Како што веќе знаете, на почетокот на секој месец ја објавувам мојата листа на прочитани книги за изминатиот месец. Во продолжение прочитајте кои книги ги прочитав во април, како и моја оцена и краток коментар, па можеби ќе ја пронајдете вашата следна книга за читање помеѓу насловите.
1. „Телото во кое треба да се живее“ – Петар Андоновски

Оцена: 4/5
Осврт: „Телото во кое треба да се живее“ беше прогласен за Роман на годината за 2015 година и кога ќе ја фатите оваа книга во рака ќе сфатите и зошто. Тематиката и начинот на којшто е напишана оваа книга е нешто сосема различно од она што обично го среќаваме во македонските романи.
Приказнатата се врти околу Бригите, судијка кој целиот свој живот го поминува судејќи мали и ситни случаи. Нејзиниот живот е едноставен, нема маж, само партнер со кој се гледа тајно. Се ова се менува од корен во моментот кога добива случај во кој обвинетиот наводно ја убил својата девојка. Ова е најсериозниот и најголемиот случај во нејзината кариера и со себе носи и голем притисок. Ова исклучително влијае на психата и умот на Бригите.
Ние постојано имаме увид во нејзиниот ум и нејзините мисли и гледаме како таа се опседнува со обвинетиот. Сето ова е прекриено со вел од мистерија, имајќи предвид дека таа добива чудни пораки.
Иако главниот лик е тотално неподнослив, сепак ја препорачувам оваа книга пред се затоа што се работи за македонски автор, но и поради фактот што се работи за оригинална приказна.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ИЛИ – ИЛИ
2. „Тристан умира“ – Антонио Табуки

Оцена: 3/5
Осврт: Ова е приказна за последните денови на еден смртно болен човек, кој и самиот е свесен дека неговото време на оваа планета е истечено, па повикува писател покрај себе за да ја раскаже својата животна приказна.
Целата книга е одење и враќање помеѓу халуцинациите и реалноста, кои на моменти е навистина тешко да се следат. Целата книга има збиен формат, укажувајќи на емотивната состојба, болките, сеќавањата и бладањето на главниот лик, но од друга страна има неколку сјајни моменти кои поттикнуваат интересни филозофски прашања и размисли за животот.
На моменти можеби ќе ви биде тешко да ја следите приказната, но доколку ве интересира филозофија и подлабоки животни теми, оваа книга ќе ви се допадне, само потребна е поголема концентрација при читањето, поради начинот на којшто е напишана книгата.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
3. „Бебето на Бриџит Џонс“ – Хелен Филдинг

Оцена: 4/5
Осврт: Доколку сте го следеле блогот во изминатата година, сигурно сте забележале дека јас самата сум голем обожавател на ликот на Бриџит Џонс. Во неколку претходни објави пишував за останатите три дела (тука, тука и тука), а сега на мое големо задоволство открив дека и четвртата книга е преведена на македонски јазик, па веднаш ја набавив.
Книгата за првпат беше издадена во септември, а претходно излезе истоимениот филм кој малку е поразличен од книгата, пред се затоа што во книгата повторно го имаме Даниел Кливер како главен ривал на Дарси, додека пак во филмот тоа е малку поразлично.
Книгата ја следи нашата Бриџит, која по две бурни вечери останува трудна. Секако, во секоја ситуација таа би била пресреќна, но проблемот е во тоа што таа не знае кој е таткото. Изборот е помеѓу Даниел Кливер и Марк Дарси. Оттука почнува нејзината сага и ние ја следиме нејзината бременост.
Сигурно знаете дека штом се работи за Бриџит, очигледно е дека има премногу смешни ситуации и како и секогаш ќе ве натера да се смеете на глас. Иако според мене оваа книга е за нијанса послаба од останатите, сепак искрено се забавував и се потсетив зошто Бриџит е толку симпатичен и допадлив лик и покрај тоа што постојано е во некаков хаос.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
4. „Големи мали лаги“ – Лиен Мориарти

Оцена: 4/5
Осврт: Ова е една од книгите за кои највеќе се зборуваше во изминатиот период, благодарејќи на истоимената серија на ХВО, во која главните улоги ги толкуваат Никол Кидман и Рис Витерспун. Самата серија придонесе оваа книга уште повеќе да се продава и покрај тоа што и претходно стана бестселер.
Оваа е приказна за три жени, пријателки на еден начин, кои се премногу различни, но сепак развиваат почит и искрено пријателство меѓу себе. Ја имаме Медлин е една исклучително темпераментна жена со големо срце, која ќе направи се за оние што ги сака. Таа е разведена, но и премажена со мало дете, кое на нејзин голем ужас мора да оди во градинка со детето на нејзиниот поранешен сопруг и неговата нова сопруга. Потоа ја запознаваме и Селест, жената на која сите и завидуваат затоа што е прекрасна, богата и има прекрасен маж кој сите го обожаваат и близнаци. Но, дали е тоа навистина така? Џејн е самохрана мајка на малиот Зиги и е нова во таа населба. Таа во себе носи огромна тајна која не сака да ја каже никому.
На еден настан во училиштето се случува трагедија. Како читатели нам не ни е јасно што точно се случило, па така самата книга не носи назад во времето, па се до моментот на несреќата и паралелно ни остава траги со кои полека откриваме што всушност се случило.
Интересна книга, ќе ве држи во неизвесност, бргу се чита и секако подоцна можете да ја погледнете и серијата.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: САКАМ КНИГИ
