Македонска поезија: „Умилкување“ од Петре М.Андреевски!

21 февруари е Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Нема поубав начин да го одбележиме овој прекрасен ден со македонска поезија и тоа со песна од големиот Петре М. Андреевски, која морам да признаам дека мене ми е една од омилените. Уживајте во „Умилкување“ и како бонус на крај погледнете го прекрасното емотивно рецитирање на Владо Цветановски!

Умилкување – Петре М.Андреевски

Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,
ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња
ќе те љубам и губам и во пости и пред гости
само да ме сакаш.

Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.
Сите светлосни преѓи пресијазол ќе ги врзам,
сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,
ќе ти дадам сè што е солено и молено
само да ме сакаш.

Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам
ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш.

Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите часови.
Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот
и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам
и ќе те фалам и кудам под сите небеса
само да ме сакаш.

Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш.

7594810-1329498064_1771808-1478849871-650-7d49df15ad-1479138202

Погледнете го и видеото:

Leave a comment