На 16 јуни 1943 година, кај селото Ваташа, 12 младинци биле стрелани од страна на бугарската војска, под изговорот дека им помагале на партизаните. 12 млади луѓе го загубија својот живот и тие се само уште една страница во тажната македонска историја.
Во нивна чест, Славко Јаневски ја пишува песната „Цветови“, која мене лично ми е една од најдрагите и најтажни македонски песни. Затоа и денес изборот за македонска поезија, падна токму на цветови. Имено, подолу можете да ја слушнете и песната „Цветови“ од Зафир Хаџиманов. Тој ги претвора овие стихови во музичка композиција, чија музика е подеднакво тажна како и стиховите.
Цветови – Славко Јаневски
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.
Последна солза од око капна…
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна:
„Мајка ми сама остана в село”.
О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче…
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин…
Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крвта врела растопи слана
црвена роза закити поле.
Мајската роза и цветот модер
в миризма молат:
„Закити, друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради”.
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.

„Цветови“ – Васил Хаџиманов
