Со оглед на тоа дека англиската и британската книжевност се меѓу највлијателните во историјата на литературата, знаеме дека голем дел од главните настани и живеалиштата на главните ликови се вртат околу Лондон.
Во таа насока, еден лондонски уметник и графички дизајнер чие уметничко име е Декс се здружил со Ана Бурлес која се занимава со внатрешен дизајн, за да создадат книжевна мапа на Лондон. Оваа изворедна мапа е создадена од ликови од книги и е поврзана со местата во градот каде тие најмногу се движеле или живееле.

Тие ја опишуваат како „сложена мапа на главниот град преполнa со oзoгласeните измислени ликови од книжевното минато и сегашност на Лондон. Таа ги вклучува и познатитие и озогласените. И оние помалку познатите. Оние со неверојатни или брилијантно замислени прекари кои се создадени по заслуга на нивниот творец.“
„Секој лик е нацртан во аглите на градот каде тие најчесто се движеле или места кои тие избрале да ги нарекуваат дом, (понекогаш на задоволство на Нејзиното Височество).”
Помеѓу ликовите кои се појавуваат на мапата се: Шерлок Холмс, чие име го пишува околу „Бејкер Стрит“, заедно со госпоѓа Даловеј во Мејфер, Доријан Греј во Лајмхаус, додека ликовите на Дикенс се распространети насекаде низ Лондон. И уште многу, многу, други ликови.

Идејата за мапата настанала кога Ана и Декс работеле на прибирање уметнички дела чија тема била книжевниот Лондон. „Мапата на главниот град создадена од имињата на книжевните ликови во средините каде што живеат (или биле највеќе поврзани), создадени од мојот типографски стил, беше една од првите идеи кои ги имавме“, вели Декс.
Тој продолжува: „Беа потребни недели истражување за да ги најдеме ликовите. Многу книги беа поставени во централен Лондон, па моравме да го уредуваме нашиот избор. Но, кога ќе стигнете до Вест Хем или Луишам, тогаш станува потешко да ги најдете. И навистина сакавме тие да имаат интересни имиња, Крепе Сузет или Ебенезер Скруџ (фала му на Бога за сите прекрасни ликови кои Дикенс ги создал!).“

Оваа мапа за првпат била промовирана во 2012 година, а новото издание на мапата било промовирано овој месец. Има и можност да ја купите мапата како уметничка слика, а тоа можете да го направите тука.
Љубители на книги, ако некогаш имате можност да го посетите Лондон, можете да ја испечатите оваа мапа и да го запознаете Лондон преку очите на нашите познати и сакани книжевни ликови!
