Погледнете го промотивното видео за екранизацијата на „Убиство во Ориент Експрес“!

Агата Кристи е дефинитивно една од најпознатите и најсаканите писателки на сите времиња. Нејзините детективски приказни и мистерии секогаш го задржуваат вниманието на читателот кој е заробен од нејзините зборови и прекрасен стил на пишување. Поради тоа што нејзините книги се секогаш полни со сплетки и мистерии, природно е што секогаш има интерес за екранизации на нејзините книги, па така на 10 ноември излегува екранизацијата на нејзиниот можеби најпознат роман „Убиство во Ориент Експрес“.

Најновата екранизација е режисерско дело на Кенет Брана кој воедно ја игра и главната улога во филмот, детективот со легендарна остроумност, Херкул Поаро. Пенелопе Круз, Вилем Дефо, Џуди Денч, Џони Деп и Мишел Фајфер ги играат улогите на патници во возот кои истовремено стануваат и осомничени кога ќе се случи убиство.

Во едно неодамнешно интервју за „Ентертејнмент Викли“, Брана го искажал својот ентузијазам за филмот и неговата улога во него: „Неверојатно уживав во сето тоа, да се нурнам во природата на ликот, да прочитам повеќе книги, да разберам и со поголем интензитет да се воодушевувам на талентите на Агата Кристи. Тоа беше навистина големо, големо креативно частење.“

„Убиство во Ориент Експрес“ е само една од повеќето книги на Кристи кои се вртат околу случаите на Поаро. Книгата првпат била екранизирана во 1974 година, а во 2010 година била претворена во една епизода од една серија посветена на детективот Поаро.

Во секој случај, очекувањата се големи, а и самата актерска екипа ветува многу! Подолу погледнете го напнатото и мистериозно промо-видео и верувам дека во ноември сите љубители на Агата Кристи и детективски романи ќе се упатат кон кино салите!

 

Leave a comment