Зошто треба да ја прочитате „Војна и мир“?

„Војна и мир“ е еден од најпознатите класици на сите времиња, книга која е во сите листи на најдобри книги на сите времиња, многумина ја обработуваат како лектира во училиште и генерално се смета за книга која морате да ја прочитате во животот и покрај тоа што има повеќе од 1200 страни.

Денес на блогот можете да погледнете едно видео на TED во кое се зборува за тоа зошто треба да ја прочитате книгата и Брендан Пелсу, нараторот на видеото, дава навистина убедливи аргументи.

p03bc4l6

Најдолу е видеото, а прво прочитајте го транскриптот на македонски јазик:

Зошто треба да ја прочитате „Војна и мир“ на Толстој?

„Војна и мир“, том, замор, тип на книга која не треба да ја читате во кревет затоа што ако заспиете и ви падне на глава може да ви предизвика потрес на мозокот, така? Делумно.

Да, „Војна и мир“ е долга книга, но истовремено е возбудливо истражување на историјата, во кое живеат некои од најдлабоките и најреални ликови кои ќе ги најдете некаде. И ако должината на книгата ве плаши, замислете си како се чувствувал кутриот Толстој.

Во 1863 година, тој решил да напише кратка книга за еден политички дисидент кој се враќа дома по прогонот во Сибир. Пет години подоцна, тој завршил со еп од 1200 страници, во кој можете да најдете љубовни приказни, бојни полиња, банкроти, стрелачки водови, религиски визии, горењето на Москва и полуприпитомена мечка, но никаде нема да видите прогон и политички дисиденти.

dsc_8667

Еве како се случило тоа. Толстој, вулканска душа, се родил во познато ексцентрично аристократско семејство во 1828 година. Додека стасал да наполни 30 години, тој веќе го напуштил Универзитетот во Казан, го прокоцкал семејното богатство, отишол во војска, напишал мемоари и го отфрлил книжевниот естаблишмент за да патува во Европа. На крај се сместил во Јаснаја Полјана, имотот кој тој го наследил и решил да пишува за враќањето на декабристите, група на богати револуционери кои биле помилувани во 1856 година, откако поминале 30 години во прогонство.

Но, Толстој помислил и си рекол дека не може да ја раскаже приказната за враќањето на декабристите од прогонство без да ја раскаже приказната за случувањата од 1825 година, кога тие се побуниле против конзервативниот цар Николај I. И како може да го направи тоа без да ја раскаже приказната за случувањата во 1812 година, кога катастрофалната инвазија врз Русија го поттикнала авторитаризмот против кој се бунеле декабристите? И како е возможно да ја раскаже приказната за 1812 година, без да зборува за 1805 година, кога Русите навистина сфатиле каква закана претставува Наполеон откако ја загубиле битката кај Аустерлиц?

И така, Толстој почнал да пишува и за големите историски настани и за малите животи кои се случувале за време на тие настани. Тој се фокусирал на аристократите, општествената класа која тој најдобро ја познавал. Книгата само накусо навлегува во животите на мнозинството луѓе во Русија, кои биле селани, дури и кметови, земјоделци кои биле приморани да им служат на земјопоседниците на чии имоти живееле.

„Војна и мир“ започнува за време на една воена ноќ на битка помеѓу Франција и Русија. Аристократите на еден коктел загрижено зборуваат за насилството кое надоаѓа, но потоа ја менуваат темата зборувајќи за работите за кои аристократите очигледно најмногу се грижеле: пари, секс и смрт. Оваа прва сцена укажува на начинот на кој книгата на едно бескрајно платно се движи помеѓу политичкото и личното.

tolstoy-list-main

Во „Војна и мир“ нема главни ликови. Наместо тоа, читателите се заплеткуваат во една огромна испреплетена мрежа на врски и прашања. Дали несреќниот и нелегитимен син на еден гроф ќе се ожени со една преубава принцеза која обожава да прави сплетки? Дали неговиот единствен пријател ќе ги преживее австриските воени полиња? А што ќе се случи со таа фина, млада девојка која ќе се заљуби во двајца мажи истовремено? Вистинските историски ликови се мешаат со сите овие измислени луѓе. Наполеон се појавува неколку пати, дури и еден од предците на Толстој има споредна улога.

Иако ликовите и нивната психологија се заразни, Толстој не се плаши да ја прекине приказната за да постави длабоки прашања за историјата. Зошто почнуваат војните? Кои се добри воени тактики? Дали нациите се издигаат и паѓаат поради делата на т.н „големи луѓе“ како Наполеон или во игра се други поголеми културолошки и економски сили? Овие проширени дигресии се една од причините поради кои „Војна и мир“ е толку панорамска во обем.

Но, за некои од критичарите од 19 век, ова значело дека „Војна и мир“ речиси воопшто не делува како книга. Хенри Џејмс рекол дека се работи за „огромно, лабаво и широко чудовиште.“ А она што е поинтересно е што и Толстој се согласувал со тоа. За него, романите се западноевропска форма. Руските писатели морале да пишуваат различно, затоа што руските луѓе живееле различно. Тој прашал: „Што е „Војна и мир“? Не е роман, уште помалку епска поема, а уште помалку историска хроника. „Војна и мир“ е она што авторот сакал и можел да го изрази во формата во која е искажано.“

Со други зборови, „Војна и мир“ е збир од сите имагинативни моќи на Толстој и ништо помалку.

На крајот од „Војна и мир“, Толстој ги носи своите ликови до 1820 година, 36 години пред настаните за кои тој првично сакал да пишува. Во обидите да ги разбере времињата во кои тој живеел, тој нурнал во годините кои се натрупале позади него. Резултатот од тоа е величествено испитување на историјата, културата, филозофијата, психологијата и човечкиот одговор на војната.

Leave a comment