Класиците на модерната книжевност се како столбови кои ја овозможуваат креативната структуа и рамка врз кои се градат останатите брилијантни дела. Тие исто така можат да бидат и одлична инвестиција, барем според индексот за ретки книги составен од организацијата Stanley Gibbons Group од Велика Британија.
RobbReport.com во соработка со резултатите од Стенли Гибонс Груп ги сподели највредните први изданија на книги издадени од 20 век до денес. Иако секој писател има различен пристап при споделување на своите мисли, од посветеноста на Хемингвеј да се држи до едноставноста до моќта на Џејмс Џојс да создава комплексни и криптични приказни, овие писатели се осигурале дека нивните книги никогаш нема да умрат.
1 . „Во нашето време“ – Ернест Хемингвеј

Две години пред да ја објави книгата „И сонцето изгрева“, Ернест Хемингвеј, мајсторот на минималистичкото пишување, составил збирка од кратки раскази под името „Во нашето време.“ 18 приказни покриваат теми кои денес се сметаат за составен дел од опусот на Хемингвеј – кратки портрети на оштетените од конфликти, со Првата светска војна и борбите со бикови како познати приказни од позадина.
Објавена во Париз од страна на издавачката куќа „Три Моунтаинс Прес“ во 1924 година, оригиналното издание било испечатено на рачно изработена хартија и во продажба биле пуштени само 170 примероци. Во следните изданија, објавени во 1925 и 1930 година, биле додадени уште 3 дополнителни приказни и тие се лесно препознатливи по тоа што насловот е напишан со големи букви. Во 2014 година, првото издание на книгата се продало за 25.000 долари на аукција.
2. „Казино „Ројал““ – Ијан Флеминг

Светот се запозна со британскиот шпион Бонд, Џејмс Бонд во 1953 година преку страниците на книгата „Казиното „Ројал““ од Ијан Флеминг. Агентот 007, оперативецот кој имаше дозвола за убивање и желба да растреперува лоши момци, но и убави жени. Во неговата прва мисија, Бонд се коцка со пари на MИ6, го мачат и се заљубува во двоен агент, а сепак останува мирен и го спасува денот.
Приказната за Џејмс Бонд доживува серијал од уште плус 11 книги, две збирки со кратки приказни и франшиза за филм која носи големи заработки. Книгата којашто ги започна сите овие работи прв пат била издадена под капата на издавачката куќа „Џонатан Кејп“ во Лондон. Првото издание на книгата содржело 4728 примероци. Во 2013 година, едно од тие изданија се продало за нешто повеќе од 60.000 долари.
3. „Хобитот“ – Џ.Р.Р. Толкин

Книгата која е заслужна за поттикнување на љубовта кон пишаниот збор помеѓу младите луѓе, останува поеднакво магична и за возрасните. „Хобитот“ за првпат е издадена во 1937 година и претставува епска приказна која го опишува патувањето на Билбо Багинс кој ја напушта удобноста на домот за да им помогне на група џуџиња да го ослободат богатството од дувлото на змејот Смауг.
Само 1500 примероци биле пуштени во Велика Британија од страна на издавачката куќа „Џорџ Ален & Унвин“ и сите биле продадени за помалку од три месеци. Иако првично Гибонс процениле дека првите изданија на книгата вредат околу 78.000 долари, сепак еден примерок кој содржел и персонализирана посвета од Толкин, минатата година на една аукција на Сотербис бил продаден за 210.500 долари.
4. „Големиот Гетсби“ – Ф. Скот Фицџералд

Оваа книга се смета за најдоброто дело на Ф. Скот Фицџералд. Книга која ни дозволува да ѕирнеме во животите на богатите за време на ерата на џезот. Во неговото пишано истражување на невозвратената љубов, страста, опсесијата и бескрајната потрага во слава, Фицџералд ја документира материјалната екстравагантност и моралната банкротираност на 20-тите години на 20 век преку приказна која и денес е и повеќе од релевантна.
Иако денес се смета за ремек-дело на современата книжевност, сепак кога за првпат била издадена во 1925 година, „Големиот Гетсби“ била прилично игнорирана книга и се продавала за 2 долари. А сепак, првото издание на оваа книга денес може да достигне бројка и од 6 цифри. И иако едно од нив во 2015 година се продало за 191.000 долари, некои од нив можат да стигнат и до цена од 300.000 долари.
5. „Улис“ – Џејмс Џојс

Ремек-делото на модернистичкото движење, „Улис“ на Џејмс Џојс е литературен лавиринт кој е обликуван според „Одисеја“ на Хомер. Наместо да се присеќава на храбриот Одисеј и неговата борба да се врати дома, оваа книга го следи протагонистот Леополд Блум и случувањата во Даблин на 16 јуни 1904 година – пат кој е тежок да се следи поради постојаниот тек во потокот на свесноста на писателот.
„Улис“ за првпат се појавила во „Литл Ревју“ (периодично списание во САД) помеѓу 1918 и 1920 година, а како книга за првпат била издадена во 1922 година од издавачката Силвија Бич која била сместена во Париз. Првото издание содржело само 1000 примероци, па така можете да си замислите дека првите примероци денес се бараат како што се бара крајната смисла на книгата. Во 2002 година, примерок од првото издание бил купен за 460.500 долари.
