Еден читател на блогот реши да сподели македонска поезија која му се допаѓа и мисли дека треба да биде на блогот, па затоа денес и ја споделувам оваа прекрасна песна од Цане Андреевски. Доколку и вие имате идеја или желба да видите одредена македонска песна која ви се допаѓа, слободно можете да ми пишете!
Уживајте во македонска поезија и имајте убав ден!
Човек седи крај езеро – Цане Андреевски
1.
Оставете ме само за миг
сред ова сино поле неорано,
над кое кружат бели птици
како нени очи на небото.
Тука денот е син
и дождот златен врне.
Оставете ме тука сам
во оваа течна градина
што зрее под сводот на
тишината.
Овој дожд ми мириса на празник
кога просторот се населува во
нашите очи
па ги урнува ѕидовите на видот
и очите ги претвора во љубов.
Однесете ги чекорите на јавата
и оставете ме тука сам,
зошто јас имам очи
што како дланки му се подаваат
на овој дожд
и растат од неговиот допир топол
и дишат со дахот на приците
за да го прегрнат светов.
2.
Те слушам, о езеро, те слушам,
отвори ги сончевите порти
о рамницо залелеана
и нежна насмевко на ридиштата
отвори ги сончевите порти.
Чукам во твоите порти што ги
делат
пчелите на сонот од осите на
јавата
ја свлекувам облеката за лажни
свечености
и ја оставам пред твоите порти,
о езеро, отвори ги сончевите
порти.
Ме домами
ти стрело за мојот страв,
ти брану за мојот немир,
ти лебу за мојата глад,
ме домами ти лето за мојата
љубов.
И ете, дојдов гол како стебло
да бидам живо стебло
во твојата залелеана рамница,
бела латица
во твојата насмевка.
3.
Тука мојот глас е семе
што ќе роди стебло ново,
и мојот вид е поле
богато со мудра љубов.
О, езеро,
твоето лето ми влегува во грлото
не како сон,
туку како пчела на сонот
што лебдее меѓу цветовите и
плодовите
и го осмислува својот краток пат.
Твоето лето чекори по видот мој
и пее во стеблата на љубовта
што плод сочен држат.
Веќе е пладне и гласот свој го
слушам.
Езеро, го најдов својот глас
во синилото на твојата градина
што дише под златниот дожд на
летото.
Веќе е пладне и видот свој го
најдов
во очите на љубовта узреана на
твојот брег.

