Жестоките и заборавени книжевни војни во античкиот свет!

Денес библиотеките се едни од најмагичните места на овој свет, кои обожаваме да ги посетуваме и со часови да ја одбираме следната книга за читање, но пред многу, многу векови, тие биле центар на невидени преписки и ривалства. Денес на блогот можете да прочитате за чудното и необично натпреварување помеѓу две антички библиотеки, кои наликувале и на еден вид војна.

Во периодот од 321 п.н.е до 31 година, библиотеката во Александрија била најпрестижното место за истражување. Но, иако била најголемата библиотека во свое време, библиотеката во Александрија не била единствената од својот вид. Библиотеките низ античкиот свет се натпреварувале да бидат најдобрите библиотеки и овие ривалства се покажале опасни и бескруполозни исто како вистински војни.

Најозогласеното ривалство од сите било тоа помеѓу библиотеката во Александрија и библиотеката во градот Пергам (кој се наоѓа во денешна Турција). Во овој конфликт, кралевите на двата града, водени од своето его, правеле подмолни маневри само за да го сопрат растењето и развивањето на ривалската библиотека.

Гаел Кокуњо, истражувач за античка историја вели: „Библиотеката била начин за кралевите да го покажуваат своето богатство, моќ и во поголемиот дел да покажат дека тие се вистинските наследници на Александар Македонски.“

Кога Александар Македонски умрел во 323 година п.н.е, неговата империја која се простирала од Македонија до западната граница на Индија, била поделена на три династии: Антигонидска, Селевкидска и Птоломејска династија. Сите кралеви на Македонија се натпреварувале да станат легитимни и вистински наследници на Александар Македонски. Борбата за кралска надмоќ се прелила и во академскиот свет и зачувување на хеленската култура, правејќи пат за нов бран на богати библиотеки.

Библиотеките кои претходно постоеле во Месопотамија и Египет првично биле лични колекции или биле чувани во храмовите. Во третите и вторите векови пред наша ера, се случил вистински бум во бројот на институции кои чувале книги.

Библиотеката во Александрија, која содржела околу 500 000 записи и во која имала многу стари текстови од Еврипидиј, Софокле и Хомер, за првпат била концептуализирана од кралот Птоломеј I. Птоломејската династија била во можност да вложува многу во библиотеката, благодарение на богатството на Египет добиено од неговото плодно земјиште и ресурсите од Нил, вклучувајќи го и папирусот, главниот материјал на кој се пишувало во античкиот свет. Како резултат на тоа, оваа библиотека имала предност во развојот пред сите останати библиотеки. Кралевите од Птоломејската династија биле решени да ги соберат сите книги кои постоеле: од епови, трагедии до книги за готвење.

Лајонел Касон, поранешен професор на Универзитетот во Њујорк, во својата книга „Библиотеките во античкиот свет“ вели: „Птоломејците се стремеле кон создавање сеопфатно скадиште од грчките записи, како и создавање алатки за истражување. За да можат да ја создадат оваа сеопфатна колекција, нивното решение била комбинацијата на пари и кралска надменост.“

За време на Птоломејската потрага по книги од Грција кои биле стари со векови, се вели дека се појавила една нова индустрија на фалсификување антички книги за да изгледаат поантички, автоматски зголемувајќи ја нивната реткост и вредност. Иако е тешко да се утврдат доказите за ваквата трговија со фалсификати,  Кокуњо смета дека веројатно е вистина, со оглед на тоа дека кралевите биле цврсто решени да ги имаат најпрестижните текстови во нивната библиотека.

Тој вели: „Се разбира дека Александриската библиотека е веројатно една од најголемите, но од сите други кралеви кои се обидувале да им бидат конкуренција на кралевите од династијата Птоломеј, Пергам била најблиску.“ Оваа библиотека содржела околу 200.000 записи.


(Илустрација на акрополот во Пергам)

Библиотеката на Пергам била изградена дури еден век по Библиотеката во Александрија. Пергам првично бил дел од Кралството на Антиохија, но кога се здобил со независност некаде при крајот на третиот век п.н.е., монархот сакал да биде меѓу елитата меѓународните сили. Со цел да даде поддршка на грчката култура, градот започнал со изградба на библиотека.

Касон пишува дека постои една легенда според која граѓаните кои се преселиле во растечкиот акропол и случајно поседувале некои од ценетите записи на Аристотел, ги закопувале книгите во ров за да ги скријат од кралските претставници. Кралот Еуменес II  ја завршил библиотеката на Пергам, нетрпеливо обидувајќи се да се израмни во Александрија во големина и квалитет.

 „Ако можеме да веруваме на приказните кои започнале да кружат во подоцнежните векови, Птоломејците воопшто не биле задоволни од предизвикот од страна на растечката династија и нивните настојувања да добијат предимство во однос на нивната библиотека“, пишува Касон.

Кокуњо вели дека тие се натпреварувале за истите книги, истите пергаменти, па дури и научниците на двете библиотеки имале спротивставени толкувања и уредувања на текстови.

„Библиотеката на Пергам успеала да привлече некои научници за уредување и коментирање на „Илијада“ и „Одисеја“ на Хомер, а токму тоа било главниот специјалитет на главната библиотека на Александрија“, вели таа. Со оглед на тоа дека поемите на Хомер биле наменети да се читаат на глас, постојат неколку напишани верзии. Двете библиотеки се обиделе да ги добијат сите можни верзии, споредувајќи кои биле најстари и најавтентични.

(парче од Хомеровата „Илијада“ напишано на папирус)

Многу слично на денешните спортисти кои се бираат за да им парираат на противничките тимови, така и библиотеките привлекувале научници, нудејќи им подобри плати од оние кои им ги нуделе другите кралеви“, вели таа. „Ривалството веројатно го стимулирало производството на научници во двата центри, но тоа исто така било прилично нездраво, бидејќи некои научници биле затворани, па затоа не можеле да отидат во другиот дел на светот.“

Се зборува дека дека Птоломеј V го фрлил во зандана граматичарот и критичар Аристофан од Византија, откако чул гласини дека тој може да ја напушти Александрија за да се приклучи на академиците во Пергам.

Една од најдрастичните шеми на Птоломејците бил планот да ја отсечат библиотеката на Пергам со тоа што ненадејно ја намалиле трговијата со папирус со Пергам. Птоломејците се надевале дека доколку главната состојка за создавање на книгите е ограничена и тешка за добивање, тогаш тоа ќе го запре растењето и развивање на библиотеката во Пергам.

Сепак, Пергамонците се сетиле на алтернативно решение. Римскиот писател и научник Маркус Терентус Варо го документирал случаот: „…поради ривалството на библиотеките помеѓу кралот Птоломеј и кралот Еуменес, кралот Птоломеј го запрел извозот на папирус…па така Пергамонците го измислиле пергаментот.“

Melk Monastery, Austria

Иако не е можно Пергамонците да го измислиле пергаментот со оглед на тоа уште претходно на Истокот биле пронајдени записи на растегната кожа, сепак можно е недостатокот од папирус да го поттикнал кралот да ја прошири употребата и развојот на кожата како материјал на кој ќе се пишува. Зборот „пергамент“ на латински е „pergamīnum“, што во буквална смисла би се превело како „листовите на Пергам“.

Иако можеби ривалството помеѓу големите библиотеки на Александрија и Пергам го направиле академскиот свет хаотичен и политизиран, сепак трудот којшто бил вложен за развојот на библиотеките ја променило состојбата на науката и зачувувањето. Без кавгата за кралска моќ и почитта за хеленската култура и академија, библиотеките можеби никогаш не би го добиле вниманието коешто го заслужуваат.

Статијата во својата изворна форма можете да ја прочитате тука.

Leave a comment