Што читаше Кафе и книги во февруари?

Дојде март, а тоа значи дека набргу ќе дојдат сончевите денови и пролетта, па ќе имаме можност да читаме на нашите тераси со кафе до нас или во парк, уживајќи во топлите денови. Иако ќе почекаме уште малку, бидејќи март знае да биде превртлив месец, сепак тоа не значи дека во меѓувреме не може да уживаме во книгите.

person-sitting-and-reading-in-sunlight

Денес на блогот можете да ја прочитате стандардната листа со препораки од книги кои ги прочитав во февруари, па можеби и ќе си одберете нешто интересно за читање.

Сета светлина која не можеме да видиме“ – Ентони Дор

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛИБРИС
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е најдобрата книга која ја прочитав месецов и со цело срце ви ја препорачувам. Не можев да се одлепам од книгата, едноставно во часовите кога ја читав за мене не постоеше ништо друго, јас живеев во тој свет кој Ентони Дор го создал за нас и во таа приказна за која тој (сосема заслужено) ја доби Пулицеровата награда во 2015 година.

И покрај тоа што се напишани многу книги за Втората светска војна, сепак оваа е навистина оригинална и различна од сите останати. Книгата постојано се движи помеѓу сегашноста (што во книгата е август 1944 година) и минатото. Започнува со нападот на сојузниците во окупираното градче Сен-Мало, во коешто живее Мари-Лор којашто многу рано сосема го губи својот вид и Вернер, кој е младиот, амбициозен дечко кој секогаш ја сакал науката. Книгата ни ги опишува паралелните животи на Мари-Лор и Вернер, кои се на спротивни страни, таа Французинка, тој Германец. Нивните паралелни животи во еден момент се вкрстуваат, а тоа се покажува пресудно и за двајцата.

Прекрасна книга, книга која ќе ве расплаче, натажи и која целосно ќе ве обземе.

Доба на невиноста“ – Едит Вартон

ИЗДАВАЧКА КУЌА: SIGNET (МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ ВО АКАДЕМСКА КНИГА)
Оцена: 5/5
Осврт: Уште една книга добитничка на Пулицер се најде на мојата листа за читање за изминатиот месец. Едит Вартон е првата жена добитничка на Пулицерова награда за нејзиното ремек дело во коешто ни ја претставува сјајот и бедата на Њујорк во 19 век.

Главен лик во книгата е Њуланд Арчер, млад дечко со добри општествени врски и почитуван на општествената сцена во Њујорк. Тој е верен за Меј Веланд, слатка, мила девојка која според сите стандарди одговара на сликата за совршена жена. Но, тој набргу ја запознава нејзината братучедка, грофицата Елен Оленска, жена која им прокоси на сите правила и луѓето околу неа постојано шепотат за нејзиното минато. Арчер мора да избере помеѓу среќа и општествени правила, а тоа е навистина тешко имајќи предвид дека тој е тип кој секогаш се грижел за тоа што ќе кажат другите луѓе.

Ова е многу повеќе од обична љубовна драма. Оваа книга совршено ни ја доловува човековата природа, како и заслепеноста и опсесијата на луѓето да бидат прифатени од општеството, слепо следејќи ги нормите. Покрај тоа, книгата совршено го доловува Њујорк од 19 век. Додека ја читав книгата постојано во глава ми се вртеше помислата дека иако нијансите се менуваат, во суштина човековата природа секогаш останува иста.

Одлична книга, топло ја препорачувам!

На крајот на денот“ – Казуо Ишигуро

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Оние кои ја прочитале „Никогаш не оставај ме“, знаат за прекрасниот и меланхоличен стил на пишување на Казуо Ишигуро. Оваа книга по содржина е сосема спротивна од „Никогаш не оставај ме“ и мене лично ми е за нијанса послаба, но сепак се работи за моќна приказна која ќе ве натера да размислувате за животот, за пропуштените шанси и за каењето.

Приказната го следи батлерот Стивенс кој цел живот верно служел на лорд Дарлингтон во Дарлингтон хол. Тој ја обожава својата работа како батлер, тргнувајќи по стапките на својот татко кој исто така бил батлер. Но, по многу години, Дарлингтон хол го купува Американец и тој му вели на Стивенс да земе одмор. Стивенс иако се двоуми ја прифаќа понудата и решава да ја посети г-ца Кентон која порано работела во Дарлингтон хол. Додека патува, тој ужива во прекрасните пејсажи и места кои ги посетува, но истовремено постојано го препрочитува писмото на г-ца Кентон и се присеќава на добрите, стари денови кога му служел на лорд Дарлингтон, на работите кои се случувале, но и неговиот однос со г-ца Кентон.

Оваа книга има една прекрасна меланхолична нишка која нема да ве остави рамнодушни и ќе направи да го преиспитате сопствениот живот, сопствените одлуки и со насмевка ќе се сетите на моментите кои поминале, но и на она што можело да биде.

Кој тропа на прозорецот?“ – Линвуд Баркли

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
Оцена: 4/5
Осврт: Линвуд Баркли е мајстор за трилери. Секој кој е обожавател на трилери и мистерии, сосема сигурно ја има прочитано барем „Без збогување“, книга со којашто Баркли стана познат и во светски рамки, но и во Македонија.

Доколку сакате ваков тип на книги, оваа книга е одличен избор за вас. главниот ли е Кал Вивер, кој се соочува со многу тежок период откако неговиот син трагично загинува скокајќи од покривот на зградата во којашто работел. Тој и неговата жна се уште бараат одговори за тоа кој му ја дал дрогата и што се случило. Една вечер додека се враќа дома, една девојка која вели дека биле соученичка на неговиот син, го замолува да ја превезе до дома. Во меѓувреме застануваат пред еден ресторан и кога таа излегува од вецето, тој сфаќа дека не е истата девојка. Набргу дознава дека таа се сменила со нејзината другарка и ништо не му е јасно. Нејзината другарка излегува од автомобилот и исчезнува.

Наредниот ден дознава дека соученичката всушност била ќерката на градоначалникот и дека веќе некое време ја нема, а не може да ја најде и нејзината другарка. Тој се чувствува должен да открие за што се работи и влетува во мрежа од неверојатни сплетки каде што секој е некако вклучен во сето тоа. Како и секогаш, лесниот стил на пишување на Линвуд Баркли ќе направи да не можете да ја испуштите книгата од раце. Доколку барате книга која ќе ве опушти и ќе направи да заборавите на обврските, ова е одличен избор.

Собирач на автограми“ – Зејди Смит

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 2/5
Осврт: Зејди Смит е една од најславните модерни писателки во Велика Британија. Нејзината книга „Бели заби“ е вклучена во листата на најдобри британски книги на сите времиња. „Собирач на автограми“ исто така беше обожавана од сите релевантни критичари и нејзините обожаватели, пред се поради специфичниот стил на Зејди Смит.

Книгата започнува со тоа што нѐ запознава со малечкиот Алекс-Ли Тандем и неговиот татко, кој решава да го води Алекс и неговите другарчиња на боречки меч. Таму се запознаваат со Јозеф и неговиот татко, а Јозеф открива дека е собирач на автограми. За жал, многу набргу Алекс го губи својот татко. Потоа се среќаваме со Алекс кој е веќе возрасен и кој сериозно со занимава со собирање автограми. Учествува на аукции, собиранки, конвенции и постојано ги брка ретките и важни автограми, но се чини дека е малку изгубен во сопствениот живот. Тој е голем обожавател на актерката Кити Александер која е позната по тоа што не дава автограми. Тој е решен да го добие нејзиниот автограм и тоа му станува еден вид опсесија.

И покрај големиот број позитивни критики, јас никако не успеав да се поврзам со оваа книга, пред сѐ бидејќи главниот лик е недопадлив и постојано ми одеше на нерви. Но, сепак, можеби треба да и дадете шанса, бидејќи сепак се работи за писателка чии дела се исклучително почитувани.

Leave a comment