Како да најдете повеќе време за читање?

Многу луѓе сакаат да читаат и ги сакаат книгите, но се чини дека често се фаќаат во мрежата на овој динамичен и брз живот кој го живееме и тешко им е да одвојат повеќе време за читање. Во моите разговори со луѓето, често ми велат дека навистина би сакале да посветат повеќе време на читање, но дека не знаат како, бидејќи постојатно се преплавени од секојдневните обврски.

Инспирирана од овие разговори, решив малку да истражам и побарам на интернет неколку стратегии и препораки за тоа како да пронајдете повеќе време за читање и мислам дека навистина можат да бидат корисни. Прочитајте ги и обидете се да примените некој од нив и можеби навистина ќе најдете повеќе време за читање.

(извор: Gaman Alice на Unsplash)

Направете го читањето ваш утрински ритуал

Најлесна работа на светов е да посегнете по телефонот веднаш откако ќе се разбудите и да почнете да скролате низ Фејсбук, Инстаграм и е-поштата. Наместо да го започнете денот со тоа што ќе бидете бомбардирани со информации од сите страни, оставете го телефонот и фатете книга во рака.

Брук Томас, писателка и бизнисменка, вели: „За мене, многу е важно да се ставам во вистинската состојба на ум пред да почне бучавата на секојдневниот живот. Ова е причината поради која секој ден се будам во пет часот наутро и се трудам да прочитам нешто инспиративно пред децата да се разбудат и пред да почнат сите секојдневни обврски. Полесно ми е да го апсорбирам она што го читам кога не сум уморна и кога сѐ околу мене е тивко.“

Томас вели дека овој ритуал ѝ помага секој ден да го започнува внимателно и со позитивен став кој останува со неа во текот на денот. Не ви се станува баш во пет наутро? Тогаш читајте додека одите на работа. Ако се возите со автобус, тоа е одлично време да прочитате неколку страници. Ако возите автомобил, можеби можете да се обидете со аудио-книги.

tumblr_n6wrdanhl31qf6rvbo1_1280

Секогаш носете книга со вас

Гречен Скалка, консултантка, вели дека најлесен начин да најдете повеќе време за читање е секогаш да носите книга со вас. Таа вели дека живееме во време во кое трошиме многу време чекајќи, без оглед дали чекаме преглед, фенирање, нарачка и слично. Ова се совршени можности за читање. Таа вели: „Потсетете се само колку пати сте се нервирале кога сте требале да чекате нешто. Зошто да се нервирате? Зошто да не читате?“

Писателот Нил Пасриша споделил многу интересна приказна за Стивен Кинг која е соодветна за оваа стратегија. Тој ја споделил својата приказна за „Харвард Бизнис Ривју“:

„Еден добар пријател еднаш ми кажа приказна која не ми излегуваше од глава. Тој рече дека Стивен Кинг советувал дека луѓето треба да читаат по пет часа дневно. Мојот пријател рече: „Тоа се глупости. Кој може да го прави тоа?“ Но, по неколку години, тој отишол на одмор во Мејн. Тој со девојката чекал на ред пред билетарницата на некое кино и погодете кој чекал во истиот ред пред него? Стивен Кинг. Тој цело време бил задлабочен во книга. Кога влегле во киното, Стивен Кинг читал сѐ додека светлата не се изгасиле. Кога светлата повторно се вклучиле, тој повторно ја извадил книгата. Тој дури читал и додека излегувал од киното.“

Ако не сакате да носите книги, секогаш можете да симнете е-книги во вашиот телефон!

understanding-yourself-is-all-about-loving-yourself-5

Мерете го времето

Ние генерално го трошиме времето онака како што ги трошиме и парите: Немаме премногу и не ни знаеме каде оди. За да го поправите ова, Лиса Гесерт која работи како професионална организаторка советува да го мерите и следите вашето време.

Гесерт вели: „Клучот за пронаоѓање повеќе време е да ги мерите и следите вашите денови во текот на една седмица. Можам да се обложам дека трошите премногу време на работи кои не се важни. Социјални мрежи, подготвување за работа и слично. Во текот на една седмица следете ги вашите денови и видете на што го трошите вашето време. На пример, сигурна сум дека трошите премногу време на социјалните мрежи. Ќе најдете повеќе време за читање кога ќе се ослободите од останатите работи кои непотребно ви го трошат времето.“

Бесплатните алатки како RescueTime и Hours можат да ви помогнат да ги откриете пречките кои ви го трошат времето со тоа што автоматски ќе следат како го трошите времето кога сте на интернет. Можете да добиете детален преглед за тоа кои апликации и страници најчесто ги користите и можеби и самите ќе се изненадите од тоа што ќе го видите.

Започнете со мали чекори

Гречен Скалка вели: „Започнете со тоа што ќе одвоите десет минути за читање. Само десет минути. Ќе се изненадите од тоа колку многу можете да прочитате за десет минути и тоа постигнување ќе остане со вас низ текот на целиот ден.“

Скалка препорачува да ставите аларм на вашиот телефон кој ќе ве потсетува дека дошло времето за вашето десетминутно читање. Таа исто така предлага да читате додека доручкувате или ручате. Ова е одличен начин како да го смените вашиот хаотичен и брз ритам со малку посмирен ритуал.

Следете го вашиот напредок

Кога ќе ја стекнете оваа навиката за читање, следете го вашиот напредок. Ќе добиете чувство дека сте постигнале нешто, а тоа ќе ве мотивира да продолжите со читањето. Веб страните како Habitica ви помагаат да го направите целиот овој процес позабавен со тоа што ги претвораат целите во игра. Колку повеќе читате, толку повеќе поени добивате.

Сталка ја препорачува и Goodreads, социјална мрежа за страсни читачи. „Можете да ги користите апликациите како Goodreads за да забележувате што читате, што сте прочитале и што сакате да читате. Истовремено е и социјална мрежа, па можете да бидете во контакт и со други луѓе и да дискутирате што читате и да разменувате мислења.“

Од моето искуство, Goodreads е одлична алатка за да пронаоѓате нови книги, но и да водите сметка за она што сте го прочитале. Откако почнав да ја користам апликацијата, читањето ми стана многу поорганизирано и едноставно имам многу полесен пристап и преглед на тоа што сум прочитала и она што ми е следно за читање, така што со цело срце ви препорачувам да отворите профил на оваа страница.

И за крај, запомнете: Читањето треба да е забавно, така што најдете нешто што вие би сакале да го читате, а не нешто што мислите дека морате да го прочитате. На тој начин самиот процес на читање ќе ви биде позабавен и полесно ќе ја стекнете навиката за читање, но и порадо ќе издвојувате време за читање.

Leave a comment