Мистериозната приказна за човекот кој 70 години го посетувал гробот на Едгар Алан По!

Едгар Алан По е еден од најистакнатите американски поети и писатели. Познат и како „принцот на темнината“, Едгар Алан По со своите раскази и поеми знае како да предизвика морници кај читателот. Покрај тоа што Едгар Алан По е мајстор за мистерии, дури и неговата смрт се случила под мистериозни околности на 7 октомври 1849 година и до ден денес никој не е сигурен како починал и која била причината за неговата смрт.

Тој бил многу плоден автор, зад себе има оставено прекрасно наследство од неверојатни приказни и поеми кои го етаблираа како мајсторот на мистеријата и темнината.

Различни луѓе се решаваат да го чествуваат наследството на По на различни начини. Еден од нив е еден мистериозен човек кој повеќе од 70 години го посетувал гробот на По и тоа баш на неговиот роденден. Анонимниот човек го добил прекарот „Наздравувачот на По“ поради специјалниот начин на кој тој секоја година го прославувал роденденот на По.

„Наздравувачот на По“ секоја година, во зората на 19 јануари, го посетувал оригиналниот гроб на По во Балтимор, Мериленд. Тој се облекувал во црн капут и носел бел шал и широка шапка. Тој со себе носел шише коњак, си ставал малку коњак во чаша и секогаш кажувал кратка здравица во чест на По. Тој потоа го оставал остатокот од коњакот до гробот и го декорирал гробното место со три црвени рози.

poetoasterweb

Оваа традиција се претпоставува дека започнала некаде во 30-тите години на 20-тиот век и многумина претпоставуваат дека се работи за две генерации, татко и син, кои ја одржувале оваа традиција во живот.

Во неколку наврати, „Наздравувачот“ оставал белешки заедно со розите и коњакот. Некои белешки биле едноставни изрази на почит, како на пример: „Едгар, не сум те заборавил.“ Во 1993 година, белешката имала чудна содржина: „Факелот ќе биде пренесен.“ Во 1999 година, белешката велела дека оригиналниот „Наздравувач“ починал претходната година и ја пренел оваа традиција на својот син. Неколку очевидци забележале дека „Наздравувачот“ кој доаѓал по 1998 година бил помлад човек.

Многумина се обидувале да го дознаат идентитетот на овој човек, но тој секогаш успевал да избега пред да го фотографираат. Постојат повеќе теории за идентитетот на тајниот обожавател на По, но фактите остануваат непознати. Речиси како лик во некоја непишана приказна, самиот посетител добил свои обожаватели.

925149965

На 19 јануари 2009 година, годината во која се одбележаа 200 години од раѓањето на По, оригиналниот „Наздравувач“ ја подигнал својата чаша за последен пат. Обожавателите на По и „Наздравувачот“ биле зачудени кога тој не се појавил на 19 јануари 2010 година.

Џеф Џером, поранешниот куратор во музејот на По, вели дека овој човек намерно го одбрал 200-тиот роденден на По за да ја заврши традицијата и да ги остави последните три рози.

Оттогаш, различни имитатори се обиделе да ја продолжат традицијата, но никој не успеал да ја повтори малата прослава со истата посветеност како оригиналниот „Наздравувач“.

Во 2015 година, Историското друштво во Мериленд одлучило да продолжи со традицијата и одбрале нова личност која ќе го изведува овој ритуал секоја година. Со цел да ја продолжат традицијата како што треба, новиот „Наздравувач“ исто така ќе остане анонимен.

 

Leave a comment