И конечно го добивме победникот! Добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016 година е романот „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски, во издание на „Или-Или“! Традиционално, по 18. пат, дневниот весник „Утрински весник“ го избра најдобриот роман од македонски автор за изминатата година. Тие секоја година го објавуваат победникот на 15 март, па и годинава беше така.

Настанот се одржа вчера, во „Јавна соба“.
Петчлената жири-комисија оваа година беше составена од:
Петар Андоновски (претседател),
Гордана Михаилова-Бошнакоска, писателка,
Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност,
Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач и
Катерина Богоева уредничка на културната редакција на ,,Утрински весник“
28 романи конкурираа за „Роман на годината“, а покрај Давор Стојановски, останатите двајца финалисти беа „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ на Игор Станојоски („Или-или“) и „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска (Културната установа „Блесок).
Кафе и книги му честита на Давор и му посакува уште многу напишани и наградувани книги, а воедно и голема благодарност до луѓето во „Утрински весник“ кои преку доделувањето на оваа награда го насочуваат вниманието на јавноста кон македонските писател(к)и. Имаме исклучително талентирани писатели и писателки и потребно е да им се дава што повеќе внимание и заслуги за нивните заложби да го направат македонскиот книжевен простор побогат и поразновиден.
Честитки!
За повеќе информации и изјави од победникот, жири-комисијата и издавачката куќа „Или-Или“, кликнете тука.
