Минатиот месец, Кафе и книги во соработка со издавачката куќа „Полица“ ја создаде новата рубрика „Моја Полица“ која има за цел да дава препораки и да ви дава идеи и предлози за вашето следно четиво. Понекогаш човек навистина нема идеја што да чита, па затоа се надеваме дека овие предлози ќе ве мотивираат да ја пронајдете вашата следна омилена книга.
Овој месец изборот падна на легендарната книга „Ние децата од железничката станица „ЗОО““ од Кај Херман и Хорст Рик. Се работи за еден модерен класик, светски бестселер, роман кој не може да ве остави рамнодушни.
Ова е брутално искрена книга, која не се чита одеднаш. Напротив, одредени делови се емотивно тешки и потребно е време за да се помине преку нив. За оваа книга потребен е и „стомак“ за да можат да се сварат сите детали.

Но, оваа книга совршено доловува еден мрачен свет, свет кој е многу поблиску отколку што мислиме, а ние често веруваме дека е „некаде таму, далеку“ и дека се случува само во филмовите и книгите.
Ова е вистинита приказна на младата Кристијане Ф., млада девојка која од погрешните причини се здружува со погрешното друштво и поради нејзината преголема желба да биде популарна помеѓу нејзиното ново друштво, на 12 години почнува да експериментира со дрога, а на 14 години веќе почнува да конзумира хероин.
Книгата е еден вид запис за животот на Кристијане раскажан во прво лице, па така ние сме неми набљудувачи на нејзиното патешествие, од семејното преселување во Берлин и инцидентите со нејзиниот насилен татко, нејзиниот прв бакнеж и прво љубовно разочарување, се до нејзиното вртоглаво итање кон дното и наркоманската зависност.
Ова е еден вид на дневник на една зависничка од дрога, дневник кој ни ја покажува нејзината состојба на ум, нејзините мисли, нејзината внатрешна борба помеѓу желбата да престане и нејзината зависност, како и нејзиниот мозок и себезалажување дека „може да престане кога сака“.
Се работи за исклучително емотивно тешка книга, но нема да сакате да ја пуштите од рака. И покрај тоа што ќе ја растресе вашата душа, сепак и ќе ви ги отвори очите за некои работи за кои понекогаш и не сме толку свесни, а треба да бидеме. Леснотијата со која се запаѓа во тие кругови и колку треба да бидеме повнимателни и за нас, но и за луѓето кои ни се драги.
Ова е една од книгите кои дефинитивно треба да се најдат на листата на книги кои треба да ги прочитате. Понекогаш книгите со најсилна порака се книгите кои не’ предизвикуваат и не’ вадат од нашата удобност и сигурен круг, верувајќи дека лошите работи се случуваат „таму некаде, далеку“.
Кога за првпат била издадена во Германија, во 1978 година, книгата веднаш станала сензација. И покрај тоа што обработува екстремно чувствителна и контроверзна тема, оваа книга станува четиво во секој дом – од родители кои се загрижени од оваа епидемија на дрога и стравуваат за своите деца, до децата кои едноставно читајќи ја оваа книга сфаќаат какви се последиците од лековерноста и неразмислувањето за своите постапки. Оваа книга му се допаднала и на Дејвид Боуви (кој како културен и музички феномен популарен помеѓу младите во тоа време, се споменува во книгата), кој се согласил и да ја напише музиката за екранизацијата на книгата.
Изданието на „Полица“ е од 2015 година.
