Читањето книги е едно од најголемите животни задоволства. Чувството додека ја држите во рака и ги мирисате страниците е едно од најубавите чувства на светов, зарем не? Сите луѓе уживаат во добра книга, но речиси никој не се запрашал за процесот на создавање или пак еволуцијата на книгите и како денес ги имаме книгите онакви какви што ги познаваме.
Како започнало сè? Како чеканот и длетото биле заменети со машини за печатење и машини за куцање?
Ајде да почнеме од почеток, да почнеме со нашите фини, праисториски предци и нивните прекрасни пештерски цртежи. Иако, секако, тоа не е книга и е најнепреносливото нешто на коешто можете да помислите, сепак има своја важност. Ова се првите примери на желбата на човекот да ги документира настаните, да го стави тоа на видливо место за сите да го видат и запаметат. Навистина мора да оддадеме почит и признание во нивна насока.

Како што рековме, тоа не е книга, па затоа да продолжиме понатаму и да застанеме околу 3000 година п.н.е. Сега сме во вавилонската ера и гледаме како мажи со коска или стап втиснуваат симболи на влажни глинени табли и ги оставаат да се исушат на сонцето. Но, и тоа не може баш сосема да се категоризира како книга. Тие претежно биле церемонијални и до нив пристап имале само позначајните членови на племето. Тие биле непрактични и нежни, па морало многу да се внимава на тоа како ќе бидат пренесувани.
Потоа следувале ролните од папирус. Основниот материјал бил направен со пресекување на стеблата на растенијата и потоа биле обликувани во фиброзни ленти. Овие ленти потоа биле редени едни до други и слоевите се ределе под вистинскиот агол. Тие потоа биле потопувани во „магичните води“ на реката Нил и на крај се сушеле на сонце. Кога ќе се исушеле, потоа биле претворани во листови и биле полирани со слонова коска за да се направи мазна површина за пишување.
За да илустираме колку често и многу се користеле ролните од папирус, ќе споменеме дека познатата библиотека на Александрија имала околу 700.000 томови. Дури и според денешни стандарди, таа би била огромна библиотека, особено кога ќе се земе предвид дека секоја ролна морала да биде напишана со рака. Библиотеката била уништена во 640 година од страна на Арапите, кои според историјата, со палење на сите томови можеле да затоплуваат 4.000 бањи. Ужасно, нели? Но, материјалите од папирус станале доста кршливи и можеле да се чуваат само во ролни, но и тоа било прилично непрактично.

Сега ќе скршнеме малку од патот и ќе отидеме до Кина за да побараме малку, а ако навистина се загледаме ќе сфатиме дека токму тука ќе препознаеме нешто што може да се нарече вистинска книга. Тие биле направени од тесни ленти од палмини листови или ленти од кора. Записите биле изгребани на површината, а потоа биле полнети со црно мастило за да се издвојат симболите.
Со цел лисјата да се задржат рамни, тогаш биле вообичаено да се стават парчиња дрво на двата краеви од палмините лисја. Со цел парчињата дрво и листовите од палма да останат заедно, биле пробивани дупки низ кои поминувала кожна врвка. Понекогаш корицата била украсувана со исклучително сложени дизајни за кои се користело злато и сребро со сложени резби и сето тоа претставувало прилично сложен процес на работа. Сепак, малку е веројатно дека формата на книгата на која сме навикнати денес поттекнува директно оттука, имајќи предвид дека овие записи и форми биле претежно познати само во овој регион, а ретко надвор од него.
Модерното поврзување на книгите започнало со промената на ролната и преминувањето на книги составени од одделни листови. Првите книги биле составени од посебни листови од паус, проследени со хартија, превиткани и собрани во делови со соодветна големина. За листовите да останат неоштетени, првите книги биле ставани помеѓу дрвени штици. Подоцна луѓето сфатиле дека е позгодно да се спојат овие штици, а подоцна истите биле обложувани со кожа и така настанала формата на книгите какви што ги знаеме денес.
Некаде на почетокот на 6 век, монасите ги кренале стандардите на уметноста за создавање на книгата. За жал, повеќето од овие книги се уништени поради скапоцените камења кои наводно биле скриени во нивните дебели дрвени штици. Помеѓу 10 и 14 век, англиските монаси ги копирале и го подобриле дизајнот на книгите и со тоа станале главни „издавачи“ на книги.

Сепак, два големи пронајдоци биле потребни за да започне издавањето книги во поголеми количини: хартија и печатење. Хартијата за првпат била измислена во Кина некаде околу 200 година п.н.е. Начинот на создавање на хартијата бил чуван како најстога тајна. Сепак, во 750 година, Арапите фатиле многу затвореници, а меѓу нив имало и вешти кинески произведители на хартија и така конечно тајната за создавање хартија била откриена. Биле потребни 800 години за техниките да бидат прифатени од Маврите во Шпанија кои биле први европски производители на хартија, додека пак првата фабрика за хартија во Англија била отворена во Стивиниџ некаде околу 1496 година.
Во 1456 година, Јохан Гутенберг ја измислил машината за печатење, а првиот печатар во Англија бил Вилијам Какстон кој во 1474 година ја испечатил првата книга „Играње шах“ .Оттука веќе работите се повеќе или помалку познати. Со индустриската револуција се случил и напредокот во механизацијата на печатењето книги. Денешниот процес е многу поефективен и брз, но сепак, помалку или повеќе – процесот е ист.
Ова е накратко историјата на развојот на книгите и како тие ја добиле формата онаква каква што ја знаеме денес.
