Интересни факти за „Странецот“ на Албер Ками!

Нема потреба премногу да се најавува книга како „Странецот“. Ова е едно од најважните и најдобрите дела на 20 век, вистинско ремек-дело, кое го постави Албер Ками на пиедесталот помеѓу најдобрите писатели на сите времиња. И по повеќе од 70 години од нејзиното издавање, оваа книга сè уште е предмет на анализи и дебати, сè уште поттикнува важни прашања за човековата природа и душа.

Досега имам објавено по нешто за „Странецот“ и за Албер Ками, но за денес решив да соберам неколку интересни и можеби помалку познати факти за оваа феноменална книга која ќе ве охрабри и поттикне да ја прочитате или да ѝ се навратите уште еднаш.

501_6_59_16__12__4_2013d181d182d180d0b0d0bdd0b5d186d0bed182

Албер Ками ги напишал „Странецот“ и „Митот за Сизиф“ во иста година

Ками бил прилично зафатен со пишување кога имал 28 години. Освен „Странецот“, во 1942 година тој го напишал есејот од 112 страници, „Митот за Сизиф“, кој е анализа на различни теми како смислата на животот, апсурдноста и самоубиството.

Ками со себе го носел ракописот за „Странецот“ кога бегал од нацистите

Почетокот на 40-тите години на 20-тиот век биле навистина бурни за Европа. Ками ја започнал својата пишувачка кариера за време на подемот на Третиот Рајх и ја издржал окупацијата на Париз и околните места. Тој бил приморан да избега од Париз во 1940 година, одејќи во Кермон-Феран и Лион пред конечно да се врати во родниот Алжир. За време на овој период, Ками се оженил и речиси веднаш потоа ја загубил својата работа, но цврсто се држел до ракописот на „Странецот“ за време на сите тие години.

Книгата била голем хит во анти-нацистичките кругови

„Странецот“ била издадена во Франција во време кога издаваштвото во државата страдало од германската цензура, па затоа книгата поминала низ рацете на нацистите за да се утврди дали книгата има потенцијални „клевети“ за Третиот Рајх. Иако делото на Ками сепак го поминало тестот, „Странецот“ веднаш станала популарна помеѓу анти-нацистичките активисти. Сензибилитетот во книгата што е во насока против естаблишментот бил доволно суптилен за да помине покрај цензорите, но поттекстот бил јасен и гласен за оние што барале засолниште од непријателството на сè помоќната Германија.

albert_camus_gagnant_de_prix_nobel_portrait_en_buste_posc3a9_au_bureau_faisant_face_c3a0_gauche_cigarette_de_tabagisme

Влијанијата врз „Странецот“ претежно биле американски

Стилот и идеологијата на Ками често се поврзуваат со францускиот писател и филозоф Жан Пол Сартр (врска која Ками секогаш ја негирал), но неговите главните книжевни влијанија, барем оние што помогнале при обликување на „Странецот“, претежно доаѓале од американски писатели. Кога ја пишувал книгата, Ками се инспирирал од делата на Ернест Хемингвеј, Вилијам Фокнер, Џон Дос Пасос, а наводно Ками изјавил дека „Поштарот секогаш ѕвони два пати“ од Џејмс М. Кејн била голема инспирација за да го напише делото.

Контроверзниот модерен француски писател Мишел Уелбек ја започнува својата трета книга „Платформа“ со оддавање на почит на Ками

Првата книга во реченицата е: „Тато умре лани.“

На Ками не му се допаѓало кога луѓето ја нарекувале книгата „егзистенцијалистичка“

Не само што Ками ја одбивал споредбата со стилот и филозофијата на Сартр, писателот не сакал тој или неговите дела да бидат ставани под чадорот на егзистенцијализмот. Ками рекол дека неговите дела се поблиску до апсурдот, иако признал дека и тој збор го нервира.

Ками добил многу критики за првичното сиже кое го дал за „Странецот“

Откако испечатил едно издание од неговата книга со реченицата „Во нашето општество секој маж кој нема да плаче на погребот на својата мајка ризикува да биде осуден на смрт“, Ками се соочил со големо недоразбирање околу тоа што сакал да каже, па потоа во едно подоцнежно издание од 1955 година се дообјаснил со следниот пасус: „Одамна дадов сиже за „Странецот“ и тоа со забелешка која признавам дека беше многу парадоксална… јас мислев само на тоа дека херојот во мојата книга е осуден затоа што не ја игра играта.“ Дури и по ова објаснување, некои академици го обвиниле Ками за поедноставување на сопственото четиво.

Еден помалку значаен лик во книгата добил своја книга

Безимениот Арап кој страда од налетот на бесот на убиствениот протагонист на Ками, по 70 години доживува посветла иднина. Во 2013 година Камел Дауд ја објави книгата „Истрагата за Мерсо“ фрлајќи светлина на идентитетот и приказната на анонимната жртва.

uv006405big

Сосема е можно Ками да сметал дека „Странецот“ е втора верзија од друга книга

Четири години пред да излезе првото издание на „Странецот“, Ками завршил една многу слична приказна за човек кој се викал Мерсо и кој убива невин познаник од себични причини. Наводно Ками не бил задоволен со тоа што го напишал, го баталил ракописот и одново се фокусирал на протагонистот и настаните околу него. Откако Ками загинал во 1960 година, бил откриен ракописот за оригиналната приказна и бил издаден на меѓународниот пазар. Книгата била издадена во 1971 година под името „Среќна смрт“.

Француските читатели ја изгласале „Странецот“ за најдобра книга во 20 век

Во 1999 година, францускиот весник „Ла монд“ ги запрашал своите читатели да се изјаснат за тоа кои се најдобрите книжевни дела објавени во 20 век. На гласањето учествувале 17.000 луѓе. „Странецот“ била прва книга на листата, победувајќи книги како „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст, „Процес“ од Франц Кафка и „Малиот Принц“ од Антоан де Сент-Егзипери.

Една многу популарна телевизиска серија има посебна поврзаност со „Странецот

Обожавателите на серијата „Mad Man“ знаат дека оваа серија е полна со книжевни референци. „Странецот“ има особено важно место во оваа телевизиска драма која прави паралели помеѓу Мерсо од „Странецот“ и ликот Дон Драјпер од серијата. Американскиот крал на рекламирањето, „отуѓен“ исто како и Мерсо, за време на серијата се движи во насока на контрастот помеѓу неговите закржлавени емоционални капацитети и она што општеството го очекува од него, контраст кој во текот на серијата сè повеќе се заострува. Дури има една епизода во сериjата кога Дон е обвинет дека е некој кој „сака да го игра „Странецот““.

 Рок-бендот Кјур бил обвинет за расизам поради нивната љубов за „Странецот“

Првиот сингл на англискиот рок-бенд The Cure бил повод за неверојатни негативни критики кои и ден денес уште кружат во јавноста, благодарејќи на (заслужно) неразбраните стихови и наслов. Песната „Убивајќи го Арапот“ (Killing an Arab) била снимена во 1976 година и всушност била напишана за да ѝ се оддаде почит на книгата.

Текстописецот Роберт Смит сакал да ги објасни настаните и темите на приказната, велејќи дека песната требала да биде „краток поетски обид да ги искажам моите чувства за главните моменти во „Странецот““. Со оглед на тоа дека јавноста негативно ги оценила намерите на бендот како општествено нечувствителни, бендот понекогаш ја изведувал песната со променет текст во којшто се пее „Бакнувајќи го Арапот“ (Kissing an Arab).

Leave a comment