Вирџинија Вулф е една од најпознатите и највлијателните англиски писателки на сите времиња. Нејзините книги „Г-ѓа Даловеј“, „Кон светилникот“, „Орландо“ и уште многу други и денес претставуваат силна инспирација и мудрост од којашто се уште учиме.

Денес на блогот имате можност да ја слушнете единствената позната снимка од гласот на Вирџинија Вулф. Оваа снимка е дел од радио-пренос на Би-Би-Си од 29 април 1937 година. Разговорот бил насловен како „Занаетчиство“ и бил дел од серијалот наречен „Зборовите ме разочаруваат“. Овој говор во 1942 година бил објавен во форма на есеј во „Смртта на молецот и други есеи“.
Во продолжение прочитајте што зборува Вулф преведено на македонски јазик, а транскриптот на англиски можете да го прочитате тука. Без оглед на тоа дали сте големи обожаватели на Виринија Вулф или можеби и не сте многу запознаети со нејзиното творештво, сепак она што таа го говори ќе ве замисли за миг.
„… Зборовите, англиските зборови, се полни со ехо, спомени и асоцијации. Тие со векови биле ваму и таму, на усните на луѓето, во нивните куќи, на улиците, во полињата. И тоа е една од тешките работи при нивното пишување денес, тоа што во нив се складирани толку многу значења, други спомени и во минатото тие создале толку многу познати бракови.
Да го земеме за пример прекрасниот збор „incarnadine“: кој може да го користи без да се сети на „безбројни мориња“? Во старите денови, се разбира, кога англискиот бил нов јазик, писателите можеле да измислуваат нови зборови и да ги користат. Денес е доволно лесно да се измислуваат нови зборови – тие извираат на усните секогаш кога ќе ги видиме нова глетка или ќе се почувствуваме нова сензација – но не можеме да ги користиме, бидејќи англискиот јазик е стар.
Не можете да користите сосема нов збор во стар јазик, поради преочигледниот, но секогаш мистериозен факт дека зборот не е единствен и посебен ентитет, туку дел од други зборови. Всушност, зборот не е збор се додека не е дел од една реченица. Зборовите припаѓаат еден на друг, иако, се разбира, само голем поет знае дека зборот „incarnadine“ припаѓа на „безбројни мориња“. Комбинирањето на новите и старите зборови е погубно за конструкцијата на реченицата.
Со цел правилно да ги користите новите зборови, ќе треба да се измисли сосема нов јазик; и иако не се сомневам дека ќе дојдеме и до тоа, во моментов тоа не е наша работа. Наша работа е да видиме што можеме да направиме со стариот англиски јазик, онаков каков што е. Како да ги искомбинираме старите зборови со новите поредоци, на начин на кој тие ќе преживеат, за да создаваат убавина, за да ја кажуваат вистината? Тоа е прашањето.
И човекот кој може да одговори на тоа прашање заслужува каков и да е венец на слава кој светот може да му го понуди. Размислете што би значело тоа ако можете да ја предавате или ако можете да научите уметноста на пишувањето. Па тогаш секоја книга, секој весник кој ќе го соберете, ќе ја кажува вистината или ќе создава убавина. Но, се чини дека постои некаква пречка на патот, некаква препрека при предавањето зборови.
Зашто, иако во овој момент најмалку сто професори предаваат за книжевноста од минатото, најмалку илјада критичари прават преглед на книжевноста од сегашноста, а стотици и стотици млади мажи и жени ги поминуваат испрашувањата по англиска книжевност со највисоки оцени, сепак, дали пишуваме подобро, читаме подобро отколку што се читало и пишувало пред четиристотини години, кога немавме предавања, кога бевме некритикувани, неуки?
Дали е нашата модерна џорџијанска литература крпеница на елизабетанската? Па, каде да ја бараме вината? Не во нашите професори; не во нашите лектори; не во нашите писатели; туку во зборовите. Зборовите се тие кои се виновни. Тие се најдивите, најслободните, најнеодговорните и најтешките нешта за учење. Се разбира, можете да ги фатите и да ги средите и да ги наредите по азбучен ред во речниците.
Но, зборовите не живеат во речниците; тие живеат во умот. Ако сакате доказ за тоа, размислете колку често во чувствителните моменти не можеме да најдеме зборови и тоа токму тогаш кога најмногу ни се потребни? Сепак, речникот е тука; околу половина милион зборови наредени по азбучен ред ни стојат на располагање. Но, дали можеме да ги користиме? Не, затоа што зборовите не живеат во речници, тие живеат во умот.
Погледнете уште еднаш во речникот. Без трошка сомнеж таму лежат драми пораскошни од „Антониј и Клеопатра“; поеми поубави од „Ода за славејот“, романи покрај кои „Гордост и предрасуди“ или „Дејвид Коперфилд“ се само сирови мрморења на аматери. Треба само да се пронајдат правите зборови и да се наместат во вистинскиот редослед. Но, не можеме да го направиме тоа, затоа што тие не живеат во речниците; тие живеат во умот.
А како тие живеат во умот?
Различно и чудно, исто како и луѓето, движејќи се тука и таму, заљубувајќи се, парејќи се заедно. Точно е дека тие се многу помалку врзани со церемонии и правила за разлика од нас. Кралските зборови се парат со обичните. Англиските зборови се мажат за француски зборови, германски зборови, индиски зборови, црнечки зборови, доколку тие го посакуваа тоа. Навистина, колку помалку се распрашуваме за минатото на нашиот драг мајчин англиски јазик, толку подобро ќе биде за угледот на таа дама. Затоа што таа преубава девојка прилично многу скитала наоколу.
Па така, да се утврдат какви било закони за такви непоправливи багабонти е повеќе од бескорисно. Неколку безначајни граматички и правописни правила се најголемите ограничувања кои можеме да им ги наметнеме. Се што можеме да кажеме за нив, додека ѕиркаме во нив од работ на таа длабока, темна и непостојано осветлена пештера во која живеат – умот – се што можеме да кажеме за нив е дека се чини дека тие сакаат луѓето да размислуваат пред да ги користат и да чувствуваат пред да ги користат, но не да мислат и да чувствуваат за нив, туку за нешто сосема друго.
Тие се многу чувствителни, лесно стануваат самосвесни. Тие не сакаат нивната чистота или нивната нечистота да биде дискутирана. Ако создадете Друштво за чист англиски јазик, тие ќе ја покажат својата огорченост со тоа што ќе создадат друго Друштво за нечист Ангиски – па оттука и неприродното насилство на голем дел од модерниот говор; тоа е протест против пуританците. Тие исто така се и прилично демократски настроени; тие веруваат дека еден збор е поеднакво добар како и друг збор; необразованите зборови се исто толку добри како и образованите зборови, необработените зборови се исто толку добри како и одгледуваните зборови, не постојат редови или титули во нивното општество.
Ниту, пак, им се допаѓа да бидат поткренати на врвот на пенкалото и да бидат одделно проучувани. Тие висат заедно, во реченици, параграфи, понекогаш истовремено и низ цела страница. Тие мразат да бидат корисни; тие мразат правење пари; тие мразат да бидат предавани во јавност. Накратко, тие мразат се што ги обележува со едно значење или ги ограничува на еден став, бидејќи за нив е природно да се менуваат.
Можеби тоа е нивната највпечатлива особеност – нивната потреба за промена. Тоа е затоа што вистината која тие се обидуваат да ја фатат е повеќестрана и тие го пренесуваат тоа со тоа што се повеќестрани, светкајќи прво на еден начин, а потоа на друг. Па така, тие значат едно за еден човек, друго за друг човек; тие се неразбирливи за една генерација, а потоа обични како даска за следната. И тоа е поради оваа комплексност, оваа моќ да значат различни работи за различни луѓе, поради тоа преживуваат.
Можеби една од причините поради која ние немаме голем поет, романсиер или критичар кој денес пишуват е фактот што одбиваме да им ја овозможиме на зборовите нивната слобода. Ние ги прикотвуваме само на едно значење, нивното корисно значење, значење што нè тера да го фатиме возот, значењето што прави да го положиме испитот…
