„Кога купувате книга, вие стекнувате право на сопственост врз неа, исто како и со алиштата и мебелот кога ги купувате и плаќате за нив. Но, кога станува збор за книга, самиот чин на купување е всушност само увертира на сопственостa. Целосната сопственост на книгата доаѓа само кога истата ќе стане дел од вас, а најдобар начин таа да стане дел од вас е да пишувате во неа.
Зошто обележувањето на книгата е незаменлив дел од нејзиното читање? Прво, ве држи будни, не само свесни, туку сосема будни. Второ, читањето, ако е активно, значи размислување, а размислувањето се изразува себеси преку зборови, кажани или напишани. Личноста која вели дека знае што мисли, но не може да го изрази тоа, обично не знае што мисли. Трето, тоа што ги запишувате вашите реакции ви помага да ги запаметите мислите на писателот.

Читањето книга треба да биде разговор помеѓу вас и писателот. Најверојатно тој знае повеќе за темата од вас; ако не, тогаш не треба ни да се мачите со неговата книга. Но, разбирањето е двонасочна улица: ученикот треба да се преиспитува самиот себе и да го преиспитува писателот. Обележувањето на книгата буквално е изразување на вашите разлики или согласувања со авторот. Тоа е највисоката почит која можете да му ја изразите.“
~ Мортимер Адлер, „Како да читате книга?“
