Саемот на книга е еден од најважните настани за секој љубител на книги. Самото присуство на Саемот дава прекрасна и позитивна енергија, а да не ни спомнувам колку е тешко да се оддолее на искушението да се купат сите книги. Како и сите останати љубители на книги, така и јас секоја година се радувам како мало дете и за мене тоа претставува вистински празник, а и оваа година нема да биде исклучок.

Нетрпеливо чекавме да го објават датумот за Саемот на книга, а сега конечно имаме и потврда: Оваа година Саемот на книга ќе се одржи во периодот од 4 до 10 април 2017 година. Сега засега нема премногу информации освен она што е објавено на веб-страницата на Скопски саем. Во објавата се вели:
„Саемот на книгата како една од најзначајните културни манифестации во земјата обезбедува најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.“

29-тиот по ред Саем на книгата несомнено ќе биде место на литературни читања и обраќања на еминентни автори од оваа област кои одново ќе ја истакнат моќта на книжевните дела како суштински фактор за културното творештво на секој народ. На Саемот на книгата на едно место се претствуваат најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот што го прави овој саем еден од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се движи околку 40.000.
Читателите, традиционално, ќе може да го следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи. Несомнено, огромно е значењето на Саемот на книгата, како една од најпосетените саемски манифестации кај нас, која учествува во создавањето на традицијата и култот кон пишаниот збор, кој секако ги обединува луѓето.
Читајќи книга овозможете си луксуз на душата….“
Полека започнете да ги припремате листите со книги кои сакате да ги купувате. Иако се уште нема поконкретни информации за тоа кои ќе бидат гости, кои издавачки куќи ќе промовираат нови книги, сепак и ова е одлична вест за сите нас. Секако Кафе и книги будно ќе ги следи случувањата и ќе ги пренесува новостите како што ќе пристигнуваат…
