари и преписки преку мејл.

Стравот е најголемиот непријател на креативноста. Во книгата „Војната на уметноста“, Стивен Пресфилд му дава име на стравот. Тој го нарекува „отпор“.

На Асимов отпорот му е добро познат:

„Обичниот писател сигурно ќе биде мета на несигурности додека пишува. Дали реченицата којашто ја напишал е разумна? Дали е изразена какошто треба да биде? Дали ќе звучи подобро ако е напишана поинаку? Па така обичниот писател секогаш одново прегледува, секогаш сече и менува и секогаш пробува различни начини на изразувања и колку што јас знам, никогаш не е целосно задоволен.“

Сомневањето во себе е убиец на умот.

Јас сум неуморен уредник. Најверојатно дузина пати сум ја преуредувал оваа статија. И сѐ уште не чини. Но, морам да запрам сега, инаку никогаш нема да ја објавам.

Стравот од одбивање нѐ претвора во „перфекционисти“. Но, тој перфекционизам е само школка. Се криеме во неа кога времињата се тешки. Ни дава безбедност. Безбедноста на лагата.

Вистината е дека сите имаме идеи. Мали семиња на креативност коишто поминуваат низ прозорците на умот. Разликата помеѓу Асимов и останатите е во тоа што ние ги одбиваме сопствените идеи без да им дадеме шанса.

На крајот на краиштата, да немаш идеи значи никогаш да паднеш.

237278285

4. Намалете ги сопствените стандарди

Асимов бил целосно против потрагата по совршенство. Обидите сѐ да биде погодено од првиот пат, според него, се голема грешка.

Наместо тоа, најпрво дојдете до основата:

„Гледајте на себе како уметник кој прави скица за да добие јасен преглед на композицијата во својата глава, на боите, балансот и сѐ останато. Откако ќе го направите тоа, можете да се грижите за финесите.“

Не се обидувајте да ја насликате Мона Лиза уште во првата рунда. Намалете ги стандардите. Прво направете еден тест, привремена скица или груб запис.

Истовремено, Асимов ја истакнува самоувереноста:

„Писателот не може да седи двоумејќи се за квалитетот на неговото пишување. Наместо тоа, тој мора да го сака своето сопствено пишување. Јас си го сакам своето.“

Верувајте во тоа што го создавате. Ова не значи дека сѐ што ќе направите мора да биде најдобро на светов и тоа при првиот обид. Вистинската самодоверба е поврзана со поместување на границите, ужасно паѓање и имање сила да станеш пак.

Ние паѓаме. Ние се бориме. И затоа успеваме.

5. Создавајте повеќе работи

Интересно, но Асимов исто така препорачува создавање повеќе работи како лек за перфекционизмот:

„Додека дојде времето за една книга да биде објавена, писателот нема многу време да се грижи за тоа како ќе биде прифатена или дали воопшто ќе се продава. Додека стигне тој момент, тој веќе продал неколку други и работи на уште неколку нови и се грижи токму за тие. Ова го интензивира мирот и смиреноста во неговиот живот.“

Ако имате нов производ кој излегува на секои неколку недели, вие едноставно немате време да размислувате за неуспех.

Ова е причината поради која пишувам неколку статии неделно, наместо да се фокусирам на „совршената“ статија. Помалку боли кога нешто нема да успее. Разноликоста е осигурување на умот.

6. Тајниот сос

Еден млад, надежен писател, кој бил пријател на Асимов, во една прилика го запрашал:

„Од каде ти доаѓаат идеите?“

Асимов му рекол: „Со размислување и размислување и размислување, сѐ додека не сум подготвен да се убијам себеси. Дали некогаш си мислел дека е лесно да добиеш добра идеја?“

Многу од неговите ноќи биле поминати додека бил сам со својот ум:

„Вчера не можев да спијам, па затоа седев буден мислејќи на некоја статија која би можел да ја напишам и мислев и мислев и плачев на тажните делови. Имав прекрасна вечер.“

Никој не рече дека имањето идеи ќе биде лесна работа.

Ако беше, немаше толку да вредат.

Статијата е преземена од тука

 

Leave a comment