Ако сте страсни читатели и уште пострасни вљубеници во книгите, сигурно понекогаш ве фаќа паника од помислата на тоа колку многу книги има на планетава и не знаете од каде да почнете за да ги прочитате сите книги кои сакате да ги прочитате. Па затоа, најчесто импулсивно го купувате секој наслов кој ви фаќа око и вашата соба е преполна со книги кои веќе немате каде да ги сместите, а дополнително не можете ни да ги прочитате сите, бидејќи постојано купувате нови.
Се пронајдовте во овој опис нели?
Доколку одговорот е „да“, тогаш зборот „цундоку“ ве опишува во потполност. Цундоку е јапонски збор кој означува купување многу книги и нивно натрупување без воопшто да имате можност да ги прочитате. Овој збор е кованица која произлегува од зборовите „цунде“ (да се натрупуваат работи) и „докушо“ (да се чита). Ова е дефинитивно зборот кој е поврзан со чувството кое го имате додека шетате низ книжарниците во вашиот град, барајќи нови наслови за во вашата домашна библиотека кои ќе останат заборавени некаде на полиците.

Но, ова не треба да биде причина за да ви биде непријатно, затоа што нe сте сами во ова. Продажбата на книги вртоглаво расте. Минатата година, продажбата на книги се зголемила за 3.3% и овој процент продолжува да расте. Со толку многу издадени книги кои постојат на планетава, кој би можел да нѐ обвини? Секоја година се издаваат нови и прекрасни книги, а има и толку многу класици кои чекаат на нас.
Имате неколку избори: Да направите место за сите книги во вашиот дом, на начин кој вам највеќе ви одговара, (тука можете да се инспирирате), да донирате дел од книгите на оние на кои највеќе им требаат и немаат можност да купуваат книги или да ги однесете во некоја викендица или кај некој друг член од семејството.
Во секој случај, купените книги се најголема инвестиција која можете да ја направите за себеси, а ништо не го полни срцето на вљубеникот во книгата како што тоа го прави богатата домашна библиотека!
