Џон Китс е еден од најистакнатите претставници на англискиот романтизам. Неговата поезија со векови е обожавана и е постојан предмет на истражувања. Најпознатите се Одите на Китс кои се обожавани поради сликовитоста која предизвикува интензивни чувства.
Еден од најголемите обожаватели на Китс бил еден од најголемите американски писатели на сите времиња, Ф. Скот Фицџералд. Фицџералд се обидел да ја убеди и својата ќерка Френсис да го чита Китс. Додека била на факултет, Фицџералд ѝ напишал долго писмо во коешто и ги објаснувал поволностите од читањето и учењето на песните на Китс: „Откако ќе престанеш да го читаш Китс, извесно време секоја друга поезија ќе изгледа како мрморење или свиркање.“

Тој ја нарекувал поезијата на Китс „неподносливо убава, секоја самогласка е неизбежна како нотите во „Деветтата симфонија“ на Бетовен“, додавајќи дека не може да ја чита „Ода на славејот“ без солзи во очите. Во една прилика се снимал себеси како ја чита Китсовата „Ода на славејот“.
Според академиците, Фицџералд го именувал својот роман „Нежна е ноќта“ токму од поема на Китс. Според списанието „Гранта“:
„Фицџералд длабоко се идентификувал со Џон Китс – згоден млад писател кој бил прогласен за гениј уште во почетоците на својата кариера, но завршил трагично. Тоа е приказната која постојано се провејувала низ делата на Фицџералд. Во оваа снимка се чини како тој да рецитира наизуст, благо бегајќи од текстотот на одредени места, сè до крајот кога ги помешува редовите и завршува порано.“
Впрочем ова е ретка прилика и да го слушнете гласот на еден од најистакнатите писатели во книжевноста. Слушнете ја снимката во продолжение, а прочитајте ја поемата тука.
