„Читателите ретко се осамени или ретко им е здодевно, затоа што читањето е бегство и просветлување.“ Ова го пишува Пол Теро во предговорот на новата книга „Стив МекКјури: За читањето“. „Оваа мудрост понекогаш може да се види со голо око. Мене ми изгледа дека секогаш има нешто осветлувачки во лицето на човек додека чита.“

(Мјанмар, 1994 година)
Таа светлина се појавува низ целата книга, без оглед дали се работи за наведнатата глава на една жена во музеј во Италија или напнатиот израз на уличниот продавач во Кабул. Низ текот на последните 40 години, овој фотограф на Магнум собрал збирка од фотографии кои покажуваатт луѓе кои се обземени од испечатениот збор.

(Рим, Италија, 1984 година)
Некои се поопуштени, како мажот пред мебел кој гори, гужвајќи весник во едната рака и цигара во другата рака, додека други делуваат како во транс, делувајќи несвесно пред пар огромни нозе од диносаурус или слон потпрен на нив. Сите се привремено транспортирани на некое друго место.
(Чианг Маи, Тајланд, 2010 година)
МекКјури бил инспириран од голем унгарски пионер. Стив МекКјури во воведот на книгата вели: „Се запознав со легендарниот фотограф Андре Кертес кратко откако се преселив во Њујорк во моите рани 30-ти години. Некои од неговите најинтригантни слики беа фотографии од луѓе како читаат. Тие биле направени во период од 50 години и беа собрани и објавени во неговата книга „За читањето“, објавена во 1971 година. МекКјури вели дека неговата книга е „во чест на талентот, влијанието и генијалноста на Кертес.“
(Мумбаи, Индија, 1996 година)
Во книгата „Гледајќи ги фотографиите“ од 1973 година, Џон Сарковски, кураторот за фотографија во Музејот на модерна уметност, напишал дека „Кертес никогаш не бил многу заинтересиран за делиберативни и аналитички описи; уште кога почнал да фотографира во 1912 година, тој ја барал револуцијата во елиптичкиот поглед, во неочекуваните детали, во ефемералниот момент – не во епското, туку во лирската вистина.“
(Умбрија, Италија, 2012 година)
Фотографиите на МекКјури се составени од тие моменти, глетки од луѓе апсорбирани од пишаниот збор, многумина од нив несвесни дека некој ги фотографира. Швајцарскиот поет, писател и сликар Херман Хесе има дадено прониклив опис за она што може да биде целосно обземувачко искуство во неговиот есеј „За читањето книги“ од 1920 година; „Во часот кога нашата фантазија и нашата способност да се поврземе се на највисоката точка, ние повеќе не го читаме она што е испечатено на хартија, туку пливаме во поток од импулси и инспирации кои допираат до нас од она што го читаме.“

(Кувајт, 1991 година)
Фотографиите во „За читањето“ откриваат нешто што истовремено не носи надвор од светот и ни помага да научиме повеќе за него. На вебстраната „Brain Pickings“, Марија Попова ги опишува различните улоги на читањето. Таа пишува: „За Кафка, книгите биле „секирата за замрзнатото море во нас“; за Карл Саган, „доказ дека луѓето се способни да создаваат магија“; за Џејмс Болдвин, „начин како да ја промениме нашата судбина“, за Нил Гајман, „возилото за најдлабоките човекови вистини“, за полската добитничка на Нобел, Вислава Симборска, „нашата крајна граница на слободата“, додека пак Галилео го гледал читањето како еден вид имање супермоќи.“
(Кашмир, 1998 година)
Во неговиот предговор на „За читањето“, Теро се сеќава како тоа што го читал Болдвин, како и писатели како Лангстон Хјус и Зора Нил Хурстон, го промениле неговиот поглед кон светот. „Начинот на кој читателот е примен во внатрешниот живот на некој измислен лик, мене ми значеше сè во животот и тоа го обликуваше мојот сензибилитет и ми даде некое разбирање за расниот конфликт во американскиот живот.“

(Шри Ланка, 1995 година)
На оваа слика, МекКјури фатил една жена која му чита на своето внуче пред некој храм. Теро открива кога првпат станал читател: „Повеќето читатели можат да се навратат и да откријат дека љубовта кон книгите започнала со слушање приказни. Мојот татко ни ја читаше „Островот со скриено богатство“ на мене и моите браќа пред да заспиеме, а мојата мајка ни ги читаше „5 кинески браќа“, „Снип“, серијалот „Снап Снур“, „Слонот Сони“ и други книги од Доктор Сус… Мојот интерес за поширокиот свет се стимулираше уште од мали нозе.“
(Племето Сури, Тулгет, Долината Омо, Етиопија, 2012 година)
Хесе ја има пренесено трансформативната природа на читање во неговиот есеј од 1930 година, „Магијата на книгата“: „Меѓу многуте светови кои човекот не ги добил како подарок од природата, но ги создал во својот ум, светот на книгите е најголемиот … Без зборот, без пишувањето книги, не постои историја, не постои концепт за човештвото. И ако некој сака да се обиде да се затвори во мал простор, во една куќа или една соба, историјата на човечкиот дух и да ја направи своја, тој може да го направи тоа само во форма на збирка од книги.“
(Рио де Жанеиро, Бразил, 2014 година)
Хесе пишува: „Со сите луѓе, зборот и пишувањето се свети и магични. Именувањето и пишувањето оригинално биле магични операции, магични освоувања на природата низ духот и даротза пишување секаде се сметал дека има божествено потекло. Кај повеќето народи, пишувањето и читањето биле тајна и свети вештини резервирани само за свештенството.“
(Кабул, Авганистан, 2002 година)
Теро во својот предговор ја опишува природата на таа магија: „Голем дел од привлечноста на читањето книги е откритието дека читателот знае многу повеќе за внатрешниот живот на ликовите во книгата отколку што знае за неговиот или за членовите на неговото семјество и пријателите. Интензивноста на читателското искуство, коешто е невозможно да се пренесе на човек кој не чита е причината поради која измислените ликови делуваат реално, примерно, трагично, смешно и достапнно… Големите книги фрлаат магија, пренесувајќи го читателот во свет којшто е извонреден, како полинезискиот Еден на Мелвил или англиската дистопија на Орвеловата „1984“.
(Србија, Југославија, 1989 година)
Теро тврди дека фотографиите на МекКјури „се визуелен доказ за многу од работите за коишто имам пишувано: себепоседувањето на читателот, прозрачниот поглед, идејата за осаменост, опуштениот став, единственоста на трудот, чувството на откривање и наговестувањето на радост.“
(Њујорк, САД, 2015 година)
Тие исто така се потсетник за тоа дека многумина ширум светот се уште претпочитаат испечатен збор наместо „паметен телефон“. Назад во 1930 година, Хесе тврдел: „Ние не мораме да се плашиме од идно елиминирање на книгата. Напротив, колку повеќе потреби за забава и образование се задоволуваат преку други изуми, толку повеќе книгата назад ќе ги освојва достоинствтото и авторитетот. Дури и најдетското опијанување со напредокот наскоро ќе мора да признае дека пишувањето и книгите имаат функција која е вечна.“
(Кувајт, 1991 година)
Хесе заклучил: „Ќе биде уште поочигледно дека формулациите во зборовите и пренесувањето на тие формулации преку пишување не се само помошни помагала, туку тие всушност се единствените средства со кои човештвото може да има историја и продолжена свесност за себеси.“
Статијата е преземената од BBC Culture.
