Годинава доделувањето на Нобеловата награда за литература беше едно од највозбудливите случувања во светот на книжевноста. Иако вообичаено објавувањето на победникот е возбудлив настан, сепак оваа година се случи вистински земјотрес кога беше објавено дека Боб Дилан ја доби Нобеловата награда за литература за 2016 година. Многумина беа пресреќни, но многумина негодуваа поради фактот дека Дилан технички не е писател. Секако, самиот Дилан дополнително ја зачини целата работа со тоа што не беше достапен за коментар и не присуствуваше на свечената церемонија на доделување на наградата, а американската амбасадорка во Шведска го прочита неговиот говор.

Едно од правилата на Шведската академија е дека за да може добитникот да ја прими паричната награда од околу 923.000 долари, тој мора да одржи говор во рок од шест месеци од добивање на Нобеловата награда. Тоа може да биде во различни форми: краток говор, изведба, видео, дури и песна. Многумина не знаеја дали Боб Дилан ќе се одважи имајќи предвид дека беше мистериозен во врска со наградата, но сепак пред точно еден месец, се појави линк од неговиот говор, а сосема најдолу има линк до транскриптот на англиски јазик и снимката на која можете да го слушнете Дилан како зборува додека во позадина тивко се слуша типкање на пијаното.
Се разбира, ова не помина без контроверзии и се постави прашањето дали Боб Дилан го препишал својот говор?
Нобеловиот говор на Боб Дилан
Боб Дилан започнува со тоа што размислува гласно за тоа како неговите песни се поврзани со литературата:
„Кога првпат ја добив оваа Нобелова награда за литература, почнав да се прашувам како точно моите песни се поврзани со литературата. Сакав да размислам за тоа и да видам каде точно се наоѓа поврзаноста. Ќе се обидам да ви го објаснам тоа. И најверојатно ќе одам по подолгиот пат, но се надевам дека она што ќе го кажам ќе вреди и ќе има цел.“
Подоцна се навраќа на неговите почетоци и неговите музички влијанија:
Ако треба да се вратам на самиот почеток, најверојатно треба да почнам со Бади Холи. Бади умре кога имав околу 18 години, а тој имаше 22 години. Уште од првиот момент кога го слушнав, се почувствував слично на него. Се почувствував поврзано, како тој да ми беше постар брат. Дури мислев и дека личам на него.
Бади ја свиреше музиката која јас ја сакав, музиката со која пораснав: кантри од Западот, рокенрол и ритам и блуз. Три различни делови од музиката кои тој ги поврзуваше и ги претвораше во еден жанр. Еден бренд. И Бади пишуваше песни, песни кои имаа прекрасни мелодии и имагинативни стихови. И тој пееше одлично, пееше во повеќе од неколку гласови. Тој беше архетипот. Се што не бев и се што сакав да бидам. Го видов само еднаш и тоа беше неколку дена пред да умре. Морав да поминам стотици милји за да го слушам во живо, но не бев разочаран.

(Боб Дилан во 1966 година)
Што вели Боб Дилан за неговото искуство додека присуствувал на концертот?
Тој беше моќен и наелектризиран и имаше доминантно присуство. Јас бев на само неколку метри од него. Го гледав неговото лице, неговите раце, начинот на кој тропаше со ногата, неговите големи црни очила, очите зад очилата, начинот на кој ја држеше гитарата, начинот на кој стоеше и неговиот педантен костум. Се во врска со него. Тој изгледаше постаро од 22 години. Нешто во врска со него делуваше постојано и тој ме исполни со убеденост. Тогаш, од никаде-некаде, се случи најчудната работа. Тој ме погледна цврсто и директно во очи и тој пренесе нешто. Не знам што беше тоа. Ама ме полазија морници.
Мислам дека поминаа еден или два дена откако неговиот авион се сруши. И една личност, личност која ја немав видено претходно, ми даде плоча од Ледбели на која беше песната „Cottonfields“. И таа плоча ми го промени животот токму таму и тогаш. Ме пренесе во свет за кој не знаев дека постои. Тоа беше како експлозија. Како да сум чекорел во темнина и одеднаш темнината беше осветлена. Тоа беше како некој да ме допрел. Сигурно ја слушнав таа плоча повеќе од 100 пати.
Има еден дел од говорот кој навистина беше интересен, а тоа моментот кога зборува за разликата помеѓу песните кои тој сакал да ги свири и песните кои оделе на радио:
Се уште не бев заминал од дома, но не можев да дочекам. Сакав да ја научам оваа музика и да ги запознаам луѓето кои ја свиреа. На крајот, сепак си заминав и научив да ги свирам тие песни. Тие беа различни од песните кои цело време ги слушав на радио. Тие беа енергични и верни на животот. Кога стануваше збор за песните од радио, изведувачот можеше да има хит со фрлање на коцката или ако му се наместеа картите, но тоа не беше важно во светот на фолкот.

Се беше хит. Се што требаше да направиш беше да напишеш добри стихови и да можеш да ја отсвириш мелодијата. Некои од овие песни беа лесни, некои не. Имав природно чувство за античките балади и кантри блузот, но се друго морав да го научам од почеток. Свирев пред мал број на луѓе, понекогаш 4 или 5 луѓе во соба или на некој уличен агол. Моравте да имате широк репертоар и моравте да знаете што и кога да свирите. Некои песни беа интимни, за некои моравте да се дерете за да ве чујат.
Она што е посебно интересно за љубителите на книги е тоа што во говорот се осврнува на три книги: „Моби Дик“, „На Запад ништо ново“ и „Одисеја“.
Тој долго се задржува на „Моби Дик“, давајќи детален опис за содржината на книгите, за заплетот, симболиката и се она што оваа книга го претставува. Во еден дел од говорот вели:
„Моби Дик“ е поморска приказна. Еден од луѓето, нараторот, вели: „Викај ме Исмаил“. Некој го прашува од каде е, а тој вели: „Не се наоѓа на ниту една мапа. Вистинските места никогаш не се.“ Стуб на ништо не му дава некако значење и вели дека се е веќе предодредено. Исмаил бил на брод целиот негов живот. Тој вели дека бродовите се неговите Харвард и Јејл. Тој се држи на дистанца од луѓето.
Тајфун го погодува „Пиквод“. Капетанот Ахав мисли дека е добар знак. Старбак мисли дека е лош знак и размислува на тоа да го убие Ахав. Кога бурата поминува, еден од луѓето од екипажот паѓа од јарболот и се дави, најавувајќи го тоа што доаѓа. Еден свештеник, кој всушност е крволочен бизнисмен, му вели на Фласк: „Некои луѓе кои се здобиваат со повреди се водени кон Бог, некои кон огорченост.“

Понатаму тој зборува и за поетските фрази и елоквентноста на стилот на пишување:
Кога Старбак му вели на Ахав дека она што поминало – поминало, лутиот капетан му враќа: „Човеку не ми зборувај за ерес, јас би го удрил и сонцето доколку ме навреди.“ Ахав исто така е поет на елоквенцијата. Тој вели: „Патот до мојата фиксирана цел е постелен со железни пруги на кои мојата душа е поставена да трча.“ Или овие редови: „Сите видливи предмети се само картонски маски.“ Ова се поетски фрази кои не можат да бидат победени.
„На Запад ништо ново“ е книга за која тој вели дека го пронашла својот пат во неговите песни. Во говорот можете да слушнете како вели:
Ова е книга во која го губите вашето детство, вашата верба во свет со значење и вашата грижа за поединците. Вие сте заглавени во кошмар. Вие сте вовлечени во еден мистериозен вртлог на смрт и болка. Вие се браните себеси од елиминација. Вие сте избришани од лицето на мапата. Било тоа некогаш кога сте биле невин млад човек со големи соништа да бидете концертен пијанист. Еднаш одамна го сакавте животот и светот, а сега го распрскувате на парчиња.
Следува еден навистина интересен и сликовит приказ и сумирање на приказната, ако сте ја прочитале книгата веднаш ќе ви дојдат сликите пред очи, ако ја немате прочитано, ќе посакате да ја фатите книгата во рака. И притоа кратко и јасно добиваме слика за тоа зошто е војната ужасна и бесмислена (како веќе да не знаевме).
Сета таа култура од пред илјада години, таа филозофија, таа мудрост: Платон, Аристотел, Сократ, што се случи со неа? Таа требаше да го спречи ова. Твоите мисли летаат кон домот. И повторно си ученик одејќи под високите тополи. Пријатни спомени. Уште бомби од авионите паѓаат врз тебе. Мора да се прибереш сега. Не можеш дури ни да погледнеш во никого од страв дека ќе се случи некоја непредвидена работа. Заедничката гробница. Нема други можности.
Тогаш ги забележуваш јапонските цреши и сфаќаш дека природата не е погодена од сето ова. Тополите, црвените пеперутки, кршливата убавина на цвеќињата, сонцето – гледаш како природата е рамнодушна на сето ова. На сето насилство и страдање на целото човештво. Природата дури не го ни забележува тоа.
Толку си осамен. Тогаш парче шрапнел ти ја погодува главата и ти си мртов. Ти си отпишан, шкртнат. Ти си истребен. Ја оставам книгава и ја затворам. Никогаш повеќе не сакав да прочитам уште една книга за војна и никогаш повеќе не прочитав.

Потоа Дилан стигнува до „Одисеја“ каде на многу интересен начин навлегува во приказната за Одисеј и неговите авантури да се врати дома. Дилан дава еден краток опис и осврт на свој начин, кој секако ќе ве натера да посакате повторно да ја прочитате книгата. Со кратки реченици и кратки објаснувања, се доловува суштината и тематиката во книгата. Тој вели:
На многу начини, некои од истите овие работи ти се случиле на тебе. И тебе некој ти има ставено нешто во виното. И ти го имаш делено креветот со погрешната жена. И ти си бил маѓепсан од магични гласови, слатки гласови со чудни мелодии. И ти си отишол далеку и си бил оддуван назад. И ти си имал некои тешки одлуки. И ти си разлутувал луѓе кои не си требал да ги налутиш. И ти си роварел низ оваа земја. И ти си го почувствувал тој лош ветер, оној кој не ти носи добри работи. И тоа не е сѐ.
На крајот тој се враќа и поставува неколку прашања во врска со значењето на сето тоа. Ова можеби и ми е најубавиот дел од целиот говор, особено кога се навраќа на „Одисеја“ и зборува за средбата помеѓу Ахил и Одисеј, притоа пренесувајќи навистина моќна порака:
Кога Одисеј во „Одисеја“ го посетува познатиот воин Ахил во подземниот свет, Ахил, кој го заменил долгиот живот полн со мир и задоволство со краток живот полн со чест и слава, му вели дека тоа било грешка. „Јас само умрев, тоа е се.“ Немаше чест. Немаше бесмртност. И ако можел, би се вратил назад и би бил смирен слуга на фармер на Земјата, а не да биде таму каде што е сега, крал во светот на мртвите и вели дека какви и да биле неговите животни маки, тие биле подобри од тоа да се биде тука во ова мртво место.
Тоа на некој начин се и песните. Нашите песни се живи во светот на живите. Но, песните не се како книжевноста. Тие треба да се пејат, а не да се читаат. Зборовите во драмите на Шекспир треба да се глумат на сцена. Исто како што и стиховите во песните се наменети за пеење, а не да се читаат на страници. И се надевам дека некои од вас ќе ја имаат можноста да ги слушнат овие стихови на начинот на кои треба да бидат слушнати: на концерт или на плоча или на кој и да било начин на кој слушаат луѓето музика деновиве. Се враќам уште еднаш на Хомер кој вели: „Пеј во мене, о Музо, и преку мене раскажи ја приказната.“
Во продолжение слушнете го предавањето, а англискиот транскрипт можете да го прочитате тука.
