Дојде април, дојде и пролетта, а тоа значи многу сончеви денови и можности за читање и пиење кафе под прекрасните сончеви зраци. Освен тоа, се ближи и Саемот за книга, уште една причина поради која април е најубавиот месец! Во очи Саемот за книга, денес на блогот можете да прочитате што читав во изминатиот месец и да се инспирирате за претстојниот саем. Кога сме веќе кај Саемот за книга, тука и тука можете да се инспирирате за книги доколку немате идеја за подновување на домашната библиотека. Ова се книгите кои ги читав и за кои пишував во текот на овие 14/15 месеци.
„Конзервирани импресии“ – Горан Стефановски
Издавачка куќа: ТАБЕРНАКУЛ
Оцена: 5/5
Осврт: Горан Стефановски е еден од најпознатите македонски драматурзи. Тој е еден од најголемите уметници на овие простори. Неговите драми се безвременски, а тематиката во нив е секогаш актуелна, без оглед на времето и просторот.
„Конзервирани импресии“ е збирка од 101 куси раскази, кратки импресии со длабока содржина. Горан Стефановски е навистина мајстор на пишаниот збор и што и да пишувам нема да е доволно. Овие кратки импресии ќе ве импресионираат и вас. Меѓу импресиите, овие три ги истакнувам како најмоќни, односно постојано ми се вртат во глава и размислувам за нив:
„Веројатно сум сè уште многу млад штом во немите полноќни часови добивам необјасниво силна желба да станам од кревет и да трчам, долго да трчам, низ заспаните, влажни улици.“
„Замрсените состојби нè тераат да бараме излез или во обидите да не мислиме на нив, што е болно и најчесто неуспешно, или во обидите да ги претвориме во метафори, што е исто често неуспешно, но затоа помалку болно. Една таква метафора би била онаа за водата која сакаме да ја зачуваме в дланка додека беспомошно гледаме како ни се слева низ прсти.“
„Не ни е мака што не можеме да бидеме она што не сме, но зошто никако докрај да бидеме она што претпоставуваме дека сме.“
„Портрет на уметникот како млад пес“ – Дилан Томас

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Дилан Томас е еден од моите омилени поети, па затоа и пишувањето на овој осврт е малку субјективен. Дилан Томас би можел да напише два реда и повторно ќе бидам воодушевена. „Последниот боем во книжевноста“ – Ова е една од најчестите описи за Дилан Томас и тоа многу точно.
Но, оваа книга истражува еден поинаков Дилан Томас – Дилан Томас пишувајќи за своите спомени од детството, враќајќи го и читателот во времето кога бил дете, кога се беше поедноставно, поубаво, а светот беше толку голем и полн со можности. Воедно имаме можност и да прочитаме малку поезија и едноставно да добиеме малку поинаква перспектива за Дилан Томас од Свонси, Велс. Се работи за збирка од 10 раскази кои ќе ги прочитате додека да трепнете. Топло препорачувам.
„Ѓаволот дојде по своето“ – Лаш Кеплер

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 3/5
Осврт: Оваа книга ќе им се допадне на сите кои сакаат трилери. Во еден дом за проблематични тинејџерки се случува двојно убиство, една девојка исчезнува. Никој нема никакви информации, а покрај тоа, телото на едната девојка е поставено во многу чудна положба. На сцена стапува инспекторот Јона, кој пробува најразлични методи за да го најде убиецот, водејќи се од своето искуство. Од друга страна ја имаме Флора која тврди дека е медиум и дека знае се што се случило.
На почетокот, мислев дека нема да ми се допадне книгата, бидејќи некако почетокот е преинтензивен, премногу имиња, премногу случувања, но откако се стабилизираше приказната, всушност оваа книга беше пријатно четиво. Последните 50 страници нема да ја пуштите книгата од рака.
„Онлајн девојка“ – Зои Саг
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку ви е потребна книга која едноставно ќе ви го исклучи мозокот од секојдневните проблеми и доколку сакате нешто лесно за читање, ова е добра книга за вас. Зои Саг е блогерка во вистинскиот живот и ова е нејзината прва книга. Се работи за Пени, тинејџерка која започнува свој блог за да се справи со сите тие тинејџерски проблеми кои ги мачат младите. По една навистина непријатна случка во нејзиното училиште, таа оди во Њујорк со нејзините родители за да избега од сè и таму го запознава шармантниот Ноа со кого заборава на сè што било и се губи низ улиците на Њујорк, уживајќи во секој миг.
Се работи за слатка тинејџерска приказна, тука нема длабоки филозофски прашања, но доколку сакате да го исклучите мозокот, ќе ви се допадне.


