Читањето книги или гледањето филмови често се гледа како еден начин на бегство од реалноста, но книгите исто така можат да бидат потсетник дека треба да се соочиме со тешкотиите во животот кои често се обидуваме да ги игнорираме. Овој тип на конфротирачка книжевност за мене секогаш била највлијателната и најемотивната форма на уметност.
Тешко е да оставите книга кога се огледувате себеси во некој лик. Дејвид Фостер Валас и Вирџинија Вулф се одлични примери за писатели кои создаваат анксиозни ликови со кои човек може да се поврзе и кои нѝ помагаат да се соочиме со тие чувства.
Но, ќе се навратиме на нив подоцна.

Постојат многу утешителни квалитети во читањето книги со анксиозни ликови. Овој тип на четива помагаат при справување со проблемите на тој начин што прават да сфатите дека она што можеби ви делува како ваш проблем всушност е универзална болка. Писателот Џејмс Болдвин има кажано:
„Мислите дека вашата болка и вашето скршено срце се без преседан во историјата на светот, но тогаш ќе се фатите за книга. Книгите се тие кои ме научија дека работите кои највеќе ме мачат, се токму оние работи кои ме поврзуваат со сите луѓе кои се живи или некогаш живееле.“
Некое одлично книжевно дело ќе биде истражување на некој лик: медитација за тоа што значи да се биде човек. Книгите на Вирџинија Вулф ретко имаат некој чист заплет, но се занимаваат со анксиозни или депресивни ликови. Како што ги читаме мислите на овие ликови, се поврзуваме затоа што чувствата делуваат толку реално. За многумина, анксиозноста е огромен дел од нашите животи, а сепак читањето за овие ликови ни дава можност да припаѓаме некаде, особено во моментите кога најмногу се чувствуваме изолирано.

Наместо да обезбедат бегство, овој тип на книги ви дозволуваат, дури и ве тераат, да се соочите со животните тешкотии. На пример, во „Бледиот крал“, Дејвид Фостер Валас опишува лик кој се поти во училница и ги опишува мислите кои зујат во неговиот ум:
„Или тоа [потењето], исто така, се случуваше на секој настан преполн со луѓе, како извидничките состаноци или божиќната вечера во застоената, прегреана трпезарија во домот на неговите баба и дедо во Роктон, каде што буквално можеше да ги почувствува малите точки на топлината на свеќата на масата и телесната топлина на сите роднини собрани околу масата, со неговата глава надолу обидувајќи се да изгледа како да го проучуваше шаболонот на неговата порцеланска чинија, додека топлината на стравот од топлината се ширеше низ него како адреналин или бренди, тоа физичко ширење на внатрешната топлина од кое тој толку напорно се трудеше да не се плаши.“
Колку често сте биле нервозни кога сите гледале во вас? Точноста со која Валас го опишува ова чувство е неверојатна.
Примерот на Валас е нешто со кое секој може да се поврзе, бидејќи во одреден момент секој ја имал таа анксиозна помисла дека ќе се посрамоти пред луѓе. Не можете да ја контролирате анксиозноста и еднаш кога ќе се појави, тоа само го зголемува проблемот. Во овој извадок, луѓето околу нервозниот лик не го ни забележуваат неговото потење, но неговиот ум е во панична состојба, замислувајќи си ги најлошите ситуации.

Иако можеби често мислиме на овие работи, сепак ретко зборуваме за нашата анксиозност, често претпоставувајќи дека сме сами во нашата борба. Валас прави да се соочиме со овој дел од нашиот живот со тоа што го прави читатателот поврзан со писателот и со ликот.
Ова исто така ни дава свежа перспектива за тоа што навистина се случува кога ги имаме овие панични напади. Нашите умови си играат мајтап со нас и прават да се плашиме од најлошото иако ништо не ни недостасува.
Читањето за анксиозните епизоди на писателите кои ги сакаме исто така може да нѐ испирира, затоа што нашите идоли успеале да создадат нешто и да бидат продуктивни и покрај тоа што страдале. Анксиозноста можеби е дел од нашите животи, но таа не нѐ дефинира и ние сѐ уште можеме да се издигнеме до највисоко ниво.
