Тешко е да замислиме дека писателите кои ги издале најневеројатните и најценетите класици и кои продале милиони примероци од своите книги некогаш мака мачеле за да ги издадат своите книги. Но, ова е вистината, не велат залудно дека за успех преку ноќ потребни се години труд.
Денес на блогот погледнете ги одбивањата со кои се соочувале писателите пред да издадат некои од своите најпознати дела:
Х.Џ. Велс
„Војна на световите“ е една од класиците во полето на научната фантастика, но неговиот издавач мислел дека е глупост. Тој му напишал: „Бескраен кошмар. Мислам дека пресудата ќе биде: „О, не ја читај таа ужасна книга.““ И покрај ова мислење на неговиот издавач, сепак книгата и по 120 години се уште е на полиците и многу популарна.
Радјард Киплинг
Кога Радјард Киплинг испратил краток расказ до весникот „Сан Франциско Егзаминер“, го добил следниот одговор: „…ти едноставно не знаеш како да го употребуваш англискиот јазик.“
Чисто за информација, „Сан Франциско Егзаминер“ не постои веќе, а Радјард Киплинг е најмладиот писател кој ја има добиено Нобеловата награда за литература.

Херман Мелвил
Ремек-делото на Мелвил, класикот „Моби Дик“, било одбиено од повеќе издавачи, а некои од нив имале и креативни предлози за него. Питер Џ. Бентли од идавачката куќа „Бентли & Сан“ му напишал: „Прво, мораме да прашаме, дали мора да биде кит? Додека ова е интересна, донекаде и езотерична направа за заплетот, сепак ние препорачуваме антагонист со малку попопуларен изглед помеѓу младите читатели. На пример, зарем не може Капетанот да се бори против неправдата кон младите, можеби и сладострастни, девојки?
Сепак Мелвил ја објавил својата приказна за залудната одмазда и тоа баш од Ричард Бентли, од издавачката куќа „Бентли и Сан“. Но, тој сепак морал да плати висока цена бидејќи самиот морал да плати за уредување на текстот и за позлатувањето.
Стивен Кинг
Стивен Кинг е крал на хорорите, но и тој се има соочувано со одбивања. Кога од една издавачка куќа му напишале: „Не сме заинтересирани за научна фантастика која се справува со негативна утопија. Тоа не се продава.“, тој сепак решил дека ќе ја издаде книгата „Човекот кој трча“ под псевдонимот Ричард Бахман.
Џозеф Хелер
„Финта 22“ е една од најмоќните книги за Втората светска војна и една од книгите кои постојано се појавуваат на сите листи на книги кои морате да ги прочитате. Денес е класик, но дали знаете дека Келер ја именувал својата книга „Финта 22“ во чест на 22 одбивања од издавачките куќи да му ја издадат книгата.
Во едно од тие писма во коешто го одбиваат се вели: „Јас немам поим што сака да каже човеков. Очигледно авторот мислел дека треба да биде смешно.“

Д. Х. Лоренс
„…за твое добро не ја објавувај оваа книга.“
Сепак, Лоренс не го послушал советот на издавачот и набргу ја објавил познатата книга „Љубовникот на Лејди Чатерли“.
Силвија Плат
„Препорачувам одбивање: Не сум сигурен што Хајнмен гледа во оваа прва книга, освен ако не се работи за некој вид младешка американска девојачка елеганција. Но, тука сигурно нема доволно вистински талент за ние да го забележиме.“
Еден уредник во издавачката куќа „Алфред А. Кнопф“ двапати ја одбил книгата „Стаклено ѕвоно“ на Силвија Плат. Прво кога ракописот му бил даден под псевдоним (горе) и повторно (долу) кога го видел нејзиното име на ракописот. Плус тој цело време го грешел нејзиното име и презиме:
„Сега повторно ја прочитав, или ја прочитав повнимателно, “Стаклено ѕвоно“ – знаејќи дека е напишана од Силва Плат, а тоа секако додаде интерес за книгата, затоа што очигледно е дека е автобиографска. Но, сепак не е нешто посебно. Проблемот е што таа не успеала да го користи нејзиниот материјал во форма на книга: нема став, нема пренесување на искуството да се биде победник после еден месец во Њујорк, последователниот нервен слом и обидите за самоубиство и губењето на невиноста. Човек едноставно не чувствува дека госпоѓица Плет пишува за овие работи затоа што овие работи и се случиле и дека инцидентите сами по себе се добри за приказна, туку ги фрла сите на купче и тие едноставно не се поврзуваат во книга. На пример, човек воопшто не ја чувствува вознемиреноста која би ја довела оваа девојка до самоубиство. Ова е вистинска штета, затоа што госпоѓица Плеј знае да си игра со зборовите и има остро око за необични и живописни детали. Но, можеби сега откако книгата е надвор од нејзиниот систем, таа следниот пат поефективно ќе го искористи својот талент.“
Ернест Хемингвеј
„И сонцето изгрева“ е едно од најчитаните и најценетите дела на Хемингвеј, но очигледно сите не биле премногу воодушевени од книгата. Во 1925 година, Моберлеј Лугер од издавачката куќа „Пикок & Пикок“ му напишал на Хемингвеј: „Ако може да бидам искрен, ти секако си искрен во твојата проза, за мене, твоите напори се досадни и навредливи. Ти си баш онака мажествен маж, нели? Не би се изненадил кога би слушнал дека си ја напишал целава приказна заклучен во некој клуб со мастило во една рака и бренди во другата. Твоите бомбастични, алкохоличарски, изгубени ликови направија и јас да посегнам по чашка бренди.“
Ова е многу строга оцена, иако од тоа што го знаеме за Хемингвеј, ова сценарио и не е толку неверојатно. Сепак, ова одбивање силно и наштетило на неговата писателска кариера. Книгата ќе успее да ја издаде под капата на издавачката куќа „Скрибнер“ дури следната година.

Марсел Пруст
Еден издавач кој ја одбил книгата го напишал следното: „Си го превртувам мозокот за да сфатам зошто на еден човек му се потребни 30 книги за да опише како се превртува во кревет пред да заспие.“
За волја на вистината, „Сеќавањето на минатите работи“ има 1.5 милион зборови, па можеби ова е и разумно прашање.
Ф. Скот Фицџералд
„Би имал прилично добра книга кога би се ослободил од оној Гетсби лик.“
Овој предлог за драстична промена му бил понуден на Фицџералд за (сигурно веќе погодивте) „Големиот Гетсби“.
Курт Вонегат
„Ние го правевме нашето вообичаено летно чистење на ракописи кои седат на нашата нервозна клупа и во папки и помеѓу нив најдов три труда во кои си ми покажал дел од твојата работа. Жал ми е што ниту една од нив не е приспособена за нашата цел. И она за бомбардирањето на Дрезден и твојата статија „Која е најфер цена за златните јајца?“ привлекоа пофалби, иако ниту една од нив не е доволно привлечна за конечно прифаќање.“
Ова одбивање му било пратено на Курт Вонегат од „Атлантик Мантли“ како одговор на три примери кои тој им ги испратил. Ова е едно од најљубезните одбивања споредено со другите. Малку подоцна, расказот за бомбардирањето на Дрезден е проширен и станува „Кланица 5“.

Луиза Меј Алкот
Кога ги праќала своите примероци на „Малите жени“, Алкот добила едно вакво сурово писмо во кое ја одбиваат: „Држи си се до предавањето.“
Таа не ги послушала и била во право, затоа што денес „Малите жени“ се смета за еден од најголемите американски класици.
Овие примери се доказ дека дека никогаш не треба да се откажуваме од нашите соништа и дека секогаш треба да веруваме во себе! Замислете колку ремек-дела немаше да можеме да ги прочитаме ако кој било од овие писател(к)и се откажеле од своите ракописи?
Тука може да се потсетите и на една постара објава за познати книги за кои малку недостасувало да не бидат објавени!
