Чудни и интересни факти за Курт Вонегат!

Курт Вонегат е еден од најдобрите американски писатели во историјата на американската книжевност. Неговото дело „Кланица 5“ е вистинско ремек-дело кое и денес предизвикува многу дебати и контроверзија, но не може да се одрече неговото влијание врз светската книжевност.

„Кланица 5“ е една од книгите кои навистина најмногу ме воодушевиле. Откако ја прочитав книгата уште повеќе се заинтересирав за животот на овој интересен и ексцентричен писател и открив неколку интересни факти кои можеби не сте ги знаеле.

stl14kurt_336623k

1. Курт Вонегат го мразел интерпункцискиот знак точка и запирка (;). Тој велел дека овој интерпункциски знак е „транвеститен хермафродит кој не претставува ништо, само покажува дека сте биле на факултет.“

2. Постои астероид именуван во негова чест. Не е тајна дека чудната, но длабока научна фантастика на Вонегат привлекува многу обожаватели, а и не е за чудо што голем дел од нив се научници. Таков е примерот со Чарлс В. Џуелс, аматерски астрономер, кој открил стотици астероиди. Еден од камењата кои ги открил на 11 ноември 1999 година, роденденот на Вонегат, бил именуван 25399 Вонегат во чест на пистелот. Тука можете да ја следите неговата орбита.

3. Тој бил уметник и претпочитал цртање пред пишување. Тој прво започнал со тоа што илустрирал неколку негови книги, а потоа сериозно започнал да се занимава со цртањето. Најмногу сакал маркери, бидејќи уживал во силните и светли бои.Тој велел дека кај цртањето ужива во секој дел од процесот, додека пак единствената работа што ја сакал кај пишувањето било завршената книга.

vonnegutface

4. Тој го напуштил факултетот во Индијана откако не можел да добие повеќе од 3-ка по англиски јазик и книжевност. Инаку тој учел биохемија, механичко инженерство и антропологија на три различни факултети, но не завршил ништо од тоа.

5. Некаде околу средината на февруари 1976 година, во поштенското сандаче на Вонегат започнале да пристигнуваат пораки со сочувство од непознати луѓе, иако никој не починал. По чудењето и изненадувањето, Вонегат се сетил дека 13 февруари 1976 година е датумот кога Били Пилгрим починува во „Кланица 5“.

6. Тој е моќен симбол на движењето против цензурата. „Кланица 5“ е меѓу најзабрануваните книги во библиотеките и училиштата, благодарејќи на силниот јазик и сцени. Кога еден претседател на училишен совет во 1973 година наредил примероци од книгата да бидат запалени, Вонегат му испратил долго и луто писмо противејќи се на цензурата и изразувајќи го своето згрозување од одлуката на советот. За време на Неделата на забранети книги, актерот Бенедикт Камбербач во едно училиште го прочитал писмото, трудејќи се да го долови „лутиот глас на Вонегат.“

7. Пред да се пробие на книжевната сцена, тој бил трговец со автомобили. Отворил свое претставништво во Масачусетс, но не бил успешен, бидејќи ја затворил фирмата за помалку од една година.

8. Тој го преживеал бомбардирањето на Дрезден во 1944 година (една од главните теми и во „Кланица 5“), а на крај бил пратен дома премрзнат. За неговите активности тој го добил и највисокото воено одликување „Пурпурно срце“.

9. Тој никогаш не се префрлил на компјутери, бидејќи го обожавал чувството да пишува на машина за пишување.

10. Тој бил долгогодишен пушач, што и не е толку чудно, чудното било што неговиот став за пушењето цигари било дека тоа било „елегантен начин да се самоубиеш“.

GERMANY KURT VONNEGUT

11. Според некои извори, Вонегат секогаш пишувал покрај светлото на својата црвена лампа.

12. Тој дал отказ од неговата работа во „Спортс Илустрејтед“ откако завршил само една задача. И не ја ни завршил до крај. Како што рекол Вонегат, тој бил ангажиран во раните денови на списанието, кога уредниците експериментирале: прво со ангажирање на обожаватели на спортовите кои не знаат да пишуваат, а потоа со ангажирање на писатели кои не се интересирале за спортови. Вонегат бил од овие вториве, а неговата прва задача било да покрие приказна за тркачки коњ кој ја прерипнал оградат и избегал. Вонегат со часови зјапал во празна страница со часови, потоа напишал една реченица и засекогаш ја напуштил работата. Реченицата била: „Коњот ја прерипна е**ната ограда.“

13. Се има појавено во филмот „Назад во училиште“, глумејќи се самиот себе. Комедијата од 1986 година го следи ликот на еден човек кој решава подоцна да оди на факултет и притоа не му оди баш најдобро. За потребите на својот есеј по англиски јазик и книжевност го ангажира Курт Вонегат, а есејот е за романите и делата на Курт Вонегат. Дечкото добива 1 за есејот, а образложението на професорот е дека „кој и да го пишувал есејов, поим нема за Курт Вонегат.“

14. Неговата најпопуларна реченица е долга само неколку зборови: „И така ти е тоа.“ (So it goes., м.з).

15. Тој еднаш изјави дека си ги има оценето своите дела. „Кланица 5“ и „Лулката на мачката“ добиле 5+, 4- за „Добре дојдовте во куќата на мајмуните“, 3 за „Доручек за шампионите“, а 2 има добиено „Среќен роденден, Ванда Џун“. Тој кажал дека тој не ги оценувал делата споредувајќи ги со други дела и писатели, туку ги споредувал едни со други.

 

Leave a comment