Моја Полица: „Книгите што го проголтаа татко ми“ од Афонсо Круж!

Кафе и книги во соработка со издавачката куќа „Полица“ ја започнува новата рубрика на блогот во која ќе бидат презентирани книги издадени од „Полица“, книги кои би биле одличен избор за вашето следно четиво. Доколку се двоумите што да читате или барате некој совет за читање, оваа рубрика ќе ви помогне да го најдете тоа што ве интересира и ќе можете да изберете од широката палета на книги кои „Полица“ ги нуди, па можеби некоја од нив и ќе биде дел од вашата полица со книги.

13495091_649469618535770_8437963442611437028_n

За овој месец, книгата која ја препорачуваме е „Книгите што го проголтаа татко ми“ од португалскиот писател Афонсо Круж. Оваа книга е мала по својот обем, но голема во пораките коишто ни ги пренесува и мудростите кои ги содржи во неа.

Книгата е напишана на толку едноставен и прекрасен начин, што едноставно нема да можете да ја испуштите од раце. Книгата го следи 12-годишниот Елијас Бонфин кој по смртта на татка си наоѓа утеха во тој прекрасен и магичен свет на книгите. Тој знае дека неговиот татко починал од инфаркт, но неговата баба тврди дека тој всушност бил „проголтан“ од книгата „Островот на доктор Моро“ од Орсон Велс. Таа му го отстапува својот таван каде се наоѓа раскошната библиотека на неговиот татко, место каде што тој потонувал во светот на книгите.

Елијас решава да оди по стапките на својот татко, па така гледаме како тој влегува во најразлични светови кои иако се различни сепак во неговиот ум се поврзани еден со друг. Па така и ние заедно со Елијас се запознаваме со господин Хајд, шетаме со него низ стариот Лондон и заедно со него одиме во потрага по Раскољников. Истовремено се запознаваме и со неговиот другар Бомбо и неговата симпатија Беатрис, која за него е најсовршената девојка на светот.

17190660_825101697639290_9065432128203049705_n

Со цело срце ви ја препорачувам оваа книга. Секој од нас го знае чувството кога се губиме во приказните раскажани во книгите, па затоа и сите ќе се сочувствуваме и ќе се препознаеме во карактерот на малечкиот Елијас.

Во продолжение издвојувам и неколку мисли кои навистина ми се допаднаа, ме замислија и ми побудија насмевка:

~ „На животот често не му е воопшто грижа за тоа што сакаме ние.“

~ „Нормално, секогаш го ценев знаењето, но уште повеќе ја ценев Беатрис. Таа беше најсложениот предмет во училиште, посложен од која било математика или книжевна анализа. Таа ми беше најнеочекуваната географија, моето највредно ликовно образование. Црната коса и се слизнуваше врз рамената како мирисот на кафето што се шири од шолјата. Усните секогаш и беа полуотворени, румени, а кожата целосно бела. Очите темно-костенливи, дури и кога беа затворени.“

~ „Постојат безброј места каде што човек може да се изгуби, но ниту едно не е толку сложено колку една библиотека.Дури и една осамена книга е место низ кое можеме да талкаме и каде што може да се изгубиме.“

~ „Ние сме сложени битија водени од мошне прости правила.“

~ „Од се има премногу, живееме во царството на изобилието, постојано сме опколени од нешта само за да заборавиме на себе и на тоа што се случува внатре во нас.“

Оваа книга изобилува со вакви прекрасни мисли, а ова е само дел од нив. Доколку ви се допаднаа, верувам дека треба да и дадете шанса на оваа книга која ќе ве насмее, замисли и ќе ве наполни со позитивна енергија. Првично е издадена во Португалија во 2010 година, а издавачката куќа „Полица“ ја издаде на македонски јазик во 2015 година.

Leave a comment