Во периодот на 30-тите и 40-тите години на 20 век, Џорџ Орвел станал страствен собирач на памфлети. Неговата импресивна збирка која содржи повеќе од 2700 памфлети и која датира од периодот од 1941 до 1945 година, по барање на самиот Орвел била донирана на Британската музејска библиотека од страна на неговата вдовица Соња Орвел, во 1955 година.
Со се поголемата закана од нов светски конфликт, употребата на памфлети како формат за споделување на политички идеи станала исклучително популарна во периодот на средината и крајот на 30-тите години на 20 век. Орвел собирал памфлети од сите страни на политичкиот спектар, вклучувајќи пропаганда од Британската унија на фашитсти, Индиската лига, Унијата за мир и Комунистичката партија на Велика Британија. Тој собрал памфлети и од помалку познати организации како „Асоцијацијата на работничките пријатели“, „Лигата на Ленинисти“, „Друштвото „Русија денес““, „Полскиот подземен работнички весник“, „Друштвото на индивидуалисти„, итн.
Материјалот пристигнал во библиотеката во кутии кои самиот Орвел ги средувал, а дел од материјалот бил поделен во три категории: „Анархисти“, „Лабуристичка партија“, „Троцкисти“. Оваа збирка дава фасцинантен поглед на општествените и политички дебати во Велика Британија во периодот пред и по Втората светска војна.
Пропаганда и литература
Една од главните преокупации на Орвел била тоа како пропагандата влијае на мислењето на луѓето, а главна тема во неговите книги „Животинска фарма“ и „1984“. Но, како политички писател, тој исто така бил многу заинтересиран за врската помеѓу пропагандата и литературата. Во статијата „Памфлетска книжевност“, Орвел зборува за важноста на памфлетот како канал за слободно изразување, но истовремено жали за тоа што мал број од писателите работат во овој формат, отфрлајќи ги повеќето примери како „ѓубре“ или вели дека повеќето се напишани или од „лудаци“ или се испечатени од страна на политички партии.
Во продолжение видете дел од памфлетите:
„Мудроста на Ганди преку неговите сопствени зборови“ (1943)
~Извадоци од пишувањата на Махатма Ганди, кој се залагал за ненасилни протести и се борел за независноста на Индија. Уредено од Рој Вокер, додека дизајнот на корицата е на Артур Враг.~





„Што ќе направиш во врска со тоа?“ (1936)
~ Пацифистички памфлет напишан од писателот Олдос Хаксли.





~ „Отровен гас“ (1935), анти-хемиски воен памфлет издаден од Унијата за демократска контрола









„Терор во Европа – Судбината на Евреите“ (1942)
~ Издадена од Националниот комитет за спас од нацистичкиот терор, со написи од рускиот писател на научна фантастика Алексеј Толстој (нему се припишува заслугата дека е првиот човек кој официјално открил дека нацистите употребуваат гас како метод за масовен геноцид), „Еден полски подземен работник“ и транскрипт од говорот на германскиот писател Томас Ман во Сан Франциско, насловен како „Падот на европските Евреи“.



„Прво Британија“
~ Памфлет кој содржи говор од Освалд Моузли за Британската унија на фашисти на 16 јули 1939 година. Под влијание на подемот на европскиот фашизам како оној на Бенито Мусолини во Италија, Моузли ја основал и водел Британската унија на фашисти во 1932 година. Фашизмот е екстремно десничарска, националистичка идеологија која промовира авторитарно/тоталитарно политичко и општествено уредување во која се вметнати расистички, антисемитистички и ксенофобични доктрини. Ве молам имајте предвид дека овој памфлет има расистичка содржина и поттикнува нетрпеливост.









Текстот и сликите се преземени од сајтот на British Library и се во целосна нивна сопственост.
