Зошто во минатото читањето во кревет се сметало за исклучителна опасност?

Повеќето од нас обожаваат да читаат пред спиење. Нема ништо поубаво од тоа човек да си легне во кревет по напорниот ден и да се опушти со добра книга. Впрочем, читањето пред спиење има многу поволности за кои веќе имам пишувано на блогот. Но, дали сте знаеле дека во 18 и 19 век век читањето во кревет се сметало за исклучителна опасност? Денес на блогот можете да прочитате повеќе за оваа интересна паника која од денешна перспектива изгледа многу смешно.

Едно утро во 1831 година, слугите на Лорд Волшингем го пронашле својот господар целосно изгорен во својот кревет. Според еден извештај во „Спектатор“, „неговите останки биле речиси сосема уништени, рацете и стапалата буквално изгорени до пепел, а главата и скелетот на телото останале како доказ дека постоело нешто човечко во собата.“ Неговата жена исто така доживеала трагичен крај, обидувајќи се да избега од пожарот скокнала од прозорот и починала.

„Фемили Монитор“ ја нарекле смртта на Лорд Волшингем „модерна смрт“. Уредниците заклучиле дека тој сигурно заспал читајќи во кревет, озогласена навика која практично била синоним за смрт од пожар, бидејќи во тоа време за човек да чита, потребни му биле свеќи. Инцидентот станал приказна за предупредување. На читателите им било укажано да не го предизвикуваат Бог со тоа што ќе се забавуваат со „најужасната опасност и катастрофа, беозбразниот порок – носењето книга во кревет.“ Наместо тоа, тие добиле инструкции да го заокружат денот „со молитва, да се чуваат од телесна опасност и зло.“ Уредничкиот коментар зборува за читањето книга во кревет како морален неуспех, сосема вообичаен став во тоа време.

johnsonreading

Врската помеѓу моралот и смртноста била донекаде разумна. Занемарените свеќи лесно можеле да ги запалат завесите од креветот и притоа да предизвикаат смрт или оштета на имотот. И така, лежењето во кревет со книги се сметало за неморално однесување.

Записи од 18 и 19 век постојано ги драматизираат потенцијалните ужасни последици од читање во кревет. „Приказна за вистината и тагата“, мемоарот на Хана Робертсон од 1791 година,  дава еден таков пример. Тоа е драматична приказна за надолна подвижност, поврзувајќи ја со несреќните активности во креветот на еден норвешки посетител, кој заспива со книга: „Завесите се запалија и пламенот почна да комуницира со останатите делови од мебелот и зданието и голем дел од нашите лични предмети и имот беа проголтани од огнот.“

Дури и познатите и мртвите биле прекорувани за тоа што ја имале оваа навика. Во 1778 година, една постхумна биографија го осудувала починатиот Семјуел Џонсон за неговата лоша навика да чита во кревет, опишувајќи го британскиот писател како дрско дете. Една биографија на Џонатан Свифт наведувала дека сатиристот и свештеник речиси го изгорел Замокот во Даблин и се обидел да го сокрие инцидентот со поткуп.

Во суштина, читањето во кревет најверојатно не било толку опасно колку што тоа било зборено во јавност. Од сите 29.069 пожари кои биле регистрирани во Лондон во периодот од 1833 и 1866 година, само 34 биле поврзани со читање во кревет. Мачките биле одговорни за исто толку инциденти со пожар.

55cb3b8538b3c

Зошто тогаш луѓето толку се плашеле од оваа навика? Читањето во кревет било контроверзно најмногу поради фактот што било невообичаено. Во минатото, читањето било заедничка и усна активност. Тивкото читање било толку ретко, што Агустин во своето дело „Исповеди“ со вчудоневиденост го коментира моментот кога го видел св. Амброуз како го чита значењето на текстот само со поместување на очите низ страницата, иако „неговиот глас беше нем и неговиот јазик беше неподвижен.“

Луѓето се плашеле дека осаменото читање поттикнува приватен, фантазерски живот кој може да и наштети на заедницата.

Се до 17 и 18 век, носењето на книга во кревет било ретка привилегија резервирана за оние коишто знаеле да читаат, кои имале пристап до книги и кои можеле да бидат сами. Производството на печатени медиуми го преобразило молчаливото читање во општа навика, навика која била поврзана со зголемената свест и мислење за приватноста. Осаменото читање станало толку распространето до 17 век, што книгите често биле редени во спалната соба наместо во дневната или работната соба.

Во меѓувреме, се промениле и спалните соби. Спиењето станало помалку социјално и поосамено. Во 16 и 17 век, дури и благородниците немале ноќна приватност на којашто ние сме денес навикнати. Во куќата на Тудорите, вообичаено било слугите да легнат покрај креветот или да се пикнат под прекривката на своите газди за да се стоплат. Преку ден, креветот бил центар на животот во дворецот. Монарсите имале посебна одаја со кревет во која ги вршеле сите обврски. Наутро, откако ќе станеле, тие се префрлале од нивната спална соба во сосема друг дел од замокот. Таму имале одаја со уште поубав и полуксузен кревет и во неа тие ги примале своите посетители и гости.

Во Европа, во скромните, селски домаќинства претежно се живеело во една соба. Врз основа на потребите, семејството делело еден кревет или спојувале неколку кревети еден до друг. Во поголемите буржоаски домови кои имале повеќе соби, спалната соба служела како централно збирно место. Креветите со четири столбови и завеси биле измислени во овој период, а со тоа се создало и модерното поимање на приватноста. Во хаотичното, еднособно домаќинство, повлекувањето на завесите од креветот било ретка можност да се биде сам. А самотијата создала опасни можности за престапи.

f635cf64d14686cec7c339aeaff36d76

Во неговата книга за мастурбација, „Осаменички секс“, историчарот Томас Лакуер посочува на директна врска помеѓу нервозата во врска со осаменото читање во тишина и новиот статус на мастурбацијата како јавнa закана: „Книгите, како и мастурбацијата,  за жените создале алтернативни „придружници“ во нивниот кревет“.

Овие осаменички пороци биле осудувани поради стравот дека индивидуалната автономија може да го разниша колективниот морален ред.

Како што спиењето се претворило од јавна во поприватна активност, креветот станал жариште за оваа нервоза. Всушност, вистинската опасност од читање во кревет не бил ризикот од оштетување на имотот или смрт, туку ризикот од замислената загуба на традиционалните навики.

Промените во читањето и спиењето ја потенцирале самодоволноста, основа за размислувањето на Просветителството. Овој нов став го разделил поединецот од општеството.

Општественото опкружување коешто го нудело читањето на глас и заедничкото спиење го вградувало поединецот во заеднивата. Заспивајќи, младата жена сфаќа дека нејзиниот татко хрчи и ја чувствува својата подмлада сестра како лежи покрај нејзините нозе. Кога таа ги слуша библиските приказни, тука постои одреден авторитетен лик кој е присутен за да и го протолкува значењето на текстот.

lizzie-2005-version-elizabeth-bennet-1630995-1280-554

Луѓето се плашеле дека читањето и спиењето во самотија ќе поттикне приватен живот кој ќе му наштети на колективот, особено помеѓу жените. Оној којшто сам заспива е вовлечен во фантазиите на друг свет, место коешто тие го познаваат од книгите. Во текот на денот, примамливоста на фантазијата може да ја привлече жената под покривката за да чита, а со тоа нејзините општествени обврски ќе бидат нарушени.

Позната сопрано пејачка Катерина Габриели наводно читала книга и поради тоа заборавила да се појави на некоја вечера со елитата на Сицилија во домот на Вицекралот на Палермо, кој всушност имал намера да и се додворува таа вечер. Пратиле гласник да ја провери пејачката и тој ја нашол во нејзината спална соба, толку внесена во книгата што целосно заборавила на вечерата. Таа се извинила за нејзините лоши манири, но не се помрднала од креветот.

***

Секоја општествена трансформација секогаш е придружена со морална паника. Интернетот, кој исто така многу влијаеше на начинот на кој луѓето читаат и комуницираат со другите, е модерна верзија на книгата, за добро или лошо. Општествената загриженост за неговата употреба е многу слична со таа за читањето во кревет во 18 век.

Во 2013 година, во интервју за списанието „Ле Монд“, писателот Филип Рот изјавил: „Човек мора да ја признае победата на екраните. Не паметам потажна ситуација и период за книгите, со целиот фокус и непрекината концентрација која ја бараат. Утре ќе биде полошо и секој нареден ден ќе биде уште полош.“

Рот е најверојатно во право: Стабилен фокус и непрекината концентрација си бараат самотија. Но, иронијата е во тоа што грижата на Рот од 21 век е сосема спротивна од грижата на луѓето од 18 век. Денес, кога луѓето се сами во кревет, еден звук од пријателите или непознати луѓе ги залепува за екраните. Општествените врски не се ни под знак прашање кога читаме во кревет. Но, сега проблемот е што човек не може да го прави тоа сам.

Извор.

Leave a comment