По повод 21 март, Светскиот ден на поезијата, денес на блогот можете да прочитате македонска поезија. Иако се разбира дека не е потребен повод за да се споделува македонска поезија, бидејќи таа треба секогаш и секаде да биде споделувана, сепак нема поубав начин да го одбележиме Светскиот ден на поезија од тоа да споделиме македонска поезија. За денес изборот падна на Анте Поповски и „Две тишини“.
Две тишини – Анте Поповски
Ти конечно ме бакна,
и како и овие дождови и секавици,
како и овие ветришта,
ме окова за себеси,
и тоа што веќе меѓу нас се случи
сега и Бог – господ
не може да го спречи.
Но, каде си?
Ти и не знаејќи околу мене
насели две тишини:
една мала, во која те сонувам
и чекам, и една голема
во која исчезнувам.
Твојот заборав и моето заминување
сега и сам Господ – бог
не може да го спречи.

