Македонска поезија: „Скица за првото писмо до Ема Гермова“ од Гане Тодоровски!

Скица за првото писмо до Ема Гермова – Гане Тодоровски

Родена за да се родиш на мојот љубовден
И прв и последен, јас Те именувам МОЈА!
До тој ден те прижелкувам по севезден
И дните стопати до прекапнување ги бројам.

I love You, Я люблю тебя, Ich liebe Dich,
Како ли уште треба да речам дека Те сакам?
Колку е збунет овој недовршен стих
Пред една чуденка, пред молкот на саканата!

Зборот го болувам, болот го зборувам,
Не го преболувам, не го прегорувам,
И ќе ме сотрат еден ден чинам
Или убавите жени или лошите вина.

Малку ни остана за да младуваме
Песно, ко најверен пес што ме пазеше
Од сите јадови што ги јадувавме
И од радостите што ги радувавме
Ние – непобедниците непоразени!

Зборови скудни, вие предавници мили,
Речете и:
За Тебе сме сочувани низ сите Харибди и Сцили
Во чувствата на оној што треба да е твој,
Твој во најсвидните денови неспокој.

0b2b2c49b7f0d7ea81a067b4a88b6402

Leave a comment